До рамковниот договор и пак одново


25.08.2001 | 15:37:47 | Колумни


До рамковниот договор и пак одново

Колумна, „Дневник„, 25.08.2001, Јанко Бачев

Во текот на минатата недела беше окончан еден политички процес на големи исчекувања, кој во голема мера треба да доведе до акомодација на интересите на условно наречените македонска и албанска страна.

При тоа карактеристично за самиот преговарачки процес, кој иако во голема мера беше под превезот на тајноста, беше манифестацијата на одредени обележја својствени на човековото однесување во вакви ситуации: пазарење, конфликти, компромиси, искреност, неискреност, цинизам, храброст, глупост, умност...

Несомнено е дека се работи за еден комплексен процес чија рамка на преговори ја дефинираат политичките структури, но во  оваа пригода би сакале да се позанимаваме со аналитичко видување на активностите и улогата на т.н. експертски и советнички тим, кој  има мошне голема улога во преговорите како оперативна фаза на договарањето, со својата стручна и советодавна улога (тука мислам како на професионалните така и на ангажираните за оваа пригода стручни експерти кај Претседателот на Република Македонија). Првична констатација е дека овие стручни експерти манифестираа целосна нестручност, незнаење и примена на несоодветен модел, принципи и техники на преговарање. Имено, имајќи ја предвид тежината на предметот на преговорите и околностите во кои се изведуваат, несватливо е како експертскиот тим на претседателот на Македонија ја претпочиташе тактиката на екстремно кооперативно отварање, чиј есенцијален елемент е фактот дека води помалку грижа за резултатот отколку за самиот процес кое нешто беше на сосема суптилен начин апсорбирано од страна на противникот во случајов т.н. албански експертски тим (под албански експерти се подразбираат познати и признаени странски експерти од областа на меѓународното право кои прикриено, во заднина, за огромни финансиски надоместоци ја советуваа т.н. албанска страна во преговорите). Од друга страна, овие “албански експерти” претпочитаа мошне добра преговарачка техника на т.н. високо отворање со почетна преговарачка позиција многу поекстремна отколку што се има расположение да се прифати, одејќи на варијанта колку повеќе предметот на преговарање е поекстремен толку поголеми се изгледите дека тоа што навистина се сака ќе се смета за компромис. Во овој контекст уште да посочиме дека од страна на македонскиот експертски тим мошне лошо беше апсоловирана ноторната преговарачка техника на блефирање која во еден момент беше применувана од страна на меѓународните олеснувачи (мошне грд еуфемизам) во стилот “ќе воведеме санкции”, “замрзнување на односите со ЕУ”, “мавтање со Хашкиот трибунал”, “ќе ви дадеме помош ако го сторите тоа”, и слично, или пак техниката на неколкуте прекини и тактичко излегување од преговарачката соба на лидерот на ДПА среде разговорите, што има свое место и значење во една преговарачка рунда. Опсервирајќи ги ваквите нестручни и несоодветни активности на експертскиот тим на македонскиот претседател во процесот на преговорите, се наметнуваат две причини за ваквото однесување: 1. нестручност и незнаење, без оглед на фактот што во тој експертски тим фигурираа четири научни работници со академски степен - доктор на науки; 2. недоволна изграденост на чуството за национална припадност, контролирано однесување како резултат на “нечисти” бизнис активности, и одредени разузнавачки релации. Во овој контекст неодминлив е и фактот,  односно јавна тајна е дека на “големо” во текот на целиот преговарчки процес “несебично” беше консултиран и поранешниот претседател на РМ, чија вистинска улога и место во овој десетгодишен период допрва треба да биде интерпретирана, но за тоа во друга пригода.              Каква иронија за македонскиот народ, тим на експерти заедно со бившиот претседател кои заедно во изминатите десетина години палеа и гасеа во Македонија, и кои носат огромна одговорност за денешните настани, овој пат се јавија (прикриено, во заднина) за главни креатори и советодавци во штотуку завршените преговори. Но, така е тоа во Македонија, тука секогаш и сите се во власта, а ваквиот експертски тим требаше да води преговарачка битка со еден искусен и класичен разузнувач и еден “терорист” кои во овие преговори дејствуваа индиректно под назив меѓународни олеснувачи.         Би сакал да укажам на неколку моменти по креирањето на меѓусебните обврски во инструментот наречен рамковен договор, од причина што сметам дека текстот би имал одредена важност доколку има своја практична вредност. Сведоци сме дека деновиве (официјално) е промовирано уште едно чедо со назив “АНА” на т.н. мајка голема Албанија (по т.н.”ОВК”, “ОВПМБ”, “ОНА”). Во исто време меѓународната заедница почнува пак со истата приказна според која т.н. “АНА” е група натрапници, бандити, криминалци и што ли уште не, за на крајот веројатно да заврши со формулацијата дека т.н. “АНА” е резултат на цивилизациското право на т.н. мајка голема Албанија за слободно планирање на сопственото семејство. Во исто време истата меѓународна заедница посочува дека НАТО силите за разоружување на албанските терористи ќе престојува во Македонија најмногу 45 дена. По потпишувањето на рамковниот договор уште следниот ден највлијателните светски политичари испратија честитки до македонскиот претседател за неговата успешна работа во преговорите. Имајќи ја предвид ограниченоста на просторот најупростено врз база на сопствени аналитички проекции во однос на посочените факти би се осмелил сликовито да прогнозирам дека т.н. “АНА” е резултат на вештачко зачнување на дефинирани надворешно- политички структури. Силите на НАТО ќе гледаат да останат најмалку 45 години, а не 45 дена, но во сегашната фаза со терминот “45 дена” планерите на НАТО добро ја успокојуваат и манипулираат својата домашна јавност дека војниците по 45 - дневната екскурзија ќе се вратат живи и здрави во своите матични земји. Пласираните честитки до претседателот на РМ од највлијателните светски политичари не се ништо друго туку обична куртоазија со длабока неискрена заднина и стратегиска психоефектност во насока на конструирање претседателова претстава (лажна) за клучен фактор на стабилноста. Мое мислење е дека многу работи во оваа држава зависат од неа самата и пласираните небулози дека Македонија е мала, сиромашна, безначајна (според овие, читај никаква)  држава, едноставно не можат да се земат здраво за готово односно во апсолутна смисла, па во таа насока ќе биде корисно доколку новонастанатите околности се проценат на соодветен начин од вистински, стручни и компетентни експерти, бидејќи настаните што се случија во изминатиот период доколку не се превземат потребните мерки, во согласност со нивната суштина ќе се случат на истиот начин, повторно.