fotografija

Однесувањето на државниот врв загрижува

Aug 26 2007
(0) Comments

Прес конференција, Народно движење за Македонија
Јанко Бачев, претседател на НДМ
Скопје, хотел Турист, недела, 26 август 2007

Почитувани,

Имено, изјавата по одржаната седница на Советот на безбедност наместо да ја израдува јавноста заради фактот што за прв пат владата и опозицијата постигнаа консензус по прашање од национален и државен интерес, таа длабоко ги загрижи граѓаните со изнесеното тврдење дека нема сериозни индиции кои би укажале дека се доведува во прашање безбедноста на РМ.

Постигнатиот консензус отвора повеќе дилеми кои Народно движење за Македонија сака да ги сподели со македонската јавност :

1. Самиот факт што оваа седница на Советот за безбедност се одржа, а што претпоставува дека постоеле претходно констатирани индиции, го демантира таквото тврдење изнесено во заедничката изјава на Претседателот и Премиерот на Република Македонија.

2. Доколку државниот врв навистина нема такви индиции, се отвора непријатното прашање дали двата најважни сегменти Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање воопшто компетентно си ги извршуваат со Уставот предвидените функции. Дополнително загрижува очигледниот факт што овие две безбедносните структури не се координирани од заедничко државно тело каде ќе се слеваат, анализираат и проценуваат сите релевантни безбедносни информации.

3. Ако е точно претходното, природно се поставува прашањето дали наместо да ги обавуваат своите уставни обврски недозволиво меѓусебно се вклучени во секојдневните политички превирања меѓу владеачките и опозиционите политички партии.

4. Дали капацитетот на претседателот на РМ како врховен командант и премиерот на владата под кое е одговорно МВР, се лимитирани во смисла на способноста на донесување на соодветни одлуки заради фактот што се опкружени со некомпетентни советници. Што е логично, ако се земе во предвид фактот дека како советници за национална безбедност кај претседателот и премиерот се појавуваат истите лица кои и во 2001 година го советуваа тогашниот претседател и премиер.

Затоа Народно движење за Македонија го поставува прашањето како може сериозните индиции какви што се бегството на албански криминалци и терористи од затворот “Дубрава” на Косово, бегањето на т.н. Џејми Шеј од “Идризово”, штрајкот на албански затвореници со глад во “Идризово”, повторното промовирање на големоалбански проект “Илирида” како и најавениот референдум за отцепување на Танушевци, да не бидат доволно сериозни индиции за нашите безбедносни институции, или како е можно во овие настани да не го препознаваат идентичниот вовед на се она што се случуваше во 2001 година.

Врз основа на горните наводи како и фактот што и Народно движење за Македонија има сознанија дека актуелните настани се во насока на дестабилизирање на државата, сметаме дека сцената за дестабилизација на Македонија е поставена и во моментот се чека само конкретен повод кој воопшто не е тешко да се конструира.

Ви благодарам,