ndm-partiski-znak

Одговорноста за „Бачило„ треба да се бара во друга насока

May 11 2006
(0) Comments

Прес конференција, Народно движење за Македонија
Јанко Бачев, претседател на НДМ
Скопје, хотел Турист, четврток, 11 мај 2006

Почитувани,

Најнапред сакаме да изнесеме одредени начелни забелешки околу случајот. Имено, деновиве сведоци сме на невидена агилност и упорност на највисоките правосудни институции пред се Врховниот суд и Републичкиот судски совет во докажувањето дека одговорноста за случајот да се бара најповеќе кај судечкиот судија Снежана Попчевска, и на тој начин се сокрие вистинската одговорност.

Дури од законски аспект гледано всушност и нема вина на судечкиот судија, освен се разбира ако не се докаже нејзино подмитување и земање пари во процесот, бидејќи пресудата се заснова на стручно вештачење од овластени и реномирани земјоделски институции, па во оваа прилика ги повикуваме Дане Илиев и Ленче Софониевска кои работеле како судии да посочат еден пример од нивната судска кариера или воопшто од судската практика каде судија има одбиено стручно вештачење на овластена инситуција за вештачење.

Значи, иако можеби е парадоксално судечкиот судија ќе погрешил ако не го прифатил вештачењето, и во случајов постапил законито согласно законското овластување да одлучува според свое убедување. Но, највисоките правосудни институции ја замајуваат јавноста служејќи се со лаги и манипулации бидејќи како истурени ешалони на владејачкиот СДСМ едностано мораат да ја одработат дадената задача, односно да се одвлече вниманието за случајот во друга насока.

НДМ врз основа на добиените сознанија изразува сомневање дека во  случајов одговорноста треба да се бара во друга насока. Притоа, како појдовна основа во изнесувањето на нашите сознанија ја земаме официјалната изјава за настанот од Владо Бучковски кој рече: “Овој случај мириса на организиран криминал уште од почеток. Јас не знаев за тоа. Се сомневаме дека спрегата е меѓу судството, правобранителството и посредникот ангажиран од овчарот”.

Нашето мислење за наводната спрега на судечкиот судија како што кажува Бучковски накратко ја изложивме погоре, а во делот на изјавата каде Бучковски зборува за посредник наведуваме:

Според нашите сознанија овчарот е во многи блиски релации со познатиот скопски нотар Н.С. кој му ги врши сите посреднички и правни дејствија околу неговиот огромен имот (парични средства, згради, станови и дуќани претежно во старата скопска чаршија), а овие лица пак  се во блиски релации и со Е.А. на раководна функција во катастарот со чија помош пак експресно се извршуваат сопственичките трансакции (граѓаните за обичен имотен лист чекаат и со месеци). Понатаму, овчарот е во блиски релации и со обвинителот В.Г. кој пак од причини познати на власта на Владо Бучковски е дислоциран од тетовското обвинителство во Републичкот јавно обвинителство во Скопје.

Не е спорно дека секој може да си ги бира пријателите и да се дружи со кого сака, но, во случајов интерсено е тоа што погоре спомнатите лица се истовремено блиски лични пријатели и со Владо Бучковски, а во прилог на ова го наведуваме и фактот што премиеровото семејство заедно со семејствата на еден дел од овие лица имаат заеднички дочек за новата 2006 година на Маврово, а ќе се согласиме дека вакви прослави се дочекуваат со наблиските пријатели. Значи, посредниците за кој зборува Владо Бучковски се всушност негови одлични пријатели и пријатели на случајов. Во овој контекст, според нашите сознанија ова пријателско друштво заедно со Владо Бучковски на тема Бачило имало неколку средби во ресторантот 14-ка во Тафталиџе, кој пак е во сопственост на Трајче Давидковски од Скопски Пазар советник на премиерот, и кој со благослов на власта на Владо Бучковски речиси без пари си ги зеде сите пазари во Скопје кои вредат милиони евра.

НДМ во оваа прилика презентира документ од кој се гледа дека Јавната правобранителка има издадено генерално полномошно на девет дипломирани правници со положен правосуден испит вработени во министерството за одбрана да го застапуваат министерството во имотно правни спорови вклучувајќи и Бачило бидејќи неспорно е дека е имотно правен спор. Од “непознати” причини овие ополномоштени лица на министерстовто ги нема во судскиот процес, а неспорно е дека при уредно полномошно нивното непојавување во судот може да го спречи само нивниот претпоставен, а неспорно е дека нивни претпоставен во тоа време е Владо Бучковски како министер за одбрана.

Но, без оглед на тоа што овластените правници од министерството незаконски “некој” ги спречил да се појават во процесот, сепак и во таков случај согласно законот и соодветните подзаконски акти Јавниот правобранител како застапник на државни органи веднаш по добивањето на судската одлука примерок од истата доставува и до државниот орган што го застапува, што значи дека во овој случај првостепената пресуда со која е досудена високата оштета на овчарот е доставена и до министерството за одбрана каде во тоа време раководи Владо Бучковски. За појаснување уште наведуваме дека Јавното правобранителство непосредно и лично ги застапува сите државни органи и институции, со исклучок само на министерствата за одбрана и внатрешни работи каде правобранителот дава овластување за застапување на правниците од тие министерства, а една од причините е и тоа што се работи за специфични министерства каде голем број од податоците се службена и државна тајна, и затоа интерните правници по согласност на министерот одлучуваат што и каков податок ќе изнесат во одