Брате Драган, удбашите се разбудија


24.10.2006 | 15:58:29 | Колумни


Брате Драган, удбашите се разбудија

Колумна, „Шпиц„, 24.10.2006, Јанко Бачев

Драги брат и соборец Драган, здраво и живо. Пред извесно време УДБА повторно ги исползува своите слуги и непријателите на нашето дело да пласираат по нарачка на една телевизија најгнасни лаги и конструкции спрема тебе, за да те оцрнат и да те прикажат како долгогодишен соработник на тајните служби и дека по нивна замисла наводно си ја основал твојата партија ВМРО ДПМНЕ и слични небулози-со краен ефект, се разбира, да ја дискредитираат нашата борба и да го скршат нашиот дух за вистинска независна татковина. Откако се созедовме од првичниот шок, ние во организацијата веднаш презедовме мерки да ги расветлиме овие конструкции.

Првичните наши сознанија говорат дека и овојпат од заднина има замешано прсти самопрогласениот “државник” Бранко Црвенковски, кој во моментот се прикажува како претседател на нашата татковина, иако за тоа нема валиден легитимитет ниту морално и наше, македонско, обичајно право. На јавната сцена , пак, те оцрна и “жигоса” (замисли!) твојот егзекутор Јован Трпеновски (и уште некои во емисијата), една стара проверена инсталација на УДБА, која му овозможуваше високи јавни и државни функции во комунистичка Македонија, за денес, во демократска Македонија, на која ние македонските патриоти и го посветивме целиот живот, наместо ова лице да биде “закачено” на столбот на срамот (и многубројни други личности), да си тера адвокатски бизниси, а во слободно време по нарачка да експлоатира во јавноста и корупциски случаи.

Знам дека ќе осетиш голема мачнина во душата кога ќе го прочиташ името на Трпеновски, кој е еден од тие што ти го загорчија животот кога во својство на тогашен окружен јавен обвинител на главниот претрес одржан од 12 до 16 февруари 1979 година, во целост “го докажа” обинението спрема тебе како македонски политички емигрант против СФРЈ и нејзиното општествено уредување и самоуправниот систем, за разбивање на братството и единството и за загрозување на територијалната целина на СФРЈ, преку обидот за создавање независна македонска држава, во која денес комфорно уживаат токму твоите егзекутори. По ова, судскиот совет од петмина под претседателство на судијата М. С. ти изрече драконска казна затвор во траење од 13 години, од која одлежа цели десет години и седум месеци во занданите на “Идризово”.

Но, идиотските и моронски конструкции против тебе, за кои ти пишувам во писмото, за среќа, зборуваат најмногу за нивниот “плиток” ум, бидејќи кој денеска ќе им поверува на нивните безочни лаги, кога секој нормален човек знае дека УДБА (како и секоја друга тајна полиција) своите соработници дебело ги наградува, а никако не ги фрла по затворите да одлежуваат по десетина години? А токму тие, брат Драган, инспираторите и организаторите кои денеска по телевизиски емисии го валкаат твоето име, биле и се најзакоравените соработници на УДБА, која за возврат меѓу другото ги наградува(ше) со високи јавни и државни функции-и тогаш и сега.

Од презафатеност, бидејќи деновиве добивам голем број писма од нашите стари и искусни борци, на кои треба да им пишам повратно, немам време за пошироки писанија и затоа овојпат ќе ти пишам само за неколку соработнички удбашки случаи до кои дојдовме во организацијата. За егзекуторот Трпеновски веќе ти пишав, а да ти кажам дека беше крајно невкусно и одвратно во телевизиската монтировка да се гледа и слуша како стариот удбаш Киро Глигоров извикува “Македонија ни е се што имаме”. Организацијата дозна дека Глигоров одработувал за УДБА (псевдоним “Гавран”) уште од далечната 1946 година, но овој човек веќе е во поодминати години, го отслужи своето и воопшто не претставува некаква опасност за нашата натамошна патриотска борба. Во моментов, за организацијата и татковината најголем непријател е наследникот Црвенковски, кој ја држи Републиката во целосен мрак и покорност веќе петнаесетина години, притоа создавајќи брилијатна тајна мрежа на која го потпира своето диктаторско и предавничко владеење.

