Корисните искуства од „првата„ војна против корупцијата


14.12.2006 | 15:52:06 | Колумни


Корисните искуства од „првата„ војна против корупцијата

Колумна, „Шпиц„, 14.12.2006, Јанко Бачев

Во вчерашниот текст спомнав дека, во заднината на компромирацијата и блокирањето на спомнатите акции за расчистување со криминалот на вмровската влада од 1998 стојат и ги координираат покрупните актери од подземната мрежа на Црвенковски.

Ленче Софрониевска, како тогашна претседателка на Апелацискиот суд во Скопје, во чие подрачје влегува и гевгелискиот суд, на критичниот ден е во постојана врска со секретарот на спомнатата компанија за да ги координират потребните активности, како на пример, “спонтаниот” штрајк во дворот на полициската управа во Гевгелија од страна на “вработените”, кои всушност беа активисти на СДСМ од Гевгелија. Притоа, имаа несебична подршка од раководители во испоставата на тајната полиција во Гевгелија.

Да спомнам дека опозиционерот Црвенковски во тоа време целосно ја контролира тајната полиција преку едно екстремно крило на СДСМ наречено Демократска алтернатива, кое е коалициски партнер во вмровската влада. Од друга страна, Т.Велковски, како член на Републичкиот судски совет (РСС), исто така ја тера потребната координација со дотични судски персони во Гевгелија, и во тој момент, иако РСС сеуште официјално не е запознаен со случајот, спомнатиот Велковски ја анимира јавноста со бомбастични изјави по весниците дека агенти на ДБК го прекршиле Уставот, Кривичниот и уште неколку други закони. Истовремено, еден новинар, кој тогаш беше “нивни”, а сега е од “наша” страна и страстен поддржувач на коалицијата “За подобра Македонија”, со своја одбрана екипа експресно е упатен во Белград за да “копа” во тамошните архиви на сојузната УДБА каде што има слободен влез, за да најде нешто компромитирачко за Љубе Бошковски, тогашен заменик-директор во ДБК, кој е политичката логистика на спомнатите акции за расчистување со криминалот.

Откако нема да пронајдат никаков компромирирачки материјал за Бошковски, одлучуваат тајниот центар да ја лансира познатата измислица дека Бошковски е слаткар по професија, за до крај да се дискредитираат спомнатите акции. Во оваа пригода да кажам дека Бошковски никогаш немал ништо со слаткарскиот бизниси. Понатаму, Владо Камбовски како тогашен министер ќе врши диверзија однатре во Владата, и по медиумите веднаш ќе ја осуди акцијата на ДБК, иако како што е редот најпрвин би требало да сочека извештај од МВР. Дури ќе изјавува дека за инспекторите од ДБК треба да расправа и Владата, иако добро знае дека овие не се избрани или именувани владини функционери, па за нив да расправа Владата. Но, се разбира, почнатата психолошка војна за посакуваното убедување на јавноста требаше совршено да функционира. Како резултат на сето ова, делот од тајниот центар задолжен за медумските конструкции ќе издејствува утредента на првите страници да осамнат крупни наслови “Агенти на ДБК апсат судии”.

Преку елаборираниот пример во овие две продолженија правам обид да ги запознам граѓаните како функционира во заднина тој толку споменуван центар на Црвеноковски, со се уште голема контролна моќ во државата. Се надевам дека во извесна мера успеав спомнатиот центар од ниво на т.н. теоретски концепт, да го доближам до читателите. Дека станува збор за моќна структура, само да додадам дека успеа целосно да ја спречи и да ја искомпромитира борбата против криминалот на тогашната вмровска влада, која морам да кажам, и тогаш имаше искрени намери за расчистување со криминалното зло. Тогашната антимафијашка борба ќе биде закочена речиси уште на т.н. средно ниво, а тајниот центар на Црвенковски уште во старт во случајот со Смиленски ќе го блокира обидот да се “чепне” и кајголемите олигарси. Во оваа насока, очекуваниот пресврт за центарот на Црвенковски ќе настане при акцијата за апсење на Смиленски, и поставената заседа кај село Кадрифаково, кога во последен момент се добива наредба заседата да се тргне и овој (Смиленски) слободно ќе помине за да сече лента на својата нова зејтинарница во Свети Николе.

