Глигоров и СДСМ гонеа вмровци и соработуваа со КОС


16.04.2006 | 16:02:58 | Колумни


Глигоров и СДСМ гонеа вмровци и соработуваа со КОС

Колумна, „Неделно време„, 16.04.2006, Јанко Бачев

(Повод: Интервјуата на Слободана Богоески и на Павле Трајанов во Неделно време)

НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА ги поздравува и целосно ги подржува напорите на “Неделно време” за расветлување на процесите од нашата понова историја поврзани со дејствувањето на Службата за државна безбеност (СДБ) и понудениот предизвик сите што располагаат со сознанија во оваа насока да проговорат отворено, јавно и без страв. Притоа, во оваа насока, со свое интервју во Неделно време број 679 од 20 април 2006 година, се огласи и Слободан Богоески, поранешен потсекретар на СДБ. Не навлегувајќи во мотивите на Богоески, преку неговото интервју бевме сведоци на смислено изнесување одредени манипулации и конструкции. НДМ чуствува обврска спрема граѓаните да изнесе одредени сознанија со кои располага и кои фрлаат поинаква светлина врз дејствувањето на СДБ, на начин што полемизирајќи со ставовите на Богоески и презентирање одредена фактографија, ќе се обидеме да им ја освежиме меморијата на структурите во СДБ.

Прво, Богоески вели дека во првата експертска влада четворица министри биле на платен список на странски служби. Вистината е поинаква. Имено, според дебелите досиеја на СДБ за долгогодишна полициска обработка, Богоески ги сугерира за министрите Александар Лепавцев, Димитар Димитров, Јордан Мијалков и Мартин Треневски. Но, Богоески смислено ја извртува вистината, бидејќи точно е дека СДБ со децении ги обработувала овие личности, но не поради тоа што биле на наводен список на странски служби, туку поради тоа што се залагале за самостојна Македонија.

СДБ во тоа време ги смета за македонски екстремисти и во рамките на службата се етаблира и посебна линија на работа наречена “македонски екстремизам”, во чии рамки, покрај овие министрѕ, се следи и прислушува се што е на линија на ВМРО и независна македонска држава. СДБ имаше задача особено да го искомромитира Алексадар Лепавцев, преку заведената оперативна обработка “Зидар”. Бидејќи, како што е познато, на 6 февруари 1991 година ВМРО- ДПМНЕ го предложи за премиерска функција, но тогашниот претседател Глигоров, на седмата седница на македонскиот парламент, која почна на 25.2.1991 година, со пишан говор од СДБ, на собраниската говорница, со перфидни конструкции го одбива предлогот и преку познатите сплеткарски манири се изигра ВМРО-ДПМНЕ, како победничка партија на првите плурални избори.

Глигоров и СДБ во тоа време едноставно не можеа да прифатат создавање независна држава и залагањето за ВМРО и независна македонска држава мораше да биде под контрола на СДБ, односно КОС, кој и по осамостојувањето се уште ги влечеше конците во Македонија, преку кадрите во СДБ кои останаа во папочна врска и функционираа како филијала на КОС во Македонија. И можеби затоа Македонија е уникатен пример на меѓународната политичка сцена, бидејќи се конституира како независна држава, наспроти нејзината волја, затоа што општо познато е дека Глигоров несебично се залагаше за зачувување на Југославија, и дури кога се виде дека Југославија не може да се задржи, тие се определија за независност.

Пред неколку години се сретнав со еден мој пријател од МВР, кој на осумнаесетгодишна возраст од 1985 ја почнува својата полициска кариера во службата за следење. И го прашувам како им оди работата. “Еве, преку к.. ми е веќе во овие десет години постојано да ги следиме овие старци (дел од погоренаведените министри), кои секоја вечер имаат прошетки покрај кејот на Вардар, прифаќајки ги од нивните домови и по прошетката повторно испраќајќи ги до дома. И најверојатно и јас ќе остарам на нив, како и мојот претходник кој порано ги следел преку дваесетина години, а службата ниту ги апси, ако се интересни, ниту пак ги остава на мира”. Значи, тоа се “платениците” на странски служби за кои зборува Богоески, а всушност тоа беа министри-македонски патриоти, кои искрено си ја сакаа независна Македонија, но структурите на СДБ не можеа тоа да го разберат и за нив тие беа т.н. внатрешни непријатели. За секојдневното полициско следење на македонските патриоти, СДБ во тоа време ексклузивно го информира само Глигоров, и всушност тоа се тие информации за кои зборува Богоески, а кои требало да ги кријат дури и од Владата.

