Селективна сенилност на Бучковски


03.02.2007 | 15:49:11 | Колумни


Селективна сенилност на Бучковски

Колумна, „Време„, 03.02.2007, Јанко Бачев

Владо Бучковски во последната колумна пишувајќи за војната во 2001-та, и понатаму не замајува кажувајќи ни дека војната ја направија луѓето што тогаш беа обоени од црвено-црно, а сега се обоени во портокалово.

Со оглед на мојата некогашна црвено-црна обоеност, чуствувам потреба да му ја освежам меморијата на Бучковски, кој манифестира селективна сенилност кон тие што ја направија војната во 2001-та, па во оваа насока лично го прашувам: Дали е точно дека за време на војната вие како министер за одбрана и Љубе Бошковски како министер во МВР бевте на спротивни позиции, односно Бошковски се определи да ја брани државата, а вие колаборациониравте со тогашниот непријател-ОНА?

Дали е точно дека за време на војната во неколку наврати во Гостивар во стан во сопственост на КРЦ (контраразузнавачкиот центар на Министерството за одбрана) се одржуваат тајни средби на одбрани тимови на СДСМ и ОНА, и притоа тимот на СДСМ е составен од Л.К., З.В., М.З, едниот актуелен пратеник, другиот актуелен дипломат и третиот еден од актуелните сдсмовски административци, а пак тимот на ОНА е во состав од Г.О. и Т.Џ., првиот учкин генерал, а вториот поранешен владин државен функционер од ДУИ?

Дали е точно дека вие како тогашен министер за одбрана ќе бидете на врска со ОНА преку тогашната и сегашна ваша верна новинарска сенка М.Ѓ., кој одржува врска со веќе спомнатиот Г.О. од ОНА? Во оваа насока, дали е точно дека дури и телефонските апарати за комуникација и телефонските сметки на М.З и М.Ѓ од штабот на СДСМ ги плаќала ОНА од нејзиниот фонд “Татковината повикува”? Инаку, огромните парични средства ОНА ќе ги трансферира преку филијалата на банката “Пиреус” од Грција, која е лоцирана во Албанија со назив “Банка Тирана”.

Дали е точно дека за време на војната, Црвенковски и Ахмети ќе бидат на постојана врска, а лице за контакт-курир на Црвенковски ќе биде спомнатиот М.З., кој во тоа време му ги пренесува на Али Ахмети строго чуваните тајни од Министерството за одбрана со кое раководевте? А ние пак се чудевме како ОНА речиси секогаш однапред ги знаеше и ги избегнуваше заседите на Македонската армија, а од друга страна, пак, борците на ОНА добро го знаеја движењето на македонските бранители, за што благовремено поставуваа мински заседи од кои загинаа најголем дел бранители.

Дали е точно дека при акцијата за ослободување на Арачиново тројцата припадници на МВР не загинаа во борба со албанските терористи, како што е официјалната верзија на настанот до денешен ден, туку загинаа од армиска граната на АРМ, бидејќи нашите воено-полициски сили не си ги знаеја координатите. Невидена бламажа-македонски војници и полицајци се испотепаа сами меѓу себе, затоа што на вашата сдсмовска тајфа единствено и беше важно како да ја сруши тогашната власт.

Дали е точно дека во случајот “Љуботен” децидно му кажавте на Бошковски дека не сакате да учествувате во воените акции, и дека единствено му ги ставате на располагање армиските возила, но само под услов да ги префарбаме во полициски, бидејќи вам не ви се одело во Хаг (како уште тогаш знаевте дека некој ќе замине во Хаг)?

Дали е точно дека трагедијата кај Карпалак и другите беа најперфидно местење на македонските бранители? Цели четириесет дена пред настанот на Карпалак, во Службата за државна безбедност (СДБ) постоеја службени документи од кои се знаеше дека на ридот од каде што се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од 15 лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село. СДБ во согласнот со правилата преку МВР ги достави овие информации за понатамошно постапување до надлежниот сектор за безбедност и разузнавање при МО. Дали ќе беше спречена трагедијата ако се дозволеше армиските хеликоптери да ги збришат терористите на Карпалак, бидејќи 40 дена прецизно се знаеја сите битни елементи како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на терористичката група и слично. Зошто по овој трагичен настан, бранителите се оставени да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери по воздушна линија од аеродромот во Петровец до Карпалак им биле потребно пет минути да им пружат помош, но хеликоптерите пристигнале дури по шеесетина минути. Зошто пред убиството е отстранет безбедносниот пункт на автопатот Скопје-Тетово во близината кај Карпалак и слично.

За жал, македонските политички демагози, залудени единствено од лична промоција и желба за власт, моќ и за профит, доведоа до тоа да ја загубиме војната во 2001 година - на воен, политички и на дипломатски план, но трагедијата да биде поголема, иако по вакви битни настани секоја сериозна држава изработува соодветна анализа за да дефинира соодветни солуции и процени за во иднина, кај нас и понатаму до ден-денес се одбегнува да се каже што навистина ни се случи во таа кобна 2001. Ќе ми треба огромен простор во детали да ја презентирам конструираната војна во 2001-та, која сепак не ќе да е во продукција на луѓето од црвено-црниот дрес, туку тврдам дека е во продукција на валканите играчи од синиот дрес со жолтата роза, но пошироко во друга пригода.