Власта треба да каже зошто ја крие нашата тужба против Вранишковски за шпионажа


05.02.2010 | 14:25:21 | Интервјуа


Власта треба да каже зошто ја крие нашата тужба против Вранишковски за шпионажа

05.02.2010 (петок) Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Фокус (новинар: Бобан Нонковиќ) 

ФОКУС: Г-дине Бачев, Вие како поранешен разузнавач и актуелен претседател на Народното движење за Македонија, за разлика од државните органи, па и Македонската православна црква, први ја отворивте Пандорината кутија наречена Јован (Зоран) Вранишковски и неговото делување во Македонија. Зошто, според Вас, само Вие отворено влегувате во борбата со црковниот расколник, а другите молчат, во време кога тој слободно шета низ светот, сега и низ државава, а е осуден на казна затвор?

БАЧЕВ: Спорот со Македонската православна црква, во контекст на дејствувањето на расколникот Вранишковски, не е исклучиво црковен проблем. Овој спор го владеат сосема поинакви личности и структури од оние што ги замислуваат тие што не се наоѓаат зад сцената. Се работи за проблем што е директно поврзан со националниот идентитет на македонскиот народ и македонската држава, односно за прашање од стратешки интерес, не само за Црквата и за народот, туку и за државата. Оттука, Народно движење за Македонија како партија што се бори за одбрана на македонските национални интереси, соочена со вакви груби, во основа антимакедонски активности на Вранишковски, прифаќајќи ја притоа сопствената одговорност пред целиот македонски народ, не може да стои настрана во овие опасни игри за татковината. ние не сме премногу среќни во нашата борба за одбрана на достоинството на македонскиот народ кога гледаме дека Македонија како држава пројавува сериозен политички хендикеп и недоволен институционален капацитет да се справи со  Вранишковски, кој во стил на здодевен агитатор и натаму ја девалвира нејзината институционална позиција и ја оптоварува домашната политичка реалност.

ФОКУС: Велите дека МВР има обемно досие за Вранишковски и цврсти докази за негова соработка со грчката и српската разузнавачка служба. За што конкретно се работи?

БАЧЕВ: Според сознанијата и документите што ни се презентирани, се гледа дека Управата за безбедност и контраразузнавање на МВР, во заведеното оперативно досие Л.Д.Н за Јован Вранишковски има собрано завиден оперативен и судски материјал, од повеќегодишниот негов третман, со примена на оперативно-технички мерки и методи, како на пример, мерките 9-К, 9-Е и 9-В. Се гледа дека собраниот оперативен материјал ги потврдува шпионските активности на Јован Вранишковски во корист на српската и грчката разузнавачка служба, што во заднина го организираат и контролираат овој пеколен проект за обезличување на македонската нација и црква. Јован е само обично штрафче што треба да ја изигра својата улога, а тоа одлично го прави.

ФОКУС: Кој е грчкиот шпион што го споменувате дека бил врската со Јован во Македонија?

БАЧЕВ: Се работи за лице добро познато на македонската ДБК, односно за еден од агентите-резиденти на грчката разузнавачка служба во Македонија што ја координира грчката разузнавачка мрежа во државата. Инаку, ова лице е толку длабоко и успешно инволвирано што на шпионска врска држи и македонски граѓани на влијателни места во безбедносните органи, но, за ова не би сакал да говорам опширно. Тука само уште да споменам дека овој грчки шпион се стекна и со македонско државјанство!

ФОКУС: Дали мислите на г-динот Маноли, близок соработник на сите македонски власти досега?

БАЧЕВ: Во брзо време ќе го откриеме неговиот идентитет, но лицето што го споменувате во прашањето е во високата хиерархија на грчкото разузнавање во Македонија и се знае дека од осамостојувањето на Македонија, тој има силни врски со политичко-безбедносни кругови во државата.

ФОКУС: Со оглед на тоа што црквата на Вранишковски треба да се самофинансира, а тука нема никаков приход, бидејќи нема храмови, но во исто време изнајмуваат станови неговите следбеници и градат манастири, какви се Вашите сознанија, во врска со тоа, кој и како го финансира Вранишковски и неговата ПОА?

