(ФОТО/ВИДЕО) Годишно собрание на НДМ


15.11.2013 | 00:52:11 | Соопштенија


(ФОТО/ВИДЕО) Годишно собрание на НДМ

Народно движење за Македонија, денеска, 15 декември 2013 (недела), во присуство на гости од политичкиот, јавниот и дипломатскиот живот во земјата, одржа редовно Годишно собрание на партијата.

На собирот беа истакнати основните програмски определби на партијата, а поздравен говор имаше и лидерот на НДМ, д-р Јанко Бачев.

Водителката Ирена Спировска во воведното излагање истакна:

Почитувани присутни,

Почитувани претседатели и претставници на политички партии,

Почитувани претставници од јавниот живот, професори, аналитичари, новинари,

Почитувани претставници на дипломатски претставништва во Република Македонија,

Почитувани членови на Централниот комитет на НДМ, на Извршниот комитет на НДМ и претседатели на Општинските комитети на Народно движење за Македонија,

Дами и господа,

Според член 28 од Статутот на Народно движење за Македонија, Партијата секоја година одржува годишно собрание на кое расправа за политиката на партијата и донесува план за понатамошна работа.

Денешнава средба е замислена да биде во два дела, првиот, од отворен и свечен карактер, и вториот, работен на кој ќе заседаваат партиските тела.

Почитувани присутни,

Постоењето и опстојувањето на Народно движење за Македонија како политичка партија со патриотска ориентација втемелена врз вербата на сите нејзини граѓани кон заедничката татковина Република Македонија е директен одраз на потребата од сочувување, негување и развивање на историските вредности на македонскиот народ и граѓаните.Народно движење за Македонија е автохтон и автономен политички субјект по своето настанување, структура и по својата политичка филозофија што не прави сосема различни, поинакви од останатите партии во државата. Нашата партија не настана со делење, отцепување, приклонување или спојување со некоја од постоечките партии, а уште помалку како последица од кариеристичките амбиции на нејзините основачи.

Напротив!

Откако, по основањето на партијата на 18 мај 2002 година, пред нас како на дланка, се распосла тажната слика на Македонија по Tатковинската војна со албанските терористи во 2001 година, НДМ се појави со цел да даде свој придонес во разрешувањето на проблемите кои настанаа како последица на воениот конфликт.

Денес, за жал, сведоци сме на многу проблеми во земјата од економски, политички, безбедносен и друг аспект.

Верувам, ќе се сложите дека

-Имаме прекрасна земја со огромни природни, културни, економски и човечки потенцијали!

- Имаме способни луѓе на кои сме восхитени и во исто време несреќни од фактот што и во вакви тешки економски состојби опстојуваат и живеат со мизерна плата и пензија!

- Имаме бројни пријатели во светот бидејќи Македонија и Македонците се присутни насекаде во светот, на сите континенти, во речиси сите држави каде создаваат трајни пријателства во многу држави во светот!

Па тогаш во што е проблемот?

Во едно сме сигурни. Проблемите не можеме и не смееме да ги бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде.

Не!

Тие – нашите проблеми, се овдешни, во нас, во системот во кој живееме, во принципите што ги прифативме и според кои се раководиме во нашето живеење и делување, во властите што ги избиравме, во партиите што ги подржувавме...

Сепак, според нашите согледувања во основа се работи за следните дефекти кои ја продуцираат кризата во Македонија:

- Неединството на политичките субјекти и отсуството на минимум политички консензус за фундаменталните државни и национални интереси!

- Начинот на поимањето и аплицирањето на политиката во демократските процеси!

- Нефункционирање на правната држава!

- Непостоење на автентичен и релевантен владејачки политички субјект што ќе ги апсолвира и реализира народните интереси!

Заради тоа, НДМ како партија која е исконски поврзана со традицијата на македонскиот народ и со неговата желба за самостојна суверена и демократска Македонија со целата своја одговорност, интелектуален капацитет и морален кредибилитет своето дејствување и понатаму ќе го темели на својата програма која е нашата политичка платформа и визија за развој на државата.

Впрочем, ние во НДМ покажаваме како се бранат националните и државните интереси.

Да потсетиме:

- го прикажавме проблематичниот прием на Македонија во Обединетите Нации!

- констатно ја афирмиравме политичката ориентација за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, но врз рамноправни основи, а не по цена на промена на името!

- први инициравме ревизија на криминалната приватизација и незастарување на кривичните дела поврзани со приватизацијата!

- први инициравме данок за богатите за да ги исправиме неправдите од неправедната, неморалната и криминална приватизација!

- поднесовме до МАНУ Меморандум за Македонската енциклопедија!

- први инициравме лустрација во Македонија, која, за жал, се измести во погрешна насока!

