Тасева продава демагогија


12.12.2006 | 15:50:36 | Колумни


Тасева продава демагогија

Колумна, „Време„, 21.12.2006, Јанко Бачев

Прочитав нешто од колумната на Слаѓана Тасева за нејзината демагошка загриженост за вработување на младите во Македонија. Најпрвин да кажам, оти од поодамна во една од моите колумни веќе пишував, шаховски кажано, дека дамата (Тасева) зад која стои БНД (германска разузнавачка служба) ќе ја загуби битката во “Транспарентност” со пешакот (Ордановски) зад кого стои моќната ЦИА, од причина што на суровата меѓународна сцена секогаш важи правилото дека моќните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат.

Во оваа насока не можам да останам рамнодушен и од прочитаното од Тасева дека, наводно, премногу е загрижена за младите во државата.

Дека Тасева ни продава демагогија, односно дека младите и се битни како ланскиот снег, може да се види и од тоа што во моментов има три вработувања со добар паричен надомест: директор на Полициската академија, член на Државната комисија за спречување на корупцијата и професорка по кривично право. За среќа, деновиве слушнавме дека ја избркале од “Транспарентност”, што значи дека имала и четврта функција. И, ајде сега, како младите да не бегаат од државата кога ќе слушнат за вакво “професорско-педагошко” кумулирање функции кај самопрогласената експертка по кривично право. Што е поинтересно, Тасева не ги добива посакуваните функции како резултат на некаков реален оглас со еднакви шанси, туку само затоа што секогаш има јако “залеџе”, и другари ем другарки во која било власт, но за ова пошироко во друга пригода. Секако дека идеалот кон кој треба да се стремиме би требало да ни биде барем по еден реално вработен во секое семејство, за да ја елиминираме големата сиромаштија. Но, наместо по еден вработен, на Тасева пак, која функционира како едночлено семејство, и даваме три вработувања, а спомнатата без срам и перде држи лекции како била фрапирана што 70 отсто од младите се невработени. Човечка хипокризија од најдолен вид. Ќе и веруваме дека е искрено загрижена за младите само ако се откаже од два од трите свои ангажмани, и, на тој начин, веднаш ослободи место за нови двајца млади кадри.

Понатаму, Тасева во колумната кажува за компетентност и квалитет при вработувањето, а самата своевремено како “жестока” антикорупционерка не ги почитува овие критериуми поради сервилноста кон поранешната власт. Наведното да го илустрирам преку сопствени примери. На 24 јули 2003 година, Министерството за надворешни работи објави конкурс за државен советник во кабинетот на министерот. По спроведната постапка во Агенцијата за државни службеници за утврдување способност, знаење и достигнување, од пријавените 18 кандидати, јас, ги победив сите, со освоени сто од можни сто бода. Без оглед на ова, тогашната министерка Илинка Митрева си ја прими Санта Аргирова. На 1 април 2005, Владо Бучковски како тогашен премиер објави оглас за прием на негов државен советник за надворешна политика. Повторно во конкурсната процедура ги победив сите кандидати, но премиерот си го прими лицето Мерсел Биљали. По ова, во согласност со законот, поднесов претставка за непотизам до Државната комисија за спречување на корупцијата, но, “антикорупционерката” Тасева, иако должна да постапи во рок од 30 дена (чл. 49 в.в. со чл. 43), не го реши случајот од “разбирливи” причини, бидејќи во тоа време не сака да си ги расипува односите со нејзините другари и другарки, кои се од тогашната сдсмовска власт.

Но, токму демагошките настапи од типот на Тасева и севкупните сервилни и полтронски сили уште повеќе ме мотивираат да не бегам од мојата татковина, за што зборува Тасева, и доследно да спроведувам едно од начелата на партијата на која и припаѓам - Народно движење за Македонија, да ја кажеме вистината, кој и како ја лаже, краде и растура оваа држава. Без оглед на тоа што не го реши мојот случај на непотизам, да и порачам дека ќе останам тука и борбата ќе продолжи , иако сум во една комотна позиција, бидејќи уште утре можам да си заминам од Македонија, затоа што за “среќа” уште од најраното детство ги имам сите потребни документи за вечен престој во една западноевропска земја. Затоа, им порачувам на Тасева и на сите можни инсталации во оваа држава, иако краткорочно добиваат, на долгорочен план сепак ќе ја загубат “војната”, од едноставна причина, што целосно се прочитани!