Бачев на гробот на Методија Патче: Никогаш нема да ја предадеме крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за Македонија


06.04.2021 | 10:04:57 | Прес Конференции


Бачев на гробот на Методија Патче: Никогаш нема да ја предадеме крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаа за Македонија

Изјави, Единствена Македонија
д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија,
Милан Јовчески Член на Извршниот комитет на Единствена Македонија и Регионален координатор на прилепско-битолскиот регион

Кадино Село, Прилепско, 7 април 2021 година

Во организација на Општинскиот комитет на Единствена Македонија Прилеп, денес, среда, 7 април, по повод 119 години од смртта на македонскиот револуционер Методија Патче, беше положено цвеќе на неговиот гроб во Кадино Село, Прилепско.

На настанот присуствуваше и претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев кој истакна:

 

-„Денеска дојдовме да положиме цвеќе и да го одржуваме жив споменот на големиот македонски револуционер, војвода и учител Методија Патче, кој, на денешен ден пред 119 години, храбро го положи животот за слободна и независна Македонија.

Методија Патче на 6 април 1902 година дошол во Кадино Село на селската слава Благоец со шестмина свои војводи за да покрсти нови членови на Организацијата. Тука биле предадени и во нерамноправна 24 часовна битка со околу 500 турски војници, наредниот ден на 7 април кога им снемува муниција, исправени пред изборот –  да се предадат или да умрат, со последните куршуми се самоубиваат.

Нијазим Бег кој раководел со турските војници, импресиониран од херојска смрт на Патчев и комитите наредил почесна стрелба за  храбрите македонски револуционери.

Но, денес морам да го изразам големото разочарување, бидејќи ние, оваа генерација Македонци не сме на висината на задачата. Ние ја губиме државата а сето тоа немо го посматраме и си молчиме, како Македонци покажуваме знаци дека го губиме државотворниот капацитет, нешто што е најстрашно. 

Време е да станеме и да кажеме ова е наша држава, ние одлучуваме, да понудиме одговор и во име на нашите претходници и потомци, да си ја вратиме државата назад и силно да извикаме, ДА, јас бев дел од таа генерација Македонци, и си ја зачував државата.

Не им било лесно и на Методија Патче и неговите современици. Можел и Патче и Гоце Делчев и Даме Груев да си бидат учители, да седат мирни со учителската плата и да не бидат револуционери. Ама така ќе ја немаше Македонија.

Моја обврска е да ви го кажам ова. Јас не сум во политката да ја барам довербата со лигавење кон народот, туку со вистината. Станете да се бориме за нашата држава, нашата татковина и да ги запреме овие марионети на „ѕверот“ кои 30 години ни ја уништуваат државата. 

Сакам да порачам, да се заветам, во битката за Македонија, Единствена Македонија секогаш ќе биде на страната на македонскиот народ. Никогаш нема да ја предадеме Македонија, нашата земја, нашата татковина. Никогаш нема да ја предадеме крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролееа за нашата Македонија. Никогаш нема да го предадеме името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови се бориме и за Македонија“ – потенцираше Бачев.

Да ни е вечен споменот на Методија Патче!  
Да ни е вечна македонската држава!

Милан Јовчески член на Извршниот комитет на Единствена Македонија и Регионален координатор за прилепско – битолскиот регион рече:

-„Методија Патче и неговите соборци несебично го дадоа животот. Го положија животот за Македонија, во која ние сега се надеваме и сакаме слободно да живееме.

 

И ние како следбеници на војводата Патче и неговите соборци, барем три – четири камчиња да поставиме во мозаикот што тие го започнаа за една слободна, независна, обединета, цела и единствена Македонија. Што ќе рече, Македонија од предвечност до вечни времиња, Амин!

Нека ни биде вечна славата на Методија Патче и неговите соборци и сите други што несебично го дадоа својот живот, го положија за Македонија“ – потенцираше Јовчески.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Кадино Село, Прилепско, среда, 7 април 2021 година