БАЧЕВ: Се разбира дека за квалитетна разузнавачка работа се потребни финансиски средства, а неговите разузнавачки ментори воопшто не се штедливи кога треба да ги покриваат неговите активности и затоа му се отворени банкарски сметки во три грчки банки.А, само за купување на плац за изградба на манастирот „Св. Јован Златоуст„ своевремо на Вранишковски му се обезбедени 100.000 евра во кеш. Тајните служби се клучниот фактор за опстанок на државите на суровата меѓународна сцена, бидејќи нивните стратешки цели и задачи ги градат токму врз извештајите и проценките на своите разузнавачки структури и затоа сите нормални држави обезбедуваат големи средства за нивно функционирање. Не случајно американските претседатели своето прво кафе го пијат со директорот ЦИА, а рускиот премиер Путин вели дека дури и со силите на само еден човек може да се постигне нешто што не можат да го постигнат цели армии, т.е. еден разузнавач ги решава судбините на илјадници луѓе. Само во Македонија, повремено, можат да се слушнат некои идиотски размислувања на некои самопрогласени „експерти„ дека експолицајци (!?) не требало да се занимаваат со политика, иако токму патриотскиот дел од македонското МВР го подметна својот грб во опасната и ризична 1991 г. за да се формира самостојна и независна македонска држава.

ФОКУС: Велите дека Јован е обемно следен од ДБК, што го потврдувате и со податокот дека разузнавачките центри каде тој ги добива шпионските насоки се во Ниш и Врање. Какви се Вашите податоци во врска со тоа кои се службите, ликовите, разузнавачите со кои Јован се среќава(л) во Србија и Грција?

БАЧЕВ: Според презентираните сознанија може да се види дека отпадникот Вранишковски е на долгогодишна врска на српската и грчката разузнавачка служба. Инструкциите за дејствување најчесто ги добива во регионалниот центар на српската разузнавачка служба во Ниш, потцентарот во Врање и од веќе споменатиот познат грчки шпион во Македонија. Се разбира, за реализација на дадените задачи и самиот Вранишковски развива во Македонија своја мрежа на информатори која од безбедносни причини не е добро да се пласира пред јавноста. Во оваа насока, најистурени српски и грчки разузнавачки центри на македонски терен се нивните дипломатски претставништва во Македонија, а дел од активностите на српската и грчката разузнавачка служба одат и преку две партии на националните малцинства кои се дел од владејачкото мнозинство, чии имиња нема да ги споменам, но сите ги знаат по чекорите што ги преземаат.

ФОКУС: Според тоа што го прават Јован, но и македонските власти, мириса на договор за целосно ослободување од сите обвиненија на црковниот егзарх, за сметка на побрз договор за признавање на МПЦ од СПЦ. Додавката Охридска архиепископија на официјалното име на македонската црква го имплицира тоа.

БАЧЕВ: Во мај 2003 година, Српската православна црква донесе антихристијански и антимакедонски одлуки да формира паралелен синод на автономната Охридска архиепископија со Вранишковски, што може да се смета за отворена света војна  против Македонија и Македонците. Во тогашната реакција, односно писмото на МПЦ до СПЦ, од 27 мај 2003 г., се вели дека името на нашата црква може да биде само Македонска православна црква, со автокефален статус, и од тоа не може да се отстапи. Во меѓувреме, дојде до некоја додавка во името на МПЦ, а македонските судови наеднаш, го укинаа притворот за Вранишковски, наводно заради неправосилност на пресудата, што упатува на размислување дека тајната дипломатија е ставена во функција. Како и да е, сакам да го предупредам црковниот врв на МПЦ дека Македонците од целиот свет нема да прифатат решение со кое треба да се уништи МПЦ како главен столб на македонското опстојување, со што, всушност, се посегнува и по националниот идентитет на македонскиот народ. Во оваа насока, само доколку дојде до признавање на автокефалноста на МПЦ, се друго станува беззначајно, целосното политичко ослободување од сите обвиненија на расколникот Вранишковски, како и негово амнестирање за шпионските активности спрема Македонија, како чин на добра волја, ќе го сметаме за оправдано.

ФОКУС: Додека ВМРО ДПМНЕ беше во опозиција жестоко ја напаѓаше власта што не расчистува со Вранишковски, за сега да прават договори со него, па дури и на Светосавската академија на 27-ми јануари, коалицискиот партнер на Груевски, Иван Стоилковиќ, со сите почести го прими Јован, се прегрнуваше со него, му целиваше рака...

БАЧЕВ: ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија сега има силна обврска да го расчисти овој случај, дотолку повеќе, имајќи ги предвид нивните залагања како опозиција. За потсетување, во мај 2003 година Никола Груевски, како новоизбран лидер на тогашната опозициска ВМРО-ДМНЕ, изјави дека неговата партија ќе ја подржува и ќе и помогне на МПЦ во одбраната од било какви напади, бидејќи нападот врз црквата го чуствуваат и како напад на државноста на Македонија. На прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ го обвини МВР дека не презема акции за да го спречи ширењето на пропагандните материјали на Српската православна црква и дека на тој начин го толерира раздорот што СПЦ го создава во Македонија. На 02.08.2004 г., по повод 60 години АСНОМ, тогашната потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Ганка Самоиловска-Цветанова, изјави дека нивна делегација нема да положи цвеќе во „Прохор Пчински„ бидејќи, како што рече, не сакаат да бидат соучесници во државното велепредавство заради присуството на Вранишковски во манастирот. Таа, притоа, му порача на тогашниот претседател Бранко Црвенковски да престане со распродажбата на националните интереси со тоа што ќе одел во манастирот на прославата на АСНОМ. Сега, фактички, паѓа во вода кажаното од ВМРО-ДПМНЕ со присуството на владини претставници на Светосавската Академија на 27-ми јануари и циркусот што притоа го приреди коалицискиот партнер на Груевски, Иван Стоилковиќ, кого во оваа прилика како пратеник што прима плата од македонските даночни обврзници го повикуваме јавно да каже чија црква ја признава!

