Кој и зошто му ја купи кандидатурата на Керим во ООН


19.05.2007 | 15:45:02 | Колумни


Кој и зошто му ја купи кандидатурата на Керим во ООН

Колумна, „Шпиц„, 19.05.2007, Јанко Бачев

Народно движење за Македонија (НДМ) деновиве во јавноста презентираше аргументација зошто Срѓан Керим не смее да биде избран за претседател на 62. Генерално собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН).

Со тоа, НДМ уште еднаш непоколебливо промовира чуство на патриотизам и државничка одговорност со цел да спречи да настапат штетни последици за Македонија, како и за континуираниот развој на продуктивните и срдечни односи меѓу народот на САД и Македонија. Притоа, аргументирано укажавме дека Керим за предложената кандидатура нема морален интегритет и кредибилитет, не е дипломат од кариера, разузнавачки е обработен, има сомнителен политички бекраунд и е нелојален кон Македонија за да биде избран во ООН.

За волја на вистината, малку ме изненади фактот што во јавноста засилено се форсира сознанието само за разузнавачката обработка на Керим за време на комунистичкиот период, што за мене и не претставува некоја посебна вест, но секако дека имам целосно разбирање за големата новинарска љубопитност само врз овој сегмент од биографијата на Керим. За НДМ, суштината на обидот да се спречи изборот на Керим, сепак, лежи во фактот што кај него отсустува неопходната државничка лојалност, како и сериозноста на криминалните афери што се врзуваат за неговото име што севкупно може да и наштети на Македонија на меѓународната политичка сцена. Затоа, чуствувам потреба подетално да ја запознаам јавноста и за овие сегменти што го прават Керим неподобен за изборот во ООН.

Керим е пред се човек со контроверзна кариера. Почнува како асистент на Економскиот факултет во Белград, но при стекнувањето на докторатот се открива дека е препис на стручен труд на професор Љубиша Адамовиќ поради што за него повеќе нема место на факултетот. За да му ја спасат докторската титула, тогашните влијателни комунистички кадри од Македонија во Белград (Глигоров, Грличков - другарчиња на татко му Хасан) прават нагодба со деканатот на факултетот да му го остават докторатот (Комисија предложила да му се поништи докторатот), но, да им го тргнат од пред очи плагијаторот Керим и затоа го враќаат во Скопје и го вдомуваат во тогашниот извршен совет на СРМ. Во втората половина на 1980-тите години во владата на Анте Марковиќ, каде што министер за надворешни работи е Будимир Лончар, Керим го земааат назад во Белград по т.н. национален клуч, а не по знаење, односно се земаат по осум лица од секоја република во Сојузниот секретаријат за надворешни работи (ССНР) а меѓу осумте од Македонија е и Керим, кој станув портпарол во ССНР. Значи, неговото претставување како дипломат од кариера со триесетгодишен дипломатски стаж е вистинска гротеска и обична лага. Тој за првпат оди за амбасадор во Германија, дури во 1994 кога Глигоров му дава таква шанса.

Инаку, Керим признава дека во дипломатијата најмногу учел од Лончар, кој пак е докажан човек на сојузната УДБА и дилетант во дипломатијата. Лончар своевремено работел на најчуствителното разузнавачко место-шифрант во амбасадата на СФРЈ во САД, а познат е и по т.н.образовна афера кога ќе се открие дека лажел дека е со високо образование. Може да се претпостави како сосема извесно што ги поврзува учителот Лончар и ученикот Керим. Инаку, не е на одмет да спомнам дека во СФРЈ без исклучок, секој амбасадор потпишуваше изјава за соработка со тајната полиција, која во ССНР беше вградена во т.н СИД, но за ова подетално во нашите продолженија. Инаку, да кажам дека за оние што сакаат да ги видат како изгледаат овие изјави, слободно можат да дојдат во НДМ.

Не помалку важно е да се напомене дека по осамостојувањето на Македонија, Керим не се враќа на повикот на владата да помогне. Од 103 македонци во тогашниот ССНР, во Македонија се враќаат само 23. Истовремено, Керим преку кругови во “Генекс” (во поранешна СФРЈ фирма на сојузната УДБА за преземање разузнавачки задачи во странство) се вдомува во Париз во фирмата “Копешим” на босанскиот србин Борис Вукобрат, доверлив човек на Слободан Милошевиќ. Вукобрат во тоа време ја турка идејата на Милошевиќ за обнова на Југославија по некаков кантонален принцип од триесетина кантони. Која ли иронија-Керим кој се залагал за спасување на еден анахрон систем што го сруши современиот цивилизиран свет, сега како македонски кандидат ќе ја претставува светската организација!

