Парашпионска мрежа на Црвенковски


07.11.2006 | 15:55:20 | Колумни


Парашпионска мрежа на Црвенковски

Колумна, „Шпиц„, 07.11.2006, Јанко Бачев

Се чуствувам повикан да кажам нешто во врска со актуелната афера предизвикана од изјавата на претседателот на НСДП Тито Петковски, дека големите политички партии поседуваат прислушни уреди.

Верувам дека и овој скандал ќе нема посакувана завршница што беше вообичаено за досегашните слични афери, кои суптилно се забошотуваат. И тоа од две причини. Прво, штом случајот се предава на соодветни собраниски комисии, а имајќи ја притоа предвид нивната досегашна работа кога расправале за слични случаи, јасно е дека резултатот ќе биде незначителен, речиси никаков. Второ, залагањата случајот да го расветлува собраниска комисија составена од обвинетите политички партии, на чело со инволвираниот Тито Петковски (за ова подолу), бидејќи прозваните партии треба да истражуваат и да ни кажат дали имаат прислушни уреди, што, секако, уште на почеток остава сомнеж, дури и ако навистина ги немаат. Колку што ми е познато, некаде во “турско” важел принципот “кадија те тужи, кадија те суди”, додека пак во модерните демократии (каде, нели, е и Македонија) обвинетиот не може да биде судија во својот предмет, што значи дека најисправно и во интерес на вистината е случајов да го истражува надворешна комисија составена од непристрасни професионалци.

Но, да ги оставиме пратениците да истражуваат, а во продолжение и јас да се вклучам во ова најнова забава за граѓаните продуцирана од Петковски. Имено, во предизборната 1998 година, СДСМ, подготвувајќи се за опозициско дејствување, дојде на идеја да формира паралелна разузнавачка служба под негова контрола, која функционира до ден-денес. Една одбрана група од тајната полиција (дваесетина припадници и неколку пезионирани агенти, чиј список го знае НДМ), предводена од висок функционер на Службата за државна безбедност (СДБ), пред изборите во 1998 година заминуваат од СДБ и во просториите на поранешната Железарница ја реализираат дефинираната стратегија за формирање паралелна разузнавачка служба.

Спомнатата парашпионска структура ќе дејствува за цело време и на вмровската власт од 1998 до 2002 година, благодарение на фактот што тајниот центар на Бранко Црвенковски во СДБ ќе ги има клучните позиции во тајната полиција преку своите инсталации. Во тоа време, вмровската власт беше контролирана и приклештена помеѓу две разузнавачки структури-онаа легалната СДБ, која Владата на ВМРО-ДПМНЕ божем ја контролира, и веќе спомнатата парашпионска служба. Од аспект на поставеноста на средствата и методите на работа, ова служба во ништо не се разликува од дејствувањето на класичните служби. Имаше свои оддели за тајно следење и набљудување, за оперативна работа и аналитика. Се работи за мошне мобилна служба, организирана на прицип на база и станици. Како што веќе пишував, имаат база сместена во една здравствена организација и две станици стационирани во два стана. На теренот, како и секоја разузнавачка структура, прибираат разни “оперативни податоци” за свои политички цели, а тука мислам на политичките противници и по потреба за т.н дворски игри и сплеткарења во самиот СДСМ, а се за потребите на Црвенковски како глава на тајниот центар.

Не е отповеќе да спомнам дека во врска со расветлувањето на аферата “Големото уво”, вештакот, брат на пратеникот Јани Макрадули, кажа невистина дека само МВР располага со оперативно-технички средства, бидејќи во тоа време веќе функционираше спомнатата паралелната разузнавачка структура. Но, за “Големото уво” повеќе во некоја следна пригода, бидејќи елементарната пристојност ми налага, сепак, да почекам како ќе се одвиваат настаните со иницираното од Новата социјал-демократска партија.