ФОКУС: Дали сметате дека потегот на Стоилковиќ е координиран со Груевски или, пак, Демократската партија на Србите во Македонија, под диктат на некој друг го направи овој потег?

БАЧЕВ: Македонија, на јавна сцена, беше посрамена и понижена со поклонувањето на пратеникот Иван Стоилковиќ и неговото целивање рака на расколникот, одметникот и српско-грчкиот шпион Вранишковски, кој отворено се залага за обезличување на македонската нација и црква. За Стоилковиќ не е никакво оправдување што на консултациите со српските ментори, пред прославата, првично се противел на нивното барање дека мора да го покани Вранишковски, со образложение дека не ќе може да се појави пред Груевски ако го покани и Јован. Но, очигледно дека  е „скршен„ заради желбата по секоја цена да и помогне на татковината Србија, а за сметка на државата Македонија, во која, патем, живее и прима плата од нејзинот буџет.

ФОКУС: Иако од 2002 г. кога станува српски егзарх во Македонија, почнуваат судските постапки против Вранишковски, Вие посочувате документ дека од битолската полиција, една година подоцна (во 2003 г.), наместо да му биде одземен пасошот, издаден му е нов?

БАЧЕВ: Многу е сериозно сознанието дека, во време кога против расколникот Вранишковски се водат повеќе кривични постапки пред судовите во Велес и во Битола, за финансиски малверзации и за ширење расна и весрка омраза, и кога против него има и првостепени пресуди, неговите разузнавачки ментори успеваат (замислете!) да му обезбедат издавање нова патна исправа преку битолската полиција со регистарски број 1904171. МВР треба да испита како е можно битолската полиција да му издаде пасош, спротивно на член 37 став 1 точка 1 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, каде се вели дека поднесено барање за издавање на пасош или виза ќе се одбие и нема да се издаде ако против лицето кое бара пасош или виза е поведена кривична постапка!

ФОКУС: Тоа значи, според Вас, дека ПОА на Вранишковски има добри инсталации и во македонската извршна власт?

БАЧЕВ: Македонските граѓани мака мачат да дојдат до патна исправа, а Вранишковски, дури спротивно на законот, добива пасош, што само по себе го дава одговорот на вашето прашање, со мала корекција, дека, помалку Вранишковски, а многу повеќе неговите странски разузнавачки ментори, се добро распоредени на наш терен.

ФОКУС: Од каде Ви е податокот дека Вранишковски, црковно лице и духовник кој со Божја сила треба да ги убедува луѓето во Господовата вистина, од истата битолска полиција добил дозвола за поседување и носење оружје?

БАЧЕВ: И ова е интересен момент, поточно моментот кога на Вранишковски му  е обезбедено одобрение за огнено оружје, дури и без никаква оперативна проверка што е задолжителна за сите граѓани кога поднесуваат барање за оружје, со оглед на тоа што токму од оценката и мислењето во проверката зависи исходот на барањето за оружје. Е сега, чудно е едно свештено лице да поседува оружје, но уште почудно е што пиштолот марка „берета 9 мм„ до денес уште не му  е одземен, иако, против расколникот се водат кривични постапки.

ФОКУС: За што му бил потребен пиштол, според Вас, на Јован?

БАЧЕВ: Најмалку е важно дали Вранишковски го зел пиштолот заради лична безбедност или за да се чалами пред монахинките од неговото братство во Нижеполе.

ФОКУС: Колку може тој да и наштети на државава сега, а колку можеше во минатото, со неговата соработка со српските и грчките разузнавачки служби?

