Не сакав да ја загрозам кандидатурата на Македонија за функкцијата во ООН


01.06.2007 | 15:43:23 | Колумни


Не сакав да ја загрозам кандидатурата на Македонија за функкцијата во ООН

Колумна, „Фокус„, 01.06.2007, Јанко Бачев

НДМ пред две недели презентираше сознанија зошто Срѓан Керим не смее да биде избран за претседател на 62-то Генерално собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН). По ова, во јавноста воглавно беа презентирани ставови на парламентарните партии, при што тие не изразија резерви кон изнесените факти и докази, туку за наводната штета заради моментот во кој се обелоденети таквите сознанија.

Додека, пак, изостанаа реагирањата од екесперти, институции и пошироката јавност.

Индикативно е што без оглед на тоа кај припаѓаат, во власта или на опозицијата, спомнатите партии излегоа со идентична “анализа” дека НДМ сознанијата ги обелоденува во функција на наводно елиминирање на Керим како кандидат за претседателските избори во 2009(!?). На таков начин се обидоа свесно да ја изманипулираат и дефокусираат јавноста од вистинското прашање - како е можно Македонија да кандидира таква личност за претседател на 62-то генерално собрание на ООН?

Заради тоа чуствувам потреба да дадам одговор во врска со овој заговор против угледот и меѓународната позиција на Македонија, кој демагошки се прикрива со наводна загриженост од тајмингот на обелоденување на фактите и доказите.

Народно движење за Македонија не ги обелодени своите сознанија се додека не заврши постапката во која Македонија ја доби кандидатурата. Доколку НДМ реагираше во времето кога ги доби сознанијата, можно беше да биде доведена во прашање и нашата кандидатура. Значи, кандидатурата е посакувана работа, но спорна беше личноста што е номинирана за оваа меѓународна функција, бидејќи аргументирано укажавме дека Керим нема морален интегритет и кредибилитет, не е дипломат од кариера, разузнавачки е обработен, има сомнителен политички бекраунд и е нелојален кон Македонија за да биде избран во ООН. Впрочем, кандидатурата не ја доби Срѓан Керим, туку Република Македонија. НДМ во случајов се водеше единствено од националниот и државниот интерес, односно имавме намера сериозно да предупредиме со изборот на Керим, на Македонија повторно и се заканува опасност да биде колатерална штета на суровата меѓународна политичка сцена. Во оваа насока, не е на одмет и да прашаме - што ако премолчавме, а дополнително во ООН отворат расправа за овие работи?

Овој мега-скандал и реакциите на инволвираните лица и политички субјекти дијагностицира еден од хендикепите на македонската политика. Имено, се покажа дека кога помалите политички субјекти ќе влезат во коалиција, по правило идеолошки дезориентирани, престанува способноста на нивните лидери за слободоумно мислење и дејствување и по автоматизам доаѓа до блокирање на нивната рационална свест. Така, на пример, во однос на криминалните афери поврзани со Керим тие дури се обидоа да ја релативизираат самата суштина на поимот криминал и политички криминал, и тоа во време кога припадници на специјалната полиција пред камери апсат граѓани врз основа на провоцирани кривични дела за 5,10, или 50 евра, а истовремено жестоко се обидуваат да го амнестираат Керим за докажани незаконитости за милионски суми евра.

Во општиот контекст на неприродно однесување мора да ја издвојам “релаксираната” изјава на една пратеничка од владејачкото мнозинство која во Собранието изјави дека Народно движење за Македонија своите сознанија требало да ги достави до соодветна институција, не посочувајќи притоа на која институција мисли. Познато е дека НДМ достави детална информација до сите пратенички групи во Собранието, па прашувам-дали тоа значи дека парламентот не е соодветна институција (?), и белким пратеничката кога зборува за соодветна институција не мислела дека Народно движење за Македонија треба да достави информација таму од каде што се излезени сознанијата! Во оваа насока, неразбирливо е како е можно во услови на постоење на плурален парламент македонската јавност да наиде на консензуален молк од сите парламентарни партии по ова прашање од национален и државен интерес. За жал, нереагирањето на институциите на системот само ја потврдуваат болната вистина дека Македонија се уште нема институционален капацитет за реални аспирации за интегрирање во Европската Унија и НАТО.

На крајот сакам да го изразам респектот спрема оние електронски и пишани медиуми што на Народно движење за Македонија му овозможија да ги обелодени сознанијата и да упати политички пораки. Заради нивото на оваа комуникација ќе се воздржам од коментар на пишувањето на еден “НАРЦИСоиден” новинар, уредник во банкрот весник, кој препознавајќи се како иден пациент во болниот, но делотворен лустрационен третман реагира во паника и по нарачка на своите ментори. А можеби колку за менторството, толку и заради романтичната природа на овој човекољубец кој е емотивно врзан за сродната душа-ОО “Мазда” (псевдоним на еден дипломат на една странска амбасада).