ndm-partiski-znak

Пет партии ќе ја тужат државата

Apr 04 2007
(0) Comments

Прес конференција, НДМ, БДП, ПИР, РССМ и ПДСРМ
Јанко Бачев, претседател на НДМ,, Алија Шакиќ претседател на БДП, Бајрам Берат претседател на ПИР, Драгиша Милетиќ претседател на РССМ, Миљазим Сакипов претседател на ПДСРМ 
Скопје, хотел Турист, среда, 04 април 2007

Прес конференција на пет политички партии на тема: – Противуставното и мошне индикативно постапување на Уставниот суд на Република Македонија во врска со прифатената иницијатива дополнително да поведе постапка за оценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии.

Излагање на Јанко Бачев – Претседател на Народно движење за Македонија

Народно движење за Македонија ги подржува измените на Законот за политички партии со кои е предвидено зголемување на бројот на основачи на 1000 члена и давање потписи за членување пред службено лице на Министерството за правда

Во меѓувреме, Уставниот суд донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста на законот. Аргументацијата на Уставните судии и иницијаторите се сведува на тоа дека рокот од 45 дена за пререгистрација на истекот на секои две години и давањето потписи пред државен орган се коси со Уставот, се повредувала слободата на политичкото здружување, страв кај членови на партиите од кадровски реваншизам и слични небулози.

НДМ смета дека ваквата аргументација е противуставна, паушална и несериозна, невистинита и нелогична, и крајно неморална затоа што:

– Противуставна е затоа што Собранието како носител на законодавната власт има право поблиску да го уреди начинот, условите и постапката за основање, регистрирање и престанок на политичките партии. Врз основа на даденото уставно овластување, Собранието во случајов донесе измени на законот со кои поблиску ги пропиша условите и тоа: рок од 45 дена за пререгистрација на секои две години и 1000 потписи за членување дадени пред службено лице на Министерството за правда.

– Паушална и несериозна е затоа што токму за политичките партии е својствен принципот на јавност во дејствувањето, и во оваа насока прашуваме какви се тоа партиски членови ако се плашат јавно да ја декларираат својата партиска припадност, бидејќи држењето на партиското членство во иллегала е својствено за терористички организации а не за политички партии, и уште повеќе зачленувањето во политичка партија треба да биде дури и своевиден свечен чин.

– Невистинита и нелогична е затоа што потписите не се даваат пред власта, туку пред државни службеници кои согласно законот дадените јавни овластувања ги вршат совесно, стручно, уредно непристрасно и без влијание од политичките партии (власта), а во оваа насока и нотарите пред кои досега се заверуваа потписите за членство согласно законот се лица кои вршат јавни овластувања, па останува нејасно која е разликата помеѓу државните службеници и нотарите од аспект за некаква заштита на членството. Дури давањето потписи пред државни службеници е крајно поволна варијанта од многу битниот финансиски аспект, бидејќи е бесплатно, за разлика од кај нотар кога сме соочени со огромни трошоци ( за заверка на 1000 потписи кај нотар се потребни 200.000,оо денари). Значи се манипулира со фактот дека со овој закон се отежнувала слободата на здружување, а всушност со досегашниот закон беа многу поригорозни условите кога се бараше заверка на членството пред нотар. И тука доаѓаме до простата вистина дека проблемот всушност е во тоа што големиот број партии-човек имаат проблем со обезбедување потребен број членови. Ние сме длабоко уверени дека било која власт доколку сака да направи увид во партиското членство, тогаш не пред службени лица, не пред нотар, дури партиите да го евидентираат членството и на најтајни локации, и во таков случај власта има механизми и служби да допре до партиското членство. Значи, можности за злоупотреба постојат во секој случај, но затоа постојат процедури и институции кои се задолжени да ги санкционираат евентуалните повреди.

– Неморална е затоа што уставните судии цели 45 дена чекаа и си гледаа сеир од страна како политичките партии на терен преземаат партиски активности за пререгистрација и (внимавајте!) дури последниот 45-ти ден од рокот се состанаа и донесоа одлука за поведување постапка за оцена на уставноста. Значи, едно крајно неморално и навредливо изживување со партиите.

НДМ во одлуката на уставните судии гледа политичка позадина, бидејќи познато е дека еден дел од судиите со се претседателот на Уставен суд дојдоа на овие позици по заслуга, а не врз основа на знаење, способност и достигнување. Значи, проработија инсталациите во судот по нарачка на тајниот (подземен) центар кој во заднина ги контролира процесите во државата. Ова од причина што политичката групација-миленик на овој центар на наредните избори ќе стартува како опозиција, а постоењето голем број партии е од нивен интерес, бидејќи карактеристично пред избори е опозицијата да прави широк народен фронт од партии со што прикажува огромна подршка.

НДМ изразува жалење за отсуство на чуство за поширок државен интерес кај уставните судии, бидејќи со овој закон се отвори прекрасна можност за своевидна лустрација на голем број партии кои своевремено по нарачка ги формираше тајната полиција за потребите на спомнатиот таен центар, и кои пред секои избори служат за матење на политичката сцена. Така, не случајно и претседатели на политички партии се иземени од претстојниот закон за лустрација.

Ви благодарам,