Бачев за „Поглед“: Новата легална власт ќе ја прочисти Македонија од криминалци, предавници и странски шпиони


18.02.2018 | 06:03:02 | Интервјуа


Бачев за „Поглед“: Новата легална власт ќе ја прочисти Македонија од криминалци, предавници и странски шпиони

Интервју на претседателот на Единствена Македонија, проф. д-р Јанко Бачев за ПОГЛЕД. Линк до интервјуто тука

ПОГЛЕД: Господин Бачев. Што е полошо и поопасно за Македонија? Да има Министер за одбрана кој во 2001 година бил командант на УЧК или да има Претседател на Собрание кој во 2001 година бил командант на УЧК?

БАЧЕВ: И во едниот, и во другиот случај, со изборот на Талат Џафери, Македонија беше фрлена на колена, посрамена и понижена, бидејќи, прво, станува збор за човек кој работел и продолжува да работи на рушењето на Македонија и Македонците, и второ, според оперативен документ на УБК при МВР е вмешан во заседата кај Вејце каде ѕверски беа мачени, живи палени и убиени осуммина македонски бранители во еден од најкрвавите и најбрутални масакри во поновата македонска историја. За жал, злосторството кај Вејце, масакрите кај Карпалак, Љуботенски пат...и понатаму останува мистерија, бидејќи ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага за да утврди што точно се случи при овие немили настани во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат. Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината доколу минатото и понатаму не прогонува, односно контроверзната загуба на бранителите останува неразјаснета. Срамот и одговорноста е на тие што го избирале Џафери, кои требало да размислуваат не само за моментот оти се доведоа во ситуација да се срамат од нив и нивните поколенија.

ПОГЛЕД: Новиот клинички центар во Скопје ќе се гради со европски пари, Германија секој трет месец ни донира возила за МВР, Армијата на Република Македонија во 2013 година прими воена опрема вредна 6 милиони долари од Соединетите Американски Држави, која се состеше од возила, оружје, радио предаватели и друга тешка опрема, Словенија во повеќе наврати донира средства, возила и финансии за многу потреби на граѓаните и уште безброј други примери. На сето ова Вие велите - Не ни треба ЕУ, не ни треба поддршка од САД, не ни треба НАТО. Со кои финансии, со чија поддршка ќе се развива оваа држава г. Бачев?

БАЧЕВ: Голем срам за една држава е да прима донации од типот какви што набројавте. Фали уште да се спомнат неодамна донираните чизми од Словачка за МВР произведени во 1982, а кои треба да бидат за практична употреба на македонската полиција во 2018. Инаку, голема лага е дека ЕУ истура свои пари во Македонија. Напротив, ЕУ ги држи во модерно економско ропство земјите како Македонија и всушност нивните донации се еден дел од парите што ги крадат од Македонија. ЕУ на пример, ќе извлече од Македонија 1 милијарда евра преку разноразни кредити за разноразни намени и повратно ќе врати на пример, 100-200 милиони, во форма на некакви донации. Но, и тие донации во најголем дел не завршуваат кај народот, туку кај македонските политички елити и ЕУ во стилот на некогашната Римска империја ги корумпира и купува нашите полиитчари, а тие повратно како нивни заложници и под нивна контрола служат за остварување на погубните политики спрема Македонија и Македонците. Затоа, не случајно во историјата на самостојна Македонија, македонските државни раководители по напуштањето на власта заминуваат со големи богатства со знаење на странските ментори колку им дале и колку им дозволиле да украдат за време на нивното владеење. Значи, наивно е да се верува дека има таму некои луди Холанѓани, Германци, Белгијанци...кои го полнат буџетот на ЕУ и од кој великодушно истураат донации во Македонија бидејќи ептен се потресени за нас. А околу прашањето со чии финансии ќе се развива Македонија, само да спомнам дека според службени документи на МВР во криминалната приватизација беа украдени околу 5 милијарди тогашни германски марки, за време на ембаргото на Обединетите нации спрема СРЈ во 1992 од шверцот на нафта спрема Србија во приватни џебови се одлеаја околу 2,5 милијарди тогашни германски марки. Сега пак, велат дека од 2006 за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ биле украдени 5 милијарди евра. Гледате колку пари се украдени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во нивното 27-годишно владеење, и замислете каков развој би имале доколку овие суми завршат во буџетот. Значи, парите се тука, само треба да дојде легална власт која ќе ужива доверба од народот и ќе го врати назад украденото во интерес на народот.