Оваа подземна тајна структура е распослана речиси во сите области во нашата ни мила татковина. Инаку, како и Глигоров, и политичките висови на наследникот Црвенковски се дело на удбашките структури и во моментов нашите луѓе на теренот кои работат по принципот на “тројки” прават обид да откријат зошто во овој момент пајташите на “државникот” те дискредитираат тебе и твојата ВМРО ДПМНЕ. Во моментов, голема е нашата радост кога дознавме дека и во Македонија се спрема некаква лустрација, каде што меѓу другите и “државникот” ќе биде ставен во ќор-сокак самиот да ја каже вистината како неговиот пријател неоврховистот Прванов од Бугарија, инаку долгогодишен соработник на државната сигурност.

Старите врховисти, кои беа нашите бугаромани во татковината и дијаспората (МПО) и не се веќе така опасни, како новите врховисти, агентите на србоманската клика околу Матицата на иселениците, за чудо, твојот егзекутор Трпеновски, од разбирливи причини, ги премолчува. Организацијата е трпелива и ќе ги почека “ефектите” од овие т.н. лустрации, но доколку не го видиме посакуваното, Централниот комитет на организацијата ќе дејствува.

Брат Драган, сигурно ќе те израдува веста дека Гордана Стошиќ деновие беше “на клоци” избркана од местото директор на националната телевизија. Се сеќаваш какви сплетки во 1990 година, во копродукција со покојниот припадник на удба, Добри Величковски, ти “спакува” Стошиќ, како тогашен уредник во МТВ, кога исценираа твое интервју во објект на МВР, а во функција на твое дискредитирање и тогашно разнебитување на ВМРО ДПМНЕ. Тие притоа ја искористија твојата опседнатост да расчистиш со бугароманските врховистички елементи во партијата, кои тогаш, сепак, нереално ги преувеличуваше како резултат на објективни околности и твоето 40-годишно отсусутво од земјата. Патем, да ти кажам дека организацијата дозна за некои псевдоними и за Стошиќ, но за ова пошироко ќе ти пишам во друга пригода.

Значи, по сето напишано, да не им веруваш на сопствените очи и уши, кога платени јаничари и удбаши до еден, нашле тебе, брат Драган, да те оцрнуваат и етикетираат за соработник на УДБА, во стилот на народната кога арамиите викаат “држете ги арамиите”. Вистинските соработници на УДБА, како ортодоксни лакеи и слуги, денеска си вообразиле дека се господари и дури се дрзнаа во најсветото нешто, по телевизии да ги черечат македонските париоти. Тоа се истите оние македонски предавници (или нивните наследници, сеедно), кои во 1945 ја уништија македонската народна војска, кога таа не сакаше да оди на Сремскиот фронт, а беше спремна да маршира за Солун. Тоа се истите предавници кои во 1946 делови од македонската територија заедно со старата македонска светија манастирот “Свети Прохор Пчински” им го отстапија на Србите, а легендарниот претседател на АСНОМ, М.А.Ченто, го уапсија и го осудија единаесет години робија. Тие се истите оние арамии што за себеси обезбедија живот на турски паши и ориентални махараџи, а нашиот народ го доведоа до питачки стап. Тоа се истите народни крвопијци, кои ја обезмакедончија Македонија и ја оставија без круна, престол, име, знаме... испадувајќи ги Македонците по Австралија, Америка, Канада и по западноевропските земји. Тоа се истите оние изроди од кои Македонија плаче и плука крв. Ете тие, туѓински измеќари, марионети и фантоми на УДБА, наместо да молчат и да се закопаат два метра под земја, зашто самата нивна појава смрди на предавство и на вазалство, денеска јавно ги клеветат македонските патриоти. Силен е повикот наш до нив- изроди едни, вие ли ќе зборувате за македонските работи, кога единствено лажете, крадете и убивате !

Толку за овој пат, драги наш претседателе на Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ). Ќе ти пишам и утре, зошто сите ние сносиме одговорност за политиката што ја водиме. Срдечни братски и патриотски поздрави од вашиот собрат и маченик. Пренесете поздрави до нашите браќа и сестри во емиграцијата.

Смрт или слобода!