Власта има сценарио за растурање на државата


30.08.2002 | 14:56:53 | Интервјуа


Власта има сценарио за растурање на државата

30.08.2002 (петок) Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Старт (новинар: Зоран Милошески) 

Јанко Бачев по професија е дипломиран правник со положен правосуден испит. Потесна специјалност му се меѓународното право и меѓународната политика , а во најскоро време треба да ја брани и магистерската теза.

По завршувањето на Правниот факултет, во 1991 година бил ангажиран како судски приправник и адвокатски стручен соработник, а од мај 1994 година е во МВР, во Дирекцијата за безбедност и контраразузнување, каде што ги поминувам сите скалила до раководно место - началник во ДБК. Кога пред дваесетина дена се појави на прес-конференција за да ја соопшти својата кандидатура и учеството на својата партија на претстојните парламентарни избори, само ден-два потоа, експресно, му стигнало отказно решение потпишано од министерот Љубе Бошковски. Од 18 мај годинава, датумот на одржувањето на основачкото собрание, тој е претседател на Централното собрание на Народното движење за Македонија.

♦ СТАРТ: Во Македонија постојат голем број субјекти од најразлична провиниенција. Зошто вашиот ангажман не го насочивте кон една од постоечките партии, туку се решивте да го формирате Народното движење за Македонија?

• БАЧЕВ: Точно е дека во Македонија постојат околу шеесетина регистрирани политички партии, но најголем број од нив, околу 80 отсто, се човек-партија, формирани по “нарачка” за, народски кажано, матење вода. Реално, и на овие избори фактички ќе се натпреваруваат десетина партии, без оглед на фактот што се поднесувани и по триесетина кандидадски листи за избор на пратеници. Мотивот за формирање на Народно движење за Македонија и моето вклучување во политички води е многу подлабок и посуштествен и не е исклучиво од политичка природа заради градење некакви политички кариери и голо освојување на власта. На прв поглед, ова тврдење можеби звучи излитено, демагошки, но ве уверувам дека е вистинито. Имено, ние веќе и јавно проговоривме дека постои сценарио за растурање на државата и ако не се промени ништо, тоа треба да биде заокружено некаде кон крајот на 2005 година. За голема несреќа на сите нас, доколку дојде до реализација на ова мрачно сценарио, тоа нема да биде резултат на дејствувањето на албанските терористички банди, туку носители се македонски политичари кои во моментов вршат (нај)високи државни функции. Но, за големо разочарување на предавниците на сопствениот народ кои парадираат по Македонија и изигруваат херои, јас сум длабоку убеден дека со подршка на македонскиот народ ќе го спречиме ова сценарио.Тука некаде лежи главниот мотив за нашиот политички ангажман да се обидеме да го спречиме тоа трагично сценарио. А зошто не се прилкучивме кон некоја друга политичка опција? Одговорот е многу едноставен: не гледаме дека постои вистински таков субјект, бидејќи во овие десетина години сите порелевантни политички партии се изредија во разноразни коалиции на власт, покажаа што знаат и умеат, а државата констатно ни оди по надолна линија.

♦ СТАРТ: Во изборната единица бр. 4, во која вие сте носител на листата, постојат 22 кандидатски листи за пратеници. Во една таква конкуренција и во услови на недоволно развиена партиска инфаструктура, што очекувате да постигне вашата партија на овие избори?

• БАЧЕВ: Веќе реков дека на овие избори, реално, ќе се натпреваруваат само десетина партии, без оглед на големиот број кандидадски листи. Ние во моментов имаме 23 општински одбори и освен ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, не гледам политичка партија со таква развиена партиска инфраструктура. Можеби медиумски не сме експонирани како што посакуваме, но во периодот што следи, иако времето е кратко, ќе се обидеме да направиме поагресивна презентација. И во овој сегмент наидуваме на многу пречки и уцени од владеачката партија. Како пример ќе ви го посочам личниот налог на премиерот до генералниот на МТВ до 15 август, кога и официјално отпочна изборната кампања, да не се спомене ниту еден збор за нашата партија на овој медиум. Потоа моето, и на уште неколку наши активисти, приведување во УВР Гевгелија при превземање партиски активности, извршената рација на шест припадници од УВР Кавадарци на седница на младинската организација во овој град, заканувачките упади на телохранителите на шурата на премиерот при моето гостување на ТВ Вис во Струмица и слично. Но, ние уште еднаш им порачуваме дека нема да не заплашат и да не одвратат од реализацијата на нашата идеја, бидејќи влогот е преголем- опстанокот на држвата.