ПОГЛЕД: Претпоставуваме дека сте ги слушале бомбите кои ги објавуваше сегашниот премиер на Македонија Зоран Заев а поради кои дел од денешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се обвинети за тешка злоупотребна на службената должност и за многу други кривични обвиненија? Во која приказна верувате - во онаа дека се монтирани, сечени, лепени и извадени од контекст или во онаа дека се вистинити и некој за тоа треба да сноси одговорност?

БАЧЕВ: Верувам во приказната дека разговорите во политичките бомби на СДСМ од кои слушаме за тешки злоупотреби на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се автентични, и верувам и во приказната дека овие разговори се прибавени од силен странски центар кој го правел „решето„ државниот врв слушајќи му ги сите разговори.

ПОГЛЕД: Во Македонија, во скоро секоја кафеана, секој втор се мава од земја и лепи пари на српски песни, 80 % од музиката е српска, 80 % од српските пејачи се оние кои ја забавуваат македонската на Пиво Фест во Прилеп или пред малите ТВ екрани преку емисиите ЅВЕЗДЕ ГРАНДА, Пинкови Ѕвездички итн итн. Зошто Вие не реагирате за ваквата узурпација, за ваквото поткопување на она што во суштина значи идентитетско прашање, јазик, култура и традиционални вредности?

БАЧЕВ: Песните не можат да го срушат идентитетот, јазикот и културата на еден народ, а точно е дека во Македонија повеќе се слуша српски песни, како и хрватски (забавни), но, треба да се има предвид дека скоро половина век бевме во една држава. Цели генерации израснаа со песни и пејачи од поранешните југословенски простори. Во некоја иднина можеби ќе свртиме со песни и од другите соседи, оти, еве новата влада вели дека гради одлични односи со соседите! Како и да е, песната не може да го урне еден народ,

ПОГЛЕД: Ако треба да издвоите една Влада која најмногу придонела за македонецот на културен, духовен и економски план, која би била таа...

БАЧЕВ: Нема таква влада, оти сведоци сме дека во 27-годишната парламентарна историја на Македонија не и оди добро и менувањето на власт на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не менува ништо. За жал, сите досегашни влади работат во интерес на странците, а не во интерес на народот. Затоа, и по 27 години не се израдувавме асално на самостојната македонска држава. За влада која најмногу придонела ќе зборуваме по доаѓањето на новата легална власт во државата која ќе се залага за: зачувување на унитарноста и територијалниот интегритет; неменување на името; неприфаќање двојазичност и федерализација на земјата; Македонија национална држава со гарантирани права на малцинствата; расветлување на предавствата од Татковинската војна во 2001 и згрижување на бранителите; укинување на Службата за државна безбедност и основање на мала, ефикасна и високо оперативна служба во интерес на државата; попис на населението и расветлување на фалсификуваниот попис од 2002 година; поништување на одлуката за референдум за Кичево и Струга; враќање на присилно раселените лица од Татковинската војна во 2001; развој заснован на сопствена памет, сопствена храна и сопствена одбрана... а во економскиот дел ќе се залага за: укинување на приватното извршителство и враќање на извршувањето во судовите и враќање на парите од присилната наплата за комунални сметки стари и по 10 години; минимална казна затвор од 10 години за кражба на буџетски пари и враќање на смртната казна за тешки дела на кражба на народниот имот; ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со која се изврши грабеж на општествениот имот и данок за богатите со цел исправање на неправдите од криминалната приватизација; право на бесплатни акции од акциите каде државата има капитал за сите кои не добија акции во криминалната приватизација иако општествениот капитал го создаваа сите работни луѓе во социјализмот; сигурен откуп на земјоделското производство; бесплатно образование и бесплатно здравство; ревизија на лихварскиот банкарски систем кој немилосрдно го краде народот... Со еден збор, новата легална власт ќе ја прочисти Македонија од криминалци, предавници и странски шпиони.

