Моќен говор на Бачев во Мелник на годишнината од убиството на Сандански: Да ги надминеме делбите и да се обединиме на македонски


24.04.2016 | 10:55:57 | Соопштенија


Моќен говор на Бачев во Мелник на годишнината од убиството на Сандански: Да ги надминеме делбите и да се обединиме на македонски

Поздравен говор, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Мелник, Пиринска Македонија, недела, 24 април 2016 

На поканата на ОМО Илинден - Пирин, партиска делегација учествуваше на Семакедонскиот собор во спомен на 101 - годишнината од убиството на големиот македонски војвода Јане Сандански што се одржа во Мелник, Пиринска Македонија.

Во поздравниот говор претседателот Бачев рече:

-„Браќа и сестри Македонци и Македонки, голема е мојата радост и возбуда што денеска сум тука на овој собир на Македонците од сите делови на Македонија и да ве поздравам од мое лично име и од името на партијата. Голема е нашата обврска да го одржуваме жив споменот на Јане Сандански и на сите славни Илинденци, храбрите Македонци, и на нивната борба за слободна и независна Македонија.

Ако пред повеќе од сто години Јане Сандански како единствен преживеан од славните Илинденци за време на својот живот беше сведок на трагичната поделба на Македонија во Букурешт во 1913, денеска зидовите на поделби почнуваат да се рушат, еве ние сме денеска сите тука во еден дел од нашата Македонија, од сите делови на Македонија.

Јане пред повеќе од сто години изговори една легендарна мисла: „Да живееш значи да се бориш-робот за слобода, а слободниот за совршенство“. Ние како Македонци сме денеска некаде на средината од оваа мисла на славниот Јане Сандански. Но, нашето совршенство ќе го постигнеме само ако го обезбедиме нашето единство како во матичната земја Македонија така и во другите делови на Македонија каде живеат Македонците, односно, да ги надминеме делбите и да се обединиме на Македонски.

Ние, оваа генерација Македонци никогаш нема да ја заборавиме жртвата на илинденците и не смееме да дозволиме никој да ја доведува во прашање Македонија и Македонците. Имаме милиони причини, историски и наметнати, политички и економски, реални и ирационални за делби и поделби на македонското национално ткиво. Една, единствена мисла е заедничка за сите нас – љубовта кон Македонија! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашата единствена татковина Македонија! Да сте живи и здрави, да живее Македонија„ - истакна Бачев пред Македонците од сите делови на Македонија.