Малку е познато дека во 2001 година Керим во заднина учествува во менаџирањето на Рамковниот договор, кој е трауматичен за македонската национална свест. Додека ние, припадниците на македонските безбедносни сили ја браневме државата, тој како македонски амбасадор во ООН ужива во апартман во најпрестижната њујоршка авенија со платена кирија од 14.000 американски долари. Доколку евентуално биде избран во ООН, овојпат да се надеваме дека ќе живее во поскромен стан (Со заштедата од неговата кирија македонската влада може, на пример, да почне да размислува да отвори амбасада во Шпанија, која по Словенија ќе претседава со ЕУ, кога и Македонија се надева да ги почне преговорите за членство во ЕУ).

Керим, како наш дипломатски претставник во ООН ќе ја “преспие” војната непреземајќи ништо во тие судбоносни моменти за државата, како на пример, да ги анимира македонците на континентот каде што амбасадоруваше, нешто што, како што се виде од аспект на т.н. албанско лоби во странство, имаше свое значење во војната. Во еден момент “изненадно дезертира”, односно ќе се полакоми за поголема плата и ќе премине во компанијата ВАЦ, притоа оставајќи ја Македонија на цедило во најзначајниот дипломатски и политички центар-ООН. Правилата налагаат ако веќе се решил да се повлекува, да даде најава најмалку три месеци порано, за да може државата соодветно да реагира за назначување нов дипломатски претставник. Дотолку повеќе што, во случајов се работи за ООН каде што Македонија бие тешка битка за повеќе суштински прашања (име, недефинирани граници и слично).

Воден од финансиски и други интереси на своите странски ментори, Керим на најподмолен можен начин ја погазува исклучителната доверба што Македонија му ја укажала во 2001 како амбасадор во ООН и со тоа длабоко го повреди нејзиниот углед и достоинство. Значи, и со овој антимакедонски чин на класично велепредавство, овој човек покажува колку е опасен по интересите на Македонија. Башка фактот што можеби истото ќе го направи и сега како претседател на ООН. Во оваа насока, разузнавачката практика кажува дека со тоа што амбасадор се вдомува во приватна странска компанија, извесно е дека во себе содржи и разузнавачки елемент.

Нејсе. Керим прво беше инсталиран за претставник на фамозниот Пакт за стабилност, а потоа за менаџер на ВАЦ. Парите што беа наменети за развој на македонското новинарство експресно завршија со откупување три македонски весници од страна на ВАЦ. За ова, неговиот ментор од Пактот е под сериозна истрага на моќна прекуокеанска разузнавачка структура за перење пари. Затоа европарламентарката Дорис Пак изјави дека ВАЦ всушност има задача да оствари специфични политички цели во Македонија!

Со оглед на просторот, во најредуцирана форма да посочам и за некои од финансиските трансакции врзани за неговото амбасадорување во Германија. Случајот со купување станови за персоналот во амбасадата во Германија и земениот кредит од Керим од Дресднер банка АГ филиале Бон во износ од 1.300.000 германски марки, при што од седум стана два никогаш не се вселени. Или кога врз основа на полномошно бр.19-1860 од 12.07.1995 издадено од претседателот на тогашната македонска влада со неограничен лимит и износ, Керим зема од истата банка “само” 8.000.000 германски марки (број на партија 02 6796 757 02). Отплатата на кредитот ја гарантира Народна Банка на Република Македонија, во висина од 10.000.000 германски марки на сметка број 08 081 232. Споменатите трансакции се незаконски, бидејќи нема законски одредби ниту владина одлука. Во согласноет со законот, задолжување на државата во странство се врши врз основа на предлог на Министерството за финансии до владата, која доколку го прифати предлогот донесува одлука со која предлага на Собранието донесување Закон за конкретно задолжување во странство. Врз основа на закон, а во име на владата, министерот за финансии ги склучува договорите за кредитно задолжување, а во овој случај Керим како амбасадор склучува договор и се задолжува врз основа на лично и приватно полномошно на тогашниот премиер.

За ова е “исчезната” целокупната документација и во МНР до ден-денес нема отчет. Своевремно извесен Тодор Карапетров од позиција на генерален секретар во МНР храбро ќе се нафати да ги расветли овие коруптивни случаи на злоупотреба на милионските суми, но како што е обичај во Македонија, набргу ќе биде пасивизиран и деградиран со што криминалот е забошотен.

За жал, нетранспаретноста на постапката за номинирање на Керим отвора основано сомнение дека со помош од надвор е купена кандидатурата за остварување стратегиски интерес на една западноевропска земја во ООН, а што за последица, како што споменав, ќе го доведе во прашање и американско- македонското пријателство. Во оваа насока, институциите на системот и македонскта јавност мора да имаат навремен одговор кој и зошто му ја купи кандидатурата на Керим во ООН, со која преку Македонија ќе се пере валканата меѓународна политика. Оттаму е штетно за Македонија да влезе со кандидатура со оваа личност. Затоа НДМ поднесе предлог до најрелевантното место-Собранието на итна седница да расправа по ова прашање и да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Владата на РМ во регуларна и транспарентна постапка да предложи и да избере друг кандидат за претседател на 62. Генерално собрание на Организацијата на Обединетите нации.