Брате Драган, не можат да не скршат


25.10.2006 | 15:57:02 | Колумни


Брате Драган, не можат да не скршат

Колумна, „Шпиц„, 25.10.2006, Јанко Бачев

Драги брат Драган, многу се израдував кога разбрав дека со големо воодушување и радост си го примил моето вчерашно писмо и искрено и од се срце ние овде во Македонија од Народното движење за Македонија ти благодариме на искажаните желби да истраеме во борбата за македонските идеали.

Веднаш да ти кажам дека сожалувам што со тоа писмо не ти напишав се за некои состојби во организацијата и нашата татковина, но моето вчерашно прекинување на пишувањето се должеше на тоа што Централниот Комитет (ЦК) на организацијата вчера свика специјален состанок во врска со почнатата клеветничка кампања што почна во Македонија, за да те омаловажуваат и оцрнат. Ние знаеме дека УДБА има јака шпионска мрежа и на еден многу мајсторски начин го сузбива НДМ. Агентите на УДБА се дресирани луѓе и на современ начин ги демолизираат и пасивизираат нашите, а каде тоа не им успева, употребуваат и терор. Еве сега, украдов малку слободно време за да ти напишам за некои важни заклучоци од седницата на ЦК, а и самиот знаеш дека сум претрупан со работа како и секогаш, а посебно сега, кога сета работа околу редактирањето, илегалното печатење и дистрибирање на нашиот весник “Македонска нација” и во татковината, ми падна на мене.

Организацијата донесе решение во следниот број на весникот “Македонска нација” да даде едно разложение за твоето киднапирање, мачење и мрцварење во крвавите ќелии на УДБА, за да ги разобличиме експонентите на белградската диктатура. На тој начин сметаме дека тактички ќе можеме да им се спротиставиме на злокобните клевети што деновиве се шират против тебе, на една телевизија во Македонија. Со читањето на нашиот весник нашите браќа и сестри во поробената ни татковина и нашинците во дијаспората ќе можат уште подобро да го запознат братот Драган Богдановски.

Се сеќаваш, брат Драган, како агентите на УДБА некаде на почетокот во 1978 година, те киднапираа во Франција и со инјекција за заспивање (која редовно ти ја дуплираа на граничните премини, за да изгледа дека спиеш во автомобилот), те довезоа до комунстичката Словенија, по што со авион те префрлија во Скопје. Тука требаше да ти суди “народниот суд”, бидејќи си дејствувал “непријателски” против твојата земја. Се разбира дека тоа се однесува на Југославија, зошто ти никогаш ништо немаш направено против Македонија, која всушност е твоја единствена земја. Но, како што личи на една “демократска” држава, наместо да те предадат на истражните органи, агентите на УДБА ќе те држат повеќе од една година во полициски притвор во специјалните објекти на Солунска Глава и во познатото скривалиште “Јасен”. Агентите кои ќе ја вршат оперативната мерка т.н. расчистување со тебе, во голем број случаи и физички ќе те малтретираат, со неподнослив ќотек.

За да го скршат твојот дух, агентите на УДБА дури ќе смислат и твоја “оперативна поделба”, па така, тогашниот удбаш К.Ѓ. ќе биде задолжен да расчистува со тебе за прашањата во врска со емиграцијата, тогашниот агент С.П., ќе расчистува со тебе за прашањата во врска со твоите наводни врски со западноевропските разузнавачки служби... Силно одекна веста помеѓу твоите соборци, кога во еден момент на искушение не си можел веќе да ги истрпиш понижувањата и малтретирањата, па си сакал да се самоубиеш при едно твое вообичаено превезување со полициски хеликоптер од “Јасен” до Скопје, со скокање од хеликоптерот. Откога по твоето едногодишно нечовечко мачење и херојско држење во крвавите ќелии на “Јасен” (можеби и ова е една од причините зошто во Македонија се уште ова подземно скривалиште се крие од очите на јавноста) агетните на УДБА разбраа дека не можат да те исплашат и скршат, дополнително те предадоа на правосудните органи кои ќе те осудат на 13 години робија во “Идризово”.

