Бачев: Полицијата ме уапси, затоа што во Фокус носев документ за полициското следење на Никола Младенов


03.03.2006 | 13:55:30 | Интервјуа


Бачев: Полицијата ме уапси, затоа што во Фокус носев документ за полициското следење на Никола Младенов

03.03.2006 (петок) Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Фокус (новинар: Зоран Димитровски)

Во вторникот, на 28 февруари, околу 11,30 часот, Јанко Бачев, екс разузнавач и лидер на Народно движење за Македонија, на пат кон редакцијата „Фокус„ каде што требаше да го донесе документот на Управата за безбедност и контраразузнавање според кој е издадена наредба за оперативно-безбедна обработка на сопственикот на „Фокус„ Никола Младенов, во Оперативната акција „Конто„, имал блиска средба со полицијата.

Поради наводен сообраќаен прекршок, при што автомобилот му бил одвлечкан од пајак-службата, а тој завршил со лисици, Бачев бил уапсен и приведен во полициската станица „Пролет„. Автомобилот притоа му бил отворен и од чантата му ги извлекле факсимилите од документите на УБК. За среќа, Бачев како секој добар безбедњак сочувал и копии кои ги донесе во „Фокус„ при што видно вознемирен даде интервју за нашиот неделник.

♦ ФОКУС: Што ви се случи во вторникот на 28 февруари? • БАЧЕВ: Дента, околу 11,30 часот, според договорот, се упатив со мојот автомобил „БМВ„ кон редакцијата на “Фокус” за да донесеам копија од документот, што ја набавив од сопствени извори, според кој УБК издала наредба за оперативна проверка на сопственикот на весникот Никола Младенов поради аферата „Швајцарски сметки„. На пат кон „Фокус„, бидејќи требаше да подигнам пари од Комерцијална банка во Градскиот трговски центар, го паркирав накратко автомобилот на т.н. сообраќаен остров во центарот на Скопје, кај семафорите спроти спроти Собранието на РМ, при што ги вклучив и четирите позициони светла. На островот имаше и други паркирани автомобили. По десетина минути, се вратив и заблежав дека ми ја нема колата, при што, вознемирен, се обратив до дежурниот полицаец за да го прашам што се случило. Тој со провокативна смислена реакција дрско ми се обрати и на најбрутален начин, без никаков законски основ, ми стави лисици и реши да ме приведе на очиглед на огромен број граѓани. Влегов во полициското комби и ме одведоа во полициската станица „Пролет„. Таму бев задржан на информативен разговор околу 1 час без да ми дозволат присуство на адвокат. На разговорот уште еднаш ме предупредија окмолу она што го изнесувам во јавноста како поранешен припадник на МВР.

♦ ФОКУС: Значи, причината не беше сообраќаен прекршок, туку вашето делување во јавноста?

• БАЧЕВ: Формално – сообраќаен прекршок, но ве молам, може ли полицијата да ви стави лисици и да ве уапси, затоа што сте реагирале што претходно ви го кренале автомобнилот со пајак?

ОА „КОНТО„ – ШВАЈЦАРСКА ОБРАБОТКА

♦ ФОКУС: Дали бевте насилни, односно дали го нападнавте полицаецот?

• БАЧЕВ: Се разбира дка не. Имаше и колеги, колешки со него, нормално дека беше лудо да се спротиставувам. Напротив, самиот им предложив да се качам доброволно во полицискиот автомоби и да одиме во станица.

♦ ФОКУС: Што беше тогаш причината?

• БАЧЕВ: Во полицијата им реков дека Народно движење за Македонија и јас лично нема да потклекнеме на никакви притисоци и заплашувања и ќе продолжиме со нашето легално политичко делување. Откако ме пуштија од полициската станица, заминав да си ја земам колата од паркингот на пајак-службата и веднаш забележав дека автомобилот е отворен, дека е вршен претрес во мојата чанта, при што ми се одземени документи подготвувани за разговорот во „Фокус„.

♦ ФОКУС: За какви документи станува збор?

• БАЧЕВ: Станува збор за дописот од градската управа за безбедност и контраразузнавање упатен до одделението во Карпош, во кое се бара за потребите на управата да извршат оперативна проверка на Никола Младенов, сопственикот на „Фокус„ во рамкуте на Оперативната акција „Конто„. Во дописот уште пишува дека треба да се обрне внимание на неговите врски, деловни контакти, телефонски броеви, свртувалишта, а пред се врските од неговата бранша со кои новинарот е во добри пријателски односи. Станува збор, значи, за полициско следење на Младенов во контекст на аферата „Швајцарски сметки„ на претседателот Бранко Црвенковски и екс-премиерот Хари Костов. За среќа, имав копии од документот оставени на различни места.

♦ ФОКУС: Што направивте откако си ја подигнавте колата?

• БАЧЕВ: При обидот да ја платам таксата за пајак-службата забележав дека во текот на претресот во центарот на градот,полицаецот ми ги одземал и 500-те евра кои претходно ги подигнав од банката! Го повикав потпретседателот на партијата да ми донесе пари за да можам да ги платам и лекарските прегледи поради повредите што мие беа нанесени при насилното апсење.

ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ

♦ ФОКУС: Зошто мислите дека е тоа смислена акција на полицијата?

• БАЧЕВ: Индикативно е што пред одењето во „Фокус„ околу 10 ч. имав разговор по телефон со секретарот на партијата, при што му кажав дека одам во „Фокус„ во врска со новодобиените документи и му реков дека ќе се сретнеме подоцна за договор околу средбата на раководството на НДМ која беше закажана за вечерта, на 28 февруари. Од ова заклучив дека телефонот ми е под контрола и полицијата го знаела моето движење, уште повеќе што при застанувањето за само десетина минути во центарот на градот, пајак-службата експресно ја заврши работата со мојот автомобил.