Нешто и за кризниот штаб на владата во тоа време и за кршење на ембаргото спрема Југославија. Богоески вели дека кризниот штаб го контролирале владини министри и стопанственици (читај: врвните македонски гангстери што ја опљачкаа Македонија) и преку разлика на цените оствариле огромни профити. Вистината е поинаква.

Ноторен факт е дека свесно се кршеше ембаргото спрема Југославија, но Богоески ја премолчува вистината кога не открива дека токму македонските патриоти во првата Влада, вклучувајќи ги и погоре споменатите министри на кои СДБ им конструира обемни досиеја, во тоа време се залагаат наместо приватните фирми на познатите македонски гангстери да прават енормни профити од кршењето на ембаргото, тоа да оди преку формирање едно полутајно владино јавно претпријатие, кое ќе го контролира одобреното од ООН, кршење на ембаргото спрема Југославија, и на тој начин огромните профити да завршуваат во државниот буџет, а не во приватни џебови.

Да потсетам само дека, според јавно изнесените проценки од нашиот коалициски партнер Павле Трајанов од Демократски сојуз, од кршењето на ембаргото е остварен профит од околу 5 милијарди марки, кој заврши во приватни џебови. А што значи оваа сума за буџетот на Македонија во тоа време не треба посебно да се елаборира- доволно е само да се спомне фактот што Македонија во тоа време молеше за “бедни” 15 милиони долари од Сорос за да увезе нафта. Богоески ја одмолчува ОА “Трансформација”, во која е содржано речиси се за актерите и за процесот на криминалната приватизација, но, во предвечерјето на парламентарните избори во 1998 година, СДБ ја дерегистрира оваа акција и целокупната документација завршува во рацете на Бранко Црвенковски. Некаде по атентатот врз Глигоров, кога апсолутно ја зацврсти својата власт, Црвенковски беше единствен на кого му се доставуваа сознанијата во рамките на оваа акција.

Збор два и за релациите СДБ и ВМРО- ДПМНЕ. Богоески во интервјуто кажува дека Службата за државна безбедност немала никакво влијание во ВМРО ДПМНЕ и дека најпрофесионално си ја вршела работата. Вистината е поинаква.

СДБ во тоа време најголем дел од својата оперативна работа ја насочи токму кон контрола на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи оваа партија промовираше “опасни” идеи, како, на пример, идејата за независна Македонија. И следствено на ова, т.н. внатрешни непријатели требаше да бидат под контрола. СДБ околу 70-80 отсто од оперативниот ангажман го поминуваше на”македонските екстремисти” (читај вмровци), и затоа во Службата најексплоатирана е линијата македонски екстремизам, а останатите 20-30 отсто отпаѓаа на линијата на албански екстремизам. И тука завршуваа сите активности на службата.

Огромно е задоволството на Глигоров во тоа време што ВМРО ДПМНЕ е под целосна контрола, а на теренот СДБ има “брилијантни резултати”, со тоа што прави одличен пробив во највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на оперативните акции “Темел” и “База”, а во чии рамки преку надежниот оперативец во тоа време Силјан Аврамовски ќе ги врбува и инсталира во највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ, ОО “Административец” и ОО “Рон”. Значи, во тоа време СДБ не само што имала големо влијание туку ВМРО ДПМНЕ, како партија, е најголемиот “клиент” на СДБ.

Богоески вели дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имало најголем погром на кадри во МВР во историјата. Вистината е поинаква

Имено, токму во периодот 1998-2002, СДСМ има таква контрола врз СДБ што верувам дека немало ниту во времето на Колишевски. Но, за жал, тогашното вмровско раководство не можеше да го разбере значењето на темелно проветрување на СДБ и преку мошне суптилни методи (просторот не ни дава можност за поширока елаборација), клучните оперативни работи беа под директна контрола на СДСМ. А Љубе Бошковски беше само номинален министер во МВР, без реално влијание и претстава за вистинските настани.