♦ СТАРТ: Вашите медиумски настапи се прилично жестоки и во најголем дел се вперени против премиерот Георгиевски, односно на начинот на кој тој и неговите коалициони партнери во изминатите четири години ја практицираа власта. Колку во таквиот ваш однос кон актуелната власт има личен анимозитет?

• БАЧЕВ: Да, постои анимозитет кон актуелната власт. Но не од лична, туку од државничка природа, од аспект на македонскиот интерес кој треба да биде врв на секакво човечко дејствување. За подобро да ја објаснам оваа ситуација ќе направам мала дигресија. До 1998 година Одделот за организиран криминал во ДБК имаше огромен број документи за направени криминални активности од лица блиски на тогашната власт. Сите тие пријави на ДБК завршуваа во фиоките на тогашните министри за внатрешни работи. Со промената на власта во 1998 година тие документу се актуелизираа и сите се сеќавате на бројните приведувања на моќни директори за кои, најодговорно тврдам, дека беа основани, а не како што сакаше да се претстави од одредени медиуми како политички монтирани процеси. Јас од професионален аспект го водев тој тим од МВР, кој приведе 42 директори низ Македонија. Работите одеа многу добро се до тој фатален налог на премиерот да не се завршат судските постапки, туку партиските функционери на ВМРО ДПМНЕ во МВР и УЈП да ги рекетират овие директори според логиката “нема премногу аир ако се затворат, туку ако давале на СДСМ, сега нека ни дават и нам”. Сета дотогашна успешна активност на МВР падна во вода, во моментов кога на еден регионален пат беше поставена заседа за приведување на еден моќен македонски бизнисмен, кој без пари купи еден куп претпријатија во земјата. Во моментот кога требаше да се случи приведувањето, Георгиевски заедно со тој човек одеше да сече лента за свечено пуштање на негов објект. Потоа и официјално почна рекетирање на директорите. Втор момент кој го потхрануваше мојот анимозитет беше кога преку ДБК требаше да се реализира направената стратегија од владејачката партија за фалсификување на претседателските избори во западниот дел од државата. Мојот државнички анимозитет беше дефинитивно оформен по добивањето на одредени сознанија во ДБК, според кои постои сценарио за растурање на ова држава, при што бев поставен пред сериозен предизвик: Мирно да си седам во МВР и да ги уживам сите привилегии, но истовремено да се чуствувам како соучесник во растурањето на мојата држава или пак да направам обид да се спречат овие работи. Јас ја одбрав втората варијанта, при што бев длабоко свесен дека ова може да се спречи само со формирање нова политичка партија, која ќе ја добие довербата на граѓаните за време на изборите.

♦ СТАРТ: Како доскорашен висок функционер во ДБК, сигурно располагате со доверливи податоци кои им се достапни само на тесен круг луѓе. Во јавноста ја пласиравте тезата за постоење сценарио за растурање на Македонија. Доколку е тоа вистина, кој се учествува во тие мрачни игри и каков е односот на премиерот Георгиевски и претседателот Трајковски по тоа прашање?