Инаку, уште при самото формирање на оваа паралелна полициска структура е дефинирана и легендата за нејзина заштита, доколку, се разбира, еден ден биде пробиена и го привлече вниманието на јавноста. Во оваа насока е смислено образложение со кое во јавноста ќе се сервираат информации дека всушност станува збор за некаков центар за анализа за потребите на една позната моќна компанија, или, пак, нешто како група за т.н. стопанско разузнавање или индустриска шпионажа. Оваа паралелна структура некаде во преизборието на 2006 година ја исфрли од употреба својата првобитна опрема, со набавка на веќе т.н.втора генерација на оперативно-технички средства, што несомнено оди во прилог на тезата дека СДСМ во тоа време веќе бил свесен дека ги губи последните парламентарни избори и дебело се спремал за опозициско дејствување. Значи, освен легалниот МВР, постои уште еден паралелен вонинституционален разузнавачки центар.

Интересно е и тоа што оваа парашпионска организација, под директна контрола на Црвенковски, поседува детали и за некои уреди кои дополнително ги има набавено ДУИ уште за време на “војната” од 2001 година. Инаку, една државна делегација од широката владина коалиција во 2001 година, во август истата година, во хотелот “Белви” му исплати 500.000 германски марки на лицето Р.С (висок државен функционер на ДУИ во минатата власт), кој важел за медијатор со ОНА, затоа што ОНА од Арачиново се закани дека ќе ја срамни со земја рафинеријата “Окта”, а овие пари, според тие сознанија, се употребени за “некакви апарати”.

И сега, се разбира, како што спомнувам погоре, се поставува прашањето каде е инволвираноста на Тито Петковски во целиот овој случај. Одговорот е едноставен. Тито Петковски во предвечерието на парламентарните избори во 1998 година, кога СДСМ носи одлука да ја формира спомнатата парашпионска организација, е во најтесното сдсмовско раководството. Во оваа насока, јас ќе му верувам на Петковски дека има најискрени намери да се расчистат нелегалните прислушувања, само доколку излезе во јавноста и каже дали е точно она за кое пиушувам погоре.

Нејсе. Значи, и преку овој најнов текст се обидувам да дадам скромен придонес во расветлување на процесите и настаните од нашата понова историја. Но, како што е вообичаено за моите пишувања, кои, нели, задираат во суптилни теми од извонредно значење за државата, засегнатите, или ги игнорираат и заташкуваат, или, пак, со извесно закаснување добиваат целосна верификација на политичката сцена.

Така, на пример, требаше да се случи смената на Владо Бучковски во СДСМ, за самиот преку интервју во “Фокус” да ни соопшти дека тајната полиција на Миле Зечевиќ неколку месеци наназад спремала посебни компромитирачки досиеја за некои делегати на сдсмовската конвенција за да со уцени и закани се влијае на нивното изјаснување при гласањето довеба на Бучковски. Настрана прашањето зошто би се плашеле тие делегати, ако се чесни, се разбира. Но, кога медиумите го објавија соопштението на мојата партија Народно движење за Македонија на 4 август 2006, дека Зечевиќ со одбрани агенти на тајната полиција искористувајќи го празничното расположение по повод Илинден, од зградата на СДБ изнесува голем број службени материјали за подоцна да се конструираат досиеја за “нашите” и “нивните”, тогаш Бучковски изјавуваше дека тоа се глупости. Ако му е за утеха, Бучковски, нека се стрпи, бидејќи по консолидирањето на редовите на СДСМ, ќе види дека тајната полиција има спремено бајаги досиеја и за лица од актуелната власт со кои ќе “распукаат” во јавноста.

Во спомнатото интервју Бучковски кажува за некакви квазиразузнавачи кои нанесуваат огромна штета, но “заборава” дека вршеше највисока функција и дека ништо не презеде да ги реформираме тие квазиразузнавачи и тајните служби, бидејќи тајната полиција до ден-денес е така организациски и функционално поставена да ги гони единствено политичките противници. Затоа, г. Бучковски, да не ви се случи пак “доцна да палите”, ве повикувам да дојдете на некоја од редовните неделни седници на Извршниот комитет на нашата партија, за да ве запознаеме со некои детали и во врска со еден налог до тајната полиција од “државникот” Црвенковски, со кој пред околу година дена, одреден период, вие и Љубчо Георгиевски бевте ставени под целосна оперативна контрола од СДБ, за “државникот” да ги расветли вашите тајни средби по едни места низ Македонија во врска со договарање соодветна ваша политичка соработка за која се шпекулираше во јавноста.