Да се биде министер во МВР не значи дека министерот има целосна контрола, ако не се обезбедат и другите предуслови, пред се целосна лојалност на директорот и оперативна хиерархијата надолу во СДБ, кои се клучните чинители. И, за жал, ниту министерот во МВР во 1991 година ниту пак во 2001 година ја имаа контролата врз македонската тајна полиција. На пример, во критичната 2001 година многу повеќе информации од ДБК добиваше Миле Зечевиќ, вработен во кабинетот на тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски, отколку министерот Бошковски затоа што клучните директорски места во МВР и оперативната хиерархија надолу ги држеа инсталациите на СДСМ, кои пак во деведесеттите години од минатиот век правеа кариери во МВР токму на беспоштедната полициска обработка на т.н.внатрешен непријател и ВМРО.

Богоески кажува дека Љупчо Георгивески и неговата дружина и нанеле толкаво зло на Македонија што не се памти ниту за време на турското ропство. Вистината е поинаква.

Без разлика што и јас дојдов во концепциски судир со оваа дружина и се разделивме во јануари 2002 година, сепак, за волја на вистината, оваа дружина покажа највисоки економски резултати за време на своето владеење, но имаше целосно промашување на безбедносен план, а во најголем дел, благодарение на фактот што безбедносните служби во критичниот момент беа под директна контрола на СДСМ, од каде ги насочуваа работите во за нив посакуваниот правец со крајна цел-голо освојување на власта без оглед на последиците за државата. Значи, не се согласувам дека Георгиевски е најголемото зло за Македонија затоа што Богоески го кажува, туку затоа што не ја искористи историската шанса да се расчисти со клучната комунистичка дружина стационирана на Водно, а преку нив и со десетината гангстери на македонската економска сцена, по што сум уверен дека Македонија денеска ќе беше вистинска држава.

Богоески на повеќе места во суперлативи ја оценува и истакнува наводната историска улога на Киро Глигоров. Вистината е поинаква.

Факт е дека Киро Глигоров има некои заслуги и со тоа никој не спори. Меѓутоа, делото на Глигоров теба да се гледа и од друг аспект. Не може во суперлатив да се оценува, а да не се истакне улогата на Глигоров во осамостојувањето на Македонија со поинаков став од ВМРО-ДПМНЕ односно од т.н. внатрешни непријатели во тоа време, во менувањето на Уставот, знамето, обезличувањето на државата со името и огромната одговорност за криминалната приватизација во оваа држава, од која произлегуваат сите денешни негативни реперкусии. Богоески одмолчува, но историската наука еден ден ќе го обелодени фактот дека Глигоров, според евиденциите на СДБ, доаѓа во Македонија како долгогодишен соработник на КОС под псевдоним Гавран, додека пак, носителот на втората највисока власт во тоа време доаѓа во Македонија со претходни силни врски со поранешниот КГБ. Понатаму, исто така, ќе се дознае и зошто во пресрет на парламентарните избори во 1994 се наредува првиот бран на чистење на овие досиеја во СДБ, кога веќе биле “историски” личности со огромни заслуги за Македонија. Но, за среќа жив и здрав е тогашниот министер Љ.Д.Ф и во моментов не гледам никаква причина да проговори за овие аспекти за Глигоров и за дружината му.

Значи, наместо високо професионална СДБ, истата и до ден-денес си остана тоа што отсекогаш и била-партиска тајна полиција. НДМ е сега уште повеќе на мислење дека од двата концепта за реформи на државната безбедност, кои ќе ги понудиме по победата на парламентарните избори на нашата здружена коалиција “За подобра Македонија”, сметаме дека порадикалниот концепт е поприфатлив, а кој подразбира комплетно распуштање на македонската тајна полиција и етаблирање високо професионална, стручна и оперативна служба, со единствена цел да се грижи за разузнавачка и контраразузнавачка заштита во услови кога во државата “врие” од странски шпионски активности, а не и понатаму да се занимава со т.н. внатрешни непријатели.

Затоа, наместо да се замаглуваат работите, етички и човечки е во оваа држава да се изнајдат сили и храброст да се проговори во јавноста за сите овие работи, и актерите да се извинат на македонскиот народ, макар и со реченицата од типот: “Такви беа времињата”.