Бачев: ДУИ ги внесе во владината програма Монструм и Дива Населба, бараме храбар пратеник кој ќе ги предложи Карпалак, Вејце и Љуботенски Пат


30.08.2020 | 12:15:31 | Соопштенија


Бачев: ДУИ ги внесе во владината програма Монструм и Дива Населба, бараме храбар пратеник кој ќе ги предложи Карпалак, Вејце и Љуботенски Пат

Зоран Заев во новата владина програма за која два дена се расправа во Собранието, предвиде и вети испитување на случаите за кои се заинтересирани од ДУИ, како што се Монструм, Дива Населба и други.

Единствена Македонија повикува било кој од 120 - те пратеници како овластен предлагач според Уставот и Деловникот на Собранието, на денешната собраниска седница да побара проширување на владината програма и со испитувањето на случаите за кои е заинтересиран и македонскиот народ, како што се Карпалак, Вејце  и Љуботенски Пат.

Единствена Македонија верува дека ќе се најде пратеник во македонскиот парламент со силна национална и патриотска определба кој ќе предложи во Собранието во владината програма да влезе и расчистувањето на случаите во кои македонските бранители беа пратени во заседа и мораа да загинат во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

За Единствена Македонија нема дилема. Загинувањето на бранителите кај Карпалак, Вејце и Љуботенски пат во едни од најкрвавите и најбруталните масакри во поновата македонска историја, мора да се расчисти.

Дотолку повеќе, испитувањето на случаите со македонските бранители може да оди многу лесно, бидејќи во македонската тајна полиција знаат што се случи, односно, постојат оперативни документи во кои детално се опишани учесниците од терористичката ОНА а сега камуфлирани во политичката партија ДУИ.

Центар за комуникации на Единствена Македонија Скопје, недела, 30 август 2020