Бачев: Партиските структури во УБК воопшто нема да го фермаат новиот министер до изборите и директно ќе реферираат на друго место


19.10.2015 | 12:45:20 | Интервјуа


Бачев: Партиските структури во УБК воопшто нема да го фермаат новиот министер до изборите и директно ќе реферираат на друго место

19.10.2015 (понеделник) Интервју на Претседателот на НДМ, проф. д-р Јанко Бачев за интернет порталот локално.мк (www.lokalno.mk) (новинар: Филип Ѓурчиновски)

Јанко Бачев, универзитетски професор по меѓународно право, претседател на Народно движење за Македонија и некогашен разузнавач, на трибина во саботата им предложи на македнските политичари да размислат да се укинат тајните служби со ваквата структура , затоа што се партизирани и се  врзани со криминалното подземје, вели во интервјуто за локално.мк Бачев.

ЛОКАЛНО.МК:Предлагате укинување на тајните служби токму кога партиите се договараат за преземање на МВР со кадар на опозицијата. Зошто баш сега?

• БАЧЕВ: Точно, на стручната дебата насловена како „Влијанието на општествената криза во создавањето на дисиденти во МВР и (зло)употребата на безбедносните структури“ што се одржа во саботата на 17 октомври, беше одличен повод и место во една стручно полемика да ја изложам мојата идеја и причините за укинување на македонската тајна полиција. На дебатата бев поканет во својство на универзитетски професор, и оттука, кога станува збор за стручна полемика и соочување на аргументи и контрааргуметни, воопшто не ми е гајле дали ова е кажано кога партиите се договарале за преземање на МВР со кадар на опозицијата.

Меѓутоа, во интерес на вистината да се потсетиме. Во 2006 година Народно движење за Македонија беше во коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По изборите во јуни 2006 кога Груевски првпат стана премиер, многу лошо помина мојот тогашен предлог околу реформата на тајната полиција, во чија основа беше заложбата за комплетно распуштање на дотогашната анахроно организизрана и високо партизирана Служба за државна безбедност и најпосле етаблирање по претходно утврдени јасни критериуми, една мала, ефикасна и високо оперативна шпионска служба, која ќе функционира исклучиво во интерес на безбедноста на државата, а не служба која ќе ги прислушкува и следи активностите на т.н. внатрешни непријатели и политичките неистомисленици. Меѓутоа, Илија Китановски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој во тоа време беше задолжен за контактите на ВМРО-ДПМНЕ со нашата партија, ни ја пренесе тогашната порака од Никола Груевски, дека идниот македонски премиер не размислува за радикална реформа во системот на државната безбедност, заради што не е пожелно да пласирам во јавноста вакви гледишта за тајната полиција. Тоа е веќе историја, но, во контекст на вашето прашање сакам да потенцирам дека моите заложби за ова датираат одамна, уште од 2006 година, а стручната дебата беше одличен повод за реафирмирање на таквите мои заложби околу тајната полиција.

♦ ЛОКАЛНО.МК: Од светските случаи досега, укинивањето на тајните служби е карактеристика за јужно американските земји најчесто по осуетени или спроведени државни удари. Колку Македонија е слична од безбедносен аспект со таквите држави?

• БАЧЕВ: Инспирацијата за предлогот на Народно движење за Македонија од 2006 година за укинување на македонската тајна полиција и етаблирање на професионална служба која ќе се занимава исклучиво со работите на безбедноста и контраразузнавањето, ја црпевме од балтичките земји кои по рушењето на комунистичко-социјалистичките системи кои така се нарекуваа, успешно го изведоа експериментот со укинувањето на тајните политички полиции. Значи, заложбата за коренити реформи на тајната полиција не беше од аспект на споредба со јужно американски земји, туку со земји членки на НАТО и Европската унија кои извршиле укинување на старите полициски структури што и не би било лошо да бидеме слични со овие земји.

♦ ЛОКАЛНО.МК: Како се доведовме во ваква состојба. Од каде и кога влече корени?