• БАЧЕВ: Јавно промовираната теза дека постои сценарио за растурање на државата, во прв момент, изгледа можеби премногу едноставна и разбирлива, но овој “проект” е еден компилат од повеќе елементи. Војната во Република Македонија беше длабоко контролирана во најголем дел за потребите на ова сценарио и, за жал, за потребите на тоа сценарио загинаа недолжни бранители. Јас и сега најодговорно тврдам дека вистинскиот убиец на македонските војници кај Карпалак и на тројцата полицајци при опсадата на Арачиново е македонската Влада и тие едноставно беа жртвувани. Фамозниот закон за отворање на досиеата ја одигра својата вистинска улога за растурање на безбедносниот систем, а попатно дозволи целокупната оперативна мрежа на ДБК да падне во рацете на Џафери. Пред изборите во 1998 година, ДБК во рамките на своите активности дојде до еден документ кој беше подготвуван од експозитурата на Грчката разузнавачка служба во Република Македонија, за потребите на централата во Атина. Таму, покрај брилијантните аналитички прогнози ( од 120 пратеници во македонскиот парламент, дури 118 беа погодени од која партија ќе бидат), беше нотирана и забелешката дека работите сега ќе одат во вистинската насока со “нашата” Влада. Што ова значи ова, читано меѓу редови, не е тешко да се разбере. Или, пак, таканаречениот спор во црквата, чија суштина многу вешто се скрива. Овој спор е контролиран од световни политички лица, кои го туркаат сценариото, а владиката Јован е само еден обичен играч кој успешно си ја игра својата улога. Голем дел од вистината за овој т.н. спор може да се види ако МВР има доблест и на јавноста и ги даде на увид досиејата на владиците Наум и Јован ( Звонко и Зоран). Или, пак, одредбите од Рамковниот договор за локалната самоуправа и составот и распределбата на полицијата во западниот дел од државата, кои треба да се имплементираат до 2004-2005 година. Во однос на вториот дел на вашето прашање, во ова пригода само ќе кажам дека премиерот е активен учесник, додека пак претседателот Трајковски се што прави, прави како резултат на својот капацитет. Човекот се уште не може да разбере како Господ се поигра со него и му додели мошне одговорна функција во најлошо време за Република Македонија.

♦ СТАРТ: Доста шокантно изгледа вашето тврдење дека „двете водечки фигури од власта се платеници на странски разузнавачки служби„. Можете ли да ги именувате „фигурите„ и како ќе го докажете вашето тврдење доколку поради тоа против вас бидат поднесени кривични пријави?

• БАЧЕВ: Интересот на странските разузнавачки служби во овие десетина години е константен, па така и пред 1998 година (нај)високи политичари имаа свои контакти со истите. Еден од нив дури имаше и класичен соработнички однос под псевдоним “Гавран”, но во ДБК беа уништија тие досијеа некаде во 1995-96 година. Разликата е во тоа што тогашните релации беа во насока на одредени влијанија врз државните структури без да се чепка во опстанокот на државата, додека пак сега имаме “чиста” ситуација, каде што сите инволвирани се свесни и го посакувааат тоа сценарио на кое работат. Актерите на сценариото се под контрола на грчката и на бугарската разузнувачка служба, чии интереси, во однос на она што се сака да се постигне со ова сценариот, се поклопуваат. Инаку, доколку имавме вистинска правна држава, соодветните институци веќе требаше да реагираат. Но, во услови кога имате карикатурално јавно обвинителство, работите се повеќе од јасни.

♦ СТАРТ: Кои се опциите и луѓето кои би можеле да ја вратат Република Македонија на вистинскиот пат и неа и на нејзините граѓани да и овозможат посреќна иднина?

• БАЧЕВ: Наш најголем адут на овие избори се нашата идеја и конкретната програма што ја нудиме, а најмногу луѓето што ја раководат оваа партија. Се работи за личности кои се исполнети, кои успеале во животот, кои се стручни и способни, материјално добро ситуирани за македонски можности, кои пред се и над се си ја сакат сопствената држава и немат резервна татковина, како некои од нашите носители на државни функции. Ако не беше на дело ова застрашувачко сценарио, сите ние сме со прекрасни занимања и немаше потреба да формираме политичка партија. Македонските граѓани треба да знаат дека ако дозволиме државата да ни се урива, заедно со неа сите ќе бидеме затрупани. НДМ своето политичко дејствување ќе го базира на два принципа: да им ја кажеме вистината на граѓаните за тоа кој ја крадеше, лажеше и растураше нашата земја и да понудиме конкретни решенија з аизлез од неповолната ситуација. Ние ќе се бориме, а од волјата на мојот народ ќе зависи дали во тоа ќе успееме.