БАЧЕВ: Кај Вранишковски не е спорна намерата да и наштети на државата и тој тоа го прави отворено во своите настапи. Во случајов, најмалку се работи за црковно прашање, туку крајната цел е да и се наштети на државата и да дојде до нејзино обезличување. А, колку може да наштети, зависи од тоа колку надлежните органи се спремни да ги пресечат во корен неговите противуставни активности, односно дали ја имаат неопходната храброст и патриотизам веднаш да иницираат обвинување за шпионажа. Во спротивно, може да стане неизбежна опасноста од паралелизам на т.н. црква на расколникот Јован, по што ќе мора нашата црква со него да седне на преговарачка маса. Во услови кога во Македонија врие од разузнавачки инсталации и разузнавачки активности, Македонија сеуште е единствената од посткомунистичките земји каде не е поведена постапка за шпионажа. Во оваа насока, да спомнам дека своевремено Народното движење за Македонија поднесе кривична пријава за шпионажа против Вранишковски (прва ваква пријава во историјата на Македонија), но таа со години е закочена. Ниту ја процесуираат, ниту ја отфрлаат како би можеле согласно законот, НДМ да се појави како супсидијарен тужител пред судот.

ФОКУС: Дали во МВР и ДБК се воделе досиеја и за останатите од т.н. ПОА и има ли податоци за делувањето за другите од т.н. црковен клир на Вранишковски?

БАЧЕВ: Нормално дека личности од дружината на Вранишковски се под соодветен оперативен третман на ДБК поради нивните противуставни активности.

ФОКУС: Што е со функционирањето на разузнавачките служби во МПЦ-ОА? Во нашата црква силно застанаа против примената на Законот за лустрација и врз нив.

БАЧЕВ: За жал, со лустрацијата се случи она што го пишувава уште при носењето на лустрацискиот закон, односно дека Македонија нема демократски капацитет да го спроведе болниот, но делотворрен лустрациски третман и дека на крајот лустрацијата ќе излезе едно големо ништо. И покрај романтичарските изјави од ВМРО-ДПМНЕ дека се многу ожалостени од несупешната лустрација (на народот сепак одвреме-навреме му треба и по малку романтика), сепак во заднина најзадоволни се токму во владејачката партија за неуспехот од лустрацијата, бидејќи кај нив има сериозна бројка на кодоши што сега се распоредени во високата политика, а дури седум партии во нивната коалиција се дело на тајната полиција. Инаку, и поповите како и останатите категории граѓани (универзитетски професори, академици, поети, новинари, адвокати, медијатори, олигарси...) се изземени од лустрацијата, односно можат да се лустрираат само ако самите тоа го посакаат.Но, јас и мојата партија, во догледно време, ќе бараме начин во Македонија, сепак, да има некои резултати од лустрацијата.

ФОКУС: Сепак, токму владиците во МПЦ, или некој од нив, му овозможија на Јован катапултирање во црковната хиреархија на МПЦ, па тој, спротивно на сите канони, за само една година се замонаши, стана јеромонах и на крај и владика?!

БАЧЕВ: Точно е дека расколникот Вранишковски имаше метеорско напредување во црковната хиерархија во МПЦ. Но, јавноста треба да знае дека брзопотезното уфрлување на Вранишковски во Синодот на МПЦ се случи без притоа членовите на Синодот воопшто да ја познаваат неговата личност, ниту пак тој ја познавал состојбата во МПЦ по неговиот повеќегодишен престој во Грција, поточно во Солун, каде разузнавачки е обработен и дополнително уфрлен во нашата црква. На домашниот црковен терен, колку што мене ми е познато, силно влијание врз неговиот избор во Синодот на МПЦ имал владиката Петар кој сметам дека треба да излезе и да им се извини на македонските верници за оваа грешка.  Своевремено, за секој владика, службата за државна безбедност вршеше целосна оперативна проверка, пред неговото хиротонисување, а, што е симтоматично, за Јован тоа не се случи, т.е. Вранишковски е единствениот што во Светиот архиерејски синод влезе без да биде проверен од нашата служба.

ФОКУС: Дали ова што се случува околу Јован и останатите популистички потези на ВМРО ДПМНЕ, води најпрво кон решавање на проблемот со името со Грција, а потоа и кон нови предвремени избори во државава?

БАЧЕВ: Од секојдневните активности на владејачката ВМРО-ДПМНЕ повеќе од јасно е дека на повидок се нови избори, заради што Народно движење за Македонија отпочна со соодветни активности. Деновиве со нашата партија треба да се здружат неколку помали партии за што ќе биде информирана јавноста. Истовремено, во периодот што следи, ќе биде утврдена ориентацијата на НДМ околу идното коалицирање. За Вранишковски, на крајот, само ќе додадам дека согласно одлуката на Синодот на МПЦ од 9-јули 2003 за негово расчинување и враќање во редот на мирјаните со световното име Зоран, доколку самиот не ја симне црната мантија и црковните обележја или тоа не го извршат полицијата, обвинителството и судските органи, Народното движење за Македонија го повикува секој Македонец тоа да го стори во секое време и на било кое место. Причината е што цивилното лице Зоран Вранишковски ги навредува и повредува националните и верските чувства на сите Македонци. Значи, од севкупно кажано произлегува дека НДМ ги прави долгоочекуваните потези, сега на ред е државата.