- целосно ја расветливме злоупотребата на тајната полиција во демократска Македонија!

- ги расветливме предавствата за време на Татковинската војна во 2001 година!

- до Државното обвинителство поднесовме кривична пријава за фалсификување на пописот во 2002 со кој македонските Албанци лажно беа прикажани дека бројат 25,14 отсто!

- во Собранието поднесовме Предлог- Стратегија за одбрана на уставното име!

За нас во НДМ нема дилема. Остануваме на првата линија во борбата за одбрана на македонските национални интереси!

Впрочем, не случајно граѓаните на последните локални избори што се одржаа во март оваа година ги препознаа нашите програмски заложби!

Да потсетиме.

Народно движење за Македонија на локалните избори настапи самостојно со 26 листи на кандидати за советници и 11 листи на кандидати за градоначалници.

Задволството од постигнатиот резултат е големо бидејќи Народно движење за Македонија со освоените 15.537 гласови и 9 советнички мандати оствари трет изборен резултат после  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Колку за споредба со останатите партии кои настапија самостојно на локалните избори (Демократска обнова на Македонија освои – 8 советници, Српска напредна странка - 7 советници, Либерална партија - 2 советници, Социјал-демократска унија - 2 советници, Социјал демократска партија - 1 советник, Сојуз на Титови леви сили без освоен советник.

Значи, остваривме трет изборен резултат после коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Истовремено, кандидатите за градоначалници на НДМ во четири општини остварија второ место победувајќи го кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ, со што, за првпат во плуралната историја на Македонија една партија на избори победи кандидат на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ.

Резултатот е уште поголем ако се знае дека НДМ на изборите настапи во целосен медиумски мрак, бидејќи во печатените и електронските медиуми не беше објавена ниту една реченица за партијата за време на изборната кампања.

НДМ на изборите настапи под слоганот „За нов политички избор„ и според постигнатиот резултат, иако во најава, сепак, македонските граѓани покажаа дека Македонија има потреба од нов политички избор.

Почитувани присутни,

Локалните избори се веќе историја.

Пред нас се сериозни предизвици пред кој е исправена Македонија.

Имаме милиони причини, историски и наметнати, политички и економски, реални и ирационални за делби и поделби на македонското национално ткиво. Една, единствена мисла е заедничка за сите нас – Љубовта кон Македонија! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашето семејство, на нашата единствена татковина Македонија!

Имаме уште многу да кажеме, но со оглед на времето само да ви укажам дека бројните активности на НДМ може да ги следите на партиската веб страна www.ndm.org.mk

За крај, ете, и во оваа прилика сакаме да го повикаме македонскиот народ и сите граѓани заеднички да го најдеме излезот од тунелот во кој со години се наоѓаме. Мудроста е кај сите нас што живееме на овие простори. Нашата улога како Народно движење за Македонија е да ги слушнеме, проучиме, обмислиме и да се обидеме да ги реализираме идеите и предлозите во интерес на сите кои Македонија ја чуствуваат за своја татковина.

Ние ќе се бориме, од Вас и од вашата волја зависи дали во тоа ќе успееме!

За Народот, За Македонија

А сега, почитувани присутни, го поканувам да се обрати претседателот на Народно движење за Македонија, проф.д-р Јанко Бачев.

Партискиот лидер Бачев, меѓудругото рече: Во моментот земјата е исправена пред значајни предизвици директно поврзани со нејзиното опстојување. Впрочем, меѓународно-правно опсервирано Македонија во моментот наликува на недефинирана територија бидејќи од трите елементи за опстојување на еден ентитет како држава (територија, население, власт) отсуствува елементот на ефективна власт на целата територија, оти сведоци сме дека кој кога и каде сака поставува споменици и знамиња обележувајќи свои територии.

Бачев, осврнувајќи се на спорот за името, изрази оптимизам дека Македонија најпосле ќе се охрабри и политичкиот пристап ќе го трансформира во правен.

- Сметам дека е созреан моментот Македонија да го префрли спорот за името од политичкиот на правниот терен каде што му е местото. Во моите истражувања дојдов до заклучок дека на Македонија и стојат на располагање четири меѓународно-правни механизми за враќање/употреба на уставното име во ООН. За кој од овие механизми би се определил државниот врв е прашање на негова политичка проценка. Тука сакам да разјаснам една дилема која од незнаење се пласира во Македонија а тоа е дека не е точно дека спорот за името мора задолжително да помине преку Советот за безбедност на ООН, туку постои можност да се избегне Советот во случај да дојде до покренување на правните механизми во рамките на ОН – рече Бачев.

Бачев исто така истакна дека од денеска партијата тргнува со засилени активности, а многу брзо НДМ ќе го промовира партискиот став околу настапот на евентуалните предвремени парламентарни избори како и во врска со претседателските избори.