Премногу кодоши, премалку лустрација


03.02.2007 | 15:47:49 | Колумни


Премногу кодоши, премалку лустрација

Колумна, „Шпиц„, 03.02.2007, Јанко Бачев

Прочитав нешто од предлогот за донесување закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција или попознат како закон за лустрација (натаму: законот). Тој ме потсетува на една анегдота каде што, меѓу другото, се вели дека мртвите не се тепаат, но живите имаат поинаков темперамент.

Еден селективен и проформа законски текст, без суштина, кој овозможува вистинската мрежа на соработници на тајната полиција да остане нечепната, а лустрацијата да се сведе на обичните граѓани-соработници. Колку што дозволува просторот, ќе се обидам да скицирам неколку недостатоци на законот.

Законот определува дека лустрацијата ќе го опфати периодот од 2 август 1944 до денес, а предмет на лустрација ќе бидат лица-кандидати за носители или носители на јавни функции. Ако се знае дека голем број од лицата од 1944 се починати, или се пензионери, кои никогаш повеќе нема да бидат кандидати за носители на јавна функција, тогаш евидентно е дека кодошкото минато на една значајна групација од нашата понова историја нема да биде чепнато.

Во законот нема барем преодно решение што би ги опфатило и кодошите од редот на т.н. олигарси. Тврдам дека овие лица речиси до еден беа соработници на тајната полиција уште од почетоците на нивните работни кариери во социјализмот. Во законот е нормирано дека ќе се применува пет години, што значи дека овие лица треба во наредните пет години да не бидат кандидати за носители на јавни функции (кои и така не им се битни, бидејќи си тераат бизниси) со што нивното кодошко минато останува архивирано. Штета! А имавме прекрасна можност барем да им изречеме морална осуда на овие транзициски гангстери, кои извршија невидена економска диверзија врз сопствениот народ.

Законот не предвидува лустрација за претседатели на партии и партиски функционери. Познато е дека во Македонија има преку 80 партии, а носители на јавни функции се претседатели и партиски функционери на само неколку партии. Но, голем број претседатели на партии никогаш не биле носители на јавни функции, а тврдам дека во заднина за својот соработнички однос со тајната полиција со години користеле бројни привилегии.

Законот не предвидува лустрација за лица што кодошеле за странски служби. Тврдам дека највисоки македонски политичари во овие петнаесетина години соработувале со странски служби, од што бројни македонски граѓани имале проблеми при престојот во соодветни странски земји. За жал, законот го анулира и нивното кодошко минато.

Со законот се изземени кодошите: универзитетски професори, академици и писатели, новинари и пензионери. Значи, професори-кодоши и натаму ќе ја едуцираат македонската младина. Академици и писатели-кодоши и натаму ќе ни сервираат фалсификувана историја. Новинари-кодоши и понатаму ќе го креираат јавното мислење, иако во демократијата (каде што нели е и Македонија), јавното мислење е поважно дури и од партиите. Пензионери-кодоши кои во стариот систем биле креатори на илјадници гробови и сакатења на бројни семејства можат мирно да го напуштат овој свет без никаква морална одговорност. Лицата од споменатите групации, во наредните пет години е доволно да не бидат кандидати за носители на јавни функции и по автоматизам го бришат своето кодошко минато.

Со законот се изземаат корисниците на информациите-политичкиот врв. Во 1992, новата влада на Црвенковси усвои правила за работа и организација на Службата за државна безбедност (СДБ), со што во СДБ се етаблира и линијата на работа-македонски екстремизам (се укина дури во 1998). Веќе пишував дека т.н. македонски екстремизам беше перфидна форма оперативно да се следи и да се обработува ВМРО-ДПМНЕ. Во согласност со правилата, извештаите за следење на “македонските екстремисти”, СДБ ги доставуваше до тогашните највисоки државни раководители, односно до претседателот на државата, владата и до Собранието. Зошто да се иземе од лустрација тогашниот државен врв како корисник на информации, а лустрацијата да се сведе само на обичните граѓани, кои биле врбувани за соработка со СДБ?

Во оваа насока да кажам дека со споменатите правила во СДБ се етаблира и линија на работа-верски екстремизам, каде што, пак, ќе најдете кодоши-свештени лица колку што ви душа сака, но со законот, за жал, се изземаат и свештените лица-соработници.

Има и други недоследности во законот, како на пример, проблематичниот рок од пет години, непринципелно изземање на јавните правобранители и нивно вметнување во графата “останати”, широките критериуми за состав на лустрациската комисија, неможност комисијата директно да пребарува во досиејата, изземање на домашни граѓани, избрани за функционери во меѓународна организација и токму тука ќе имавме можност да видиме една покрупна јавна личност веќе номинирана за светска функција, која “плаче” за лустрација и слично, но за ова во друга пригода.