Патриотска власт


13.05.2008 | 15:29:48 | Колумни


Патриотска власт

Колумна, „Шпиц„, 13.05.2008, Јанко Бачев

Како човек што преферира фајтерска борба, искрено се понадевав дека со враќањето на Тито Петковски во СДСМ ние во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме донекаде достоен противник на изборите на 1 јуни 2008 година.

Во оваа насока, уште во мојата колумна во “Шпиц” од 17-18 март 2007 година пишував дека Петковски е идејно политички залутан во нашето политичко друштво и дека веднаш треба да се врати во СДСМ за да имаме силна опозиција, а сето тоа за доброто на демократијата во Македонија.

Во оваа насока паднаа во вода сите мои илузии слушајќи ја деновиве платформата на политичките противници предводени од СДСМ. Имено, клучни елементи на нивната платформа се -промена на името на државата и фактот што треба да се срамиме од зборот македонски патриотизам.

Не е на одмет да ги потсетам дека европското семејство на народи каде што сакаме да ја видиме и Македонија, се базира токму на уставниот концепт на национални и патриотски држави. А, претседателот Бранко Црвенковски на средбата со претседателот на Турција, Абдула Ѓул, пропушти добра можност изворно да го праша што има прават на партиите и политичарите во пријателска Турција кога ќе се дрзнат да дејствуваат против интересите (читај патриотизмот) на државата.

Нејсе. Збор-два за нашата платформа. Народно движење за Македонија заедно со уште 19 партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја бие битката за доброто на Македонија и тоа од едноставна причина - собрани сме на идејно-политичка платформа базирана на патриотизмот и заштитата на националните и државни интереси, а пред се и над се-негување на автентичната македонска мисла градена со векови од бројни македонски браќа и сестри.

Досегашната наша работа врз оваа платформа создаде и политички феномен, односно ситуација во која за првпат во повеќепартиска Македонија имааме избори на кои победникот веќе е познат, а изборната трка не е ниту почната (почнува на 11 мај).

Дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ” ќе биде изборен победник, веќе не е спорно ниту за коалицијата предводена од СДСМ, имајќи го предвид фактот што Горѓи Спасов, еден од социјалдемократските идеолози, собра храброст во својата последна колумна во весникот “Време” експлицитно да признае дека предноста е огромна за нашата коалиција.

Јавноста сега само се прашува за точниот резултат во корист на победникот. На крај, со споменатиот политички феномен е добро да се позанимава и политичката наука и заради фактот што идните поколенија имаат право да ја знаат научната вистина дека единствено патриотска власт знае колкава е одговорноста кога работиш во името на 2 милиони граѓани.