♦ ФОКУС: Бевте ли потоа на лекар?

• БАЧЕВ: Да. Направив лекарски прегледи и ги прибавив потребните документи, лекарско уверение, по што ќе следи соодветна судска постапка против МВР за брутално приведување и присилно апсење, за што ќе барам и отштета.

♦ ФОКУС: Што мислите, зошто УБК и полицијата реагираат вака нервозно?

• БАЧЕВ: УБК во изминатите петнаесет години е комплетно партизирана служба, а највисоките раководители, вклучувајќи го и актуелниот министер во МВР, своите “звездени мигови” во кариерата ги постигнаа со оперативна работа врз т.н.внатрешниот непријател-ВМРО, со контиунуирано следење на членовите на партијата, за што беше етаблирана и посебна линија на работа во УБК наречена „македонски ексремизам„. И во моментов УБК функционира по системот на меѓусебно кодошење и невидена сервилност и полтронство на вработените, гонење на т..н внатрешен непријател, што е случај и со сопственикот на „Фокус„. Бидејќи во овој случај и надлежните органи и експертите изјавија дека практично е невозможно да се расветли случајот со „швајцарските сметки„ НДМ го нуди следното решение: го повикуваме Б.Црвенковски да потпише нотарски заверен договор дека целокупниот имот во странски банки му го поклонува на НДМ и ние гарантираме дека ќе го расветлиме случајот со експресно посетување на некои за нас познати банки, кога во раце имаме меѓународно признат правен механизам-договор за подарок. Така ситуацијата ќе биде многу чиста.

♦ ФОКУС: Вие бевте на функција во УБК, во времето на ВМРО. Зошто не се направија промени во безбедносните служби?

• БАЧЕВ: За жал и Владата на ВМРО во 1998-2002 г. не направи никави суштински промени. Речиси истите структури, претходно подготвувани од СДСМ, фактички ги имаа највисоките оперативни позиции во УБК, а сознанијата селективно им се испраќаа на премиерот Георгиевски и министерот Бошковски, кои само номинално ја имаа власта.

♦ ФОКУС: Дали нервозата во службите се зголемува поради тоа што наближуваат изборите?

• БАЧЕВ: Според мои сознанија СДСМ, очекувајќи пораз на следните избори, сега отпочнува со старата шема: намерно врши т.н. деградирање на началници за да изгледа дека се блиски до опозицијата, за подоцна, при евентуалното губење на власта, овие т.н репресирани кадри од СДСМ, новата власт на чело со ВМРО ДПМНЕ ги награди со функции во УБК, а кои всушност се однапред подготвени инсталации на СДСМ, кои повторно ќе раководат во позадина со УБК и кога партијата ќе биде во опозиција. Дури, овие инсталации на СДСМ веќе имаат воспоставено релации преку секретарско-советнички линии од опкружувањето на Груевски со цел да ги подготват своите позиции за повторно враќање и раководење во УБК пласирајќи ја тезата за нивната т.н. репресираност за време на СДСМ.

АПСУРДИ - БРИШИ ВЕЛИУ И ЏАФЕРИ, ПИШИ МЛАДЕНОВ!

♦ ФОКУС: Ни донесовте и други интересни документи на УБК. За што се работи?

• БАЧЕВ: Истовремено со отворените оперативни акции на УБК за новиот „внатрешен непријател„ односно сопственикот на „Фокус„ Младенов, сакам да ја потсетам јавноста дека со телеграми на УБК уште од крајот на 2001 г. припадниците на УЧК, Фазли Велиу, Џеват Адеми и Муса Џафери се бришат од евиденција и натамошна оперативна обработка на службата за контраразузнавање.

♦ ФОКУС: Имате ли предлог како да се реформира УБК?

БАЧЕВ: Ние предложивме две концепции за реформи во УБК. Една е порадикална, која опфаќа комплетно распуштање на анахроно ораганизирана, структуирана и високо партизирана УБК и во рок од еден месец комплетно екипирање со стручни и професионални кадри по претходно утврдени јасни критериуми. Постојните вработени нема да останат без работа, туку ќе се распоредат по секторите во МВР. И втората, поблага варијантна, со менување на принципите и организираноста на УБК која се уште работи на т.н.три нивоа, почнувајќи од месни заедници што беше карактеристично за други времиња кога требаше да се има увид во активностите на т.н.внатрешен непријател, односно ВМРО. Радува фактот што кај Груевски има расположение за реформи и во УБК и по победата, НДМ ќе достави целосен концепт за реформи во УБК со цел да се направи мала, ефикасна и високо оперативна контраразузнавачка служба.

♦ ФОКУС: Се подготвувате ли за избори? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, некако како да ги игнорира малите партии во коалицијата. Да не сте му веќе товар?

• БАЧЕВ: Не верувам. НДМ ќе инсистира на застапеност на изборните листи на партиите од здружената коалција според нивната силина на теренот, активностите за време на локалните избори, стручност и моралот кандидатите. Ќе го цениме бескомпромисниот патриотизам. Силина на партиите е лесно мерлива, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ има месни комитети речиси во секое село, при што ќе бараме нивно мислење за силината на партиите од коалицијата на теренот и во зависност од тоа да се бара застапеност на листите. Уверен сум дека Здружената коалиција ќе победи на овие избори меѓу другото и затоа што колку повеќе не апсат, не има се повеќе и ова злосторничко здружение наречено Влада на РМ ќе го тргнеме од политичката сцена.