Најбитно во моментов е тоа што актуелната влада во нејзините решителни намери да се справи со организираниот криминал треба да пројави капацитет за целосно антиципирање на сите потребни елементи во антимафијашката битка. Пожелно е да се има во предвид дека, иако Велковски од РСС е веќе во пензија, Софониевска е на пат за пензија, Камбовски не е веќе министер, иако спомнатиот тогашен нивен новинар сега е “наш”, сето тоа, не значи дека, Црвенковски благовремено не уфрли во игра играчи од резервната клупа да ги заземат нивните места. За волја на вистината, во сета таа “турканица” што се случи во контекст на спомнатите акции со приведување на четириесетина директори, морам да кажам дека добро се офајдија и неколку лица од опкружувањето на тогашниот премиер Георгиевски, со рекетирање на неколкумина приведени директори. За жал, тие денеска слободно се шетаат во метрополата и уживааат во големите криминални богатства, а од друга страна целосно невините Ламбе Арнаудов и Војо Михајловски “скапаа” по судови и притвори.

Во овие две продолженија правам обид да укажам дека проблемите со борбата со македонската мафија не се резултат на некакви системски законски недостатоци, туку, многу повеќе се резултат на кадровската диверзија во еден дел од судско-обвинителскиот сектор. Познато е во јавноста, дека премиерот Груевски пројави стопроцентна посветеност најпосле да ја извлече Македонија од петнаесетгодишната економска агонија. Во опозицискиот СДСМ им е јасно дека немаат капацитет и знаење да им парираат на се посупешните економски мерки на Груевски. Така немоќни, многу веројатно е дека СДСМ повторно, како и во периодот 1998-2002, ќе игра на веќе видена карта, односно ќе оди на рушење на оваа Влада преку т.н. безбедносни проблеми.

Инаку, искуството од 1998 говори дека тајниот центар на Црвенковски најпрвин “удира” со т.н. поблаги мерки, кои ако првично немаат резултат, дополнително се оди на најрадикалните. Само да спомнам дека центарот на Црвенковски се обиде претходната вмровска влада од 1998 најпрвин да ја дестабилизира со предизикување “пуч” во МВР во 1999, предводен од Бранко Бојчевски, а потоа преку т.н. ново парламентарно мнозинство. Кога и двата обиди не успеаја, беше конструираната афера “Големото уво” и на крај се прибегна со најрадикалниот метод-измислената војна во 2001, со што конечно беше срушена тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ.

Не е на одмет да спомнам дека веќе пишував за тоа како по поразот на СДСМ на последните избори, во август о.г. тогашниот директор на ДБК-Зечевиќ со одбрана екипа вадеа документи од МВР за да конструираат досиеја за делегатите-бучковисти, за потребите на сдсмовската конвенција, како и фактот дека истовремено конструираат досиеја и за лица од актуелната власт со кои ќе треба да “распукаат” во догледно време по целосното сдсмовско консолидирање. Бучковски, во неодамнешно интервју за “Фокус” го призна наведеното за конструираните досиеја на неговите приврзаници.

Во оваа насока кај нас во Народно движење за Македонија повторно пристигнаа некои нови интересни информации. Имено, “државникот” Црвенковски, веќе воспоставил курирска врска со својот пријател Прванов, претседателот на Бугарија, која требало да му помогне во неговиот план за амортизирање на се поголемата популарност на новиот владин кабинет. Имено, како што е познато, во Бугарија деновиве е усвоен закон за отворање на полициските досиеја на кодошите на тамошната Служба за државна сигурност. Прванов требало да го искористи своето влијание врз тајната полиција, (секако и приватни релации како долгогодишен соработник на државната сигурност), за да издејствува во процесот на отворање на тамошните полициски досиеја да се прикажат и некои наводни врски на членови на македонската влада и други владини функционери, дека во одреден период биле соработници на бугарските тајни служби.

Со ова смислена конструкција на Црвенковски, можеби се сака и извесно попречување на најавената лустрација во Македонија. Но, со оглед на просторот, за овие најнови моменти, во друга пригода. Како и да е, почнува загревањето во опозициските редови, по постепеното закрепнување од досегашните нивни меѓусебни партиски препукувања.