• БАЧЕВ: Одогворот е едноставен. Сведоци сме дека во 25-годишната парламентарна историја на Македонија не и` оди добро и менувањето на власт на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не менува ништо. Во контекст на безбедносните структури, 25 години во Македонија се злоупотребува Службата за државна безбедност за гонење на политичките неистомисленици преку незаконската примена на различни оперативно технички срества и методи како, на пример, прислушкување, тајна контрола на телефон и други комуникациски средства, тајна контрола на писма и други пратки, тајно фотографирање, видео снимање и документирање, тајно следење и набљудување... Ако е за некаква утеха, се повеќе Македонци се свесни за оваа ситуација и се обидуваат да најдат излез од оваа лоша состојба со воспоставениот двопартизам кој треба да се разбие. Затоа, македонските граѓани сега со право се прашуваат што и после изборите во април 2016?

♦ ЛОКАЛНО.МК: Каква е сегашната структура во УБК по систематизација. Има ли шански партиските структури во УБК да се доведат до послушност на новиот министер до изборите?

• БАЧЕВ: Во УБК како високо партизирана и политизирана служба, застанало времето, бидејќи работи по застарен модел на територијален принцип каде агентите на службата се сведени на маалски полицајци кои покриваат по неколку месни заедници. Во УБК зборовите го изменија своето значење, па, така, полтронството и сервилноста ни се прикажуваат како квалитет и професионалност. Наивно сме верувале дека УБК ќе ги врши работите на безбедност и контраразузнавање - па, кој, ќе ги следи тогаш граѓаните? Инаку, мое мислење е дека партиските структури во УБК воопшто нема да го фермаат новиот министер до изборите и дирекнто ќе реферираат на друго место. Поедноставно кажано - утринската пошта формално ќе оди кај министерот, а информациите на друго место?! Зачудува и фактот што опозицијата во актуелните политички пресметки ниту еднаш не ја спомна можноста да предложи раководен кадар во УБК?!

♦ ЛОКАЛНО.МК: Каква е образовната, партиската, професионалната структура и "провереноста" на кадрите во тајните служби?

• БАЧЕВ: Формално-правно, образовната структура е на потребното ниво, од аспект на „партиската„ структура на агентурната мрежа станува збор за кадри кои се блиски со сите партиски штабови и не е никаков проблем за нив, без оглед која партија доаѓа на власт. Не случајно после секои избори наредното утро на работа во УБК сите си честитаат со зборовите нашите победија на изборите. Значи после секои избори, постојано „нашите„ победуваат. Од аспект на професионалноста, со еден збор станува јасно ако кажам дека полтронството и сервилностса се етаблирани како врвни критериуми и принципи на однесување во безбедносните служби. Провереноста, ако мислите на безбедносните проверки на кадарот, тоа веќе станува мислена именка и изгуби секакво значење, сега веќе секој може да влезе на работа во УБК, иако во нормални земји таквиот кадар се проверува најмалку до четврто колено наназад за да се оформи безбедносно мислење и оцена. Ако мислите на партиската провереност, тука општо познато е како стојат работите и не треба некое посебно образложение.

♦ ЛОКАЛНО.МК: Колкав е криминалитетот во тајните служби во однос на соработка со домашното или странско подземје бидејќи се шпекулира дека некои досегашни високи кадри некогаш биле вклучени во трговија со наркотици?

• БАЧЕВ: Поточно е ако се каже дека високи полициски кадри учествувале во обезбедувањето на логистика и соодветна полициска заштита на подземјето вклучено со наркотици, за што повратно овие полициски кадри добивале големи парични средства.

♦ ЛОКАЛНО.МК: Има ли доволно авторитетен човек во Македонија што би можел да искреира нови тајни служби?

• БАЧЕВ: За ова е потребно една претходна постапка на достигнување на домашното политичко единство, а после е многу полесно, бидејќи науката се погрижила за изнаоѓање на механизми и решенија во сите области на човековото живеење, па и на планот на тајните служби. Дотогаш, македонските тајните служби сеуште ќе се доживуваат како некакви отуѓени центри на моќ, кои излегуваат вон контролата на надлежните институции. Но, како и да е, затоа кога ќе дојде нова политичка структура, која ќе ужива доверба, во име на народот нека направи тајна служба чија основна работа ќе биде безбедноста и контраразузнавачката заштита на земјата.