ПОГЛЕД: Во Грција на протест за името излегоа повеќе од 140 000 граѓани, во Македонија не повеќе од 500. По овие бројки излегува дека Грците повеќе го чуваат името Македонија, од самите Македонци. Дали тоа е знак дека Македонците сакаат членство во ЕУ и НАТО па дури под услов на промена на името?

БАЧЕВ: Постои големо разочарување кај Македонците кои беа изиграни од ВМРО-ДПМНЕ за време на седумдесетдневните протести на кои имаше и по 100.000 луѓе. Наивно се верувало дека на протестите се бранат националните и државните интереси, а на крај излезе дека во ВМРО-ДПМНЕ всушност играле друга игра. Оттогаш има едно разочарување кај Македонците, им се одзеде и испумпа протестирачката енергија. Но, кога се работи за името како прашање од највисок национален и државен интерес сигурен сум дека Македонците ќе бидат на првата линија во одбрана на името. Инаку, Македонците и еден дел од малцинствата не ја гледаат својата иднина во ЕУ и НАТО, не сакаат во организации каде сакаат да не обезличат како Македонци, а секојдневните наменски анкети во корист на НАТО и ЕУ се една голема лага и измама од непријателите на македонското дело.

ПОГЛЕД: Кој е вашиот впечаток за првите осум месеци владеење на СДСМ кога станува збор за економијата?

БАЧЕВ: Се е исто од времето на ВМРО-ДПМНЕ, секојдневни странски задолжувања, грабеж преку владини тендери, вработувања врз основа на партиска припадност, а не врз основа на знаење, способност и достигнување. Со еден збор, луѓето од СДСМ кои десетина години беа на резервната клупа, само ги сменија партиските послушници од ВМРО-ДПМНЕ, а на народот му сервираат романтичарски приказни дека ќе биде подобро. Но, се разбира, на народот по некогаш му е потребно и по малку романтика!

ПОГЛЕД: Кое е вашето мислење за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

БАЧЕВ: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се две страни на иста паричка, таму формално-правно има промени во раководствата, но, во суштина нема нови раководства, оти тие во заднина ги избираат странците.

ПОГЛЕД: Вашата партија ќе се залага за сојуз со Русија. Од кого очекувате поддршка за тоа?

БАЧЕВ: Добро е што македонскиот народ и малцинствата во земјата и официјално ја имаат политичката понуда во Македонија. Од една страна се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои порача дека Македонија нема алтернатива освен НАТО и ЕУ. Значи, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателитски коалициски партии се на исти позиции. Македонија во ЕУ и НАТО со либерални вредности (хомосексуализам, истополови бракови, посвојување на деца од истополови бракови, дрогирана младина...) промена на име, идентитет, устав, кантонизација, рекомпонирање на политичкиот систем, неоколонијално економско ропство. Од друга страна сме ние од Единствена Македонија кои порачуваме стратешко партнерство со Русија и членство во Евроазиската економска унија со традиционални вредности, национален и религиски идентитет, заштита на името, идентитетот, суверенитетот и територијалниот интегритет, создавање, а не рушење на економии со можност граѓаните од државите-членки на Евроазиската економска унија да живеат во својата Татковина, огромен пазар за нашите производи кои нема да бидат уценети, како што се уценети за сметка на западните корпоративни интереси. Во оваа насока да спомнам дека е готов Прогласот на Единствена Македонија за радикален пресврт во македонската политика и во кој подетално се образложени придобивките за Македонија и Македонците од сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија. За почеток, прогласот е отпечатен во 100.000 примероци. Значи, македонскиот народ сега има избор. Иднината припаѓа на Русија, Кина и останатите држави од БРИКС. Република Македонија мора да се вклопи во таа иднина. Единствена Македонија ќе ја оствари таа иднина заедно со македонскиот народ, да останеме свои на своето и за зачувување на Македонија и Македонците и на сите граѓани на Македонија. Ова многу бргу ќе стане реалност оти новите геополитички поместувања на Балканот се навестуваат и тие доаѓаат.