Со твоето затворање како лидер на ДООМ, во Движењето се појави голема празнина. Сигурно се сеќаваш дека и Амнести интернешнел, организација која им помага на политичките затвореници во светот, направи обид да помогне околу твојот затворски случај. За тоа многу се заложи братот Миле Илиевски од Шведска, кој имаше повеќе преписки со нив по твоето затварање, за поконкретно да им го образложи твојот монтиран случај. Но, сигурно многу ќе се изненадиш кога ќе го прочиташ она што нашите тројки на теренот го добија како информација-колку мајсторски игра УДБА може да се види и од тоа што успеала дури да допре и до твојата разведена сопруга, норвежанката Брит Остенген, која во писмото од 10 јуни 1981 до одговорната во Амнести Интерешнел Регина Ваксман, ќе даде лоши квалификации за тебе, дека воопшто не си политички затвореник.

Ете затоа, весникот, органот на Движењето ги отвора страниците на сите македонски ќерки и синови да ја видат твојата голгота, со братскиот повик да дигнеме врева против тиранијата што не прогонува и мачи, нас и целиот народ, да работиме за довршување на македонскиот идеал- и Егеј и Пирин и Вардар обединети да ги видам. Ние старите и искусни борци ќе ги издржиме сите искушенија во нашето илегално дејствување во комунистичка Македонија.

Инаку, вчера, покрај на тебе, морав да одговорам и на писмата на други наши стари борци во дијаспората кои ми пишаа многу од поодамна. Тука мислам на браќата Илиевски, Шариновски, Солунски, Ристевски, Стамковски, Србинов, Марковски и редица други на чие дело заедно со тебе и покојниот Шамбевски се роди движењето. За малку ќе заборавев: организацијата дојде до некои детали и во врска со убиството на организацискиот секретар на Движењето, братот Шамбевски, кој, како што ти е познато, претходно бил по затворите во Југославија, потоа пребегнал преку граница и се приклучил на македонската емиграција, а агентите на УДБА зверски го убија во 1974 година во Германија. Директниот злостор над нашиот брат го извршил активен припадник на македонскиот дел од сојузната југословенска УДБА, а лицето за кое се сомневавме да ти бил некоја логистика. Понатаму, драги брате Драган, дознаваме дека мајсториите на УДБА и овојпат се совршени, па тие да ти имале некоја стратегија на т.н. еквидистанца, според која требало во тие години да ликвидираат по некој истакнат член од политичките емигрантски организации од сите југословнески репубики, сосе покраините. Па така, во таа 1974 година, ликвидиран е и доктор Јелиќ во неговата ординација во Германија, па директорот на ИНА, хрватскиот емигрант Ѓурековиќ (кого УДБА го ликвидира во автомобилска гаража во Германија), па еден истакнат член од косовските емигрантски организации ликвидиран од УДБА во Шпанија, па нашиот брат Шамбевски... Но, предавниците на нашиот народ ќе ги сретне црната рака на ВМРО. Тие ги тепаа, стрелаа и бесеа вмровците, но не можеа да го скршат духот на ВМРО. Клето да му е проклето на оној Македонец што гази преку коските на нашите комити и војводи, дедовци и татковци. Не сакаме богатства, не сакаме пари, само човечки правдини. Не сме Јужносрбијанци, ни Елини, не сме ни Бугари, туку чистокрвни Македонци, централисти, директни потомци на античките Македонци. Срдечно те поздравува вашиот собрат и маченик.

Пренесете поздрав до браќата и сестрите во емиграцијата.

Смрт или слобода !

П.С. Драган Богдановски е една од најмаркантните личности во повоената македонска историја кој се бори за слободна независна и обединета Македонија. Емигрира во 1951 година и во неговата 40-годишна емигрантска дејност во западноевропските земји ќе ги формира македонските емигрантски политички организации Ослободителен комитет на Македонија (ОКМ), Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ), Народноослободителен фронт на Македонија (НОФМ). Во март 1990 во Гетеборг ја основа Демократска партија за македонско национално единство (ДПМНЕ), за подоцна да се приклучи една група од МААК (со Љубчо Георгиевски) и со додавката ВМРО ја основаат ВМРО ДПМНЕ на 17 јуни 1990 година. Трагичен е фактот што македонските јаничарски власти, поточно поранешниот министер за култура во 2003 година не ја прифати благородната иницијатива на Коле Мангов од Скопје (самиот припадник на вмровските тројки од 1958 година) името на Драган Богдановски да влезе во програмата “100-години Илинден”. Умира во мај 1998 во Шведска, а погребан е во Македонија.

На македонскиот борец и маченик,

Драган Богдановски со чија смрт изгубивме голем мотиватор за делото за кое сеуште работиме.

нека му е лесна црната Македонска земја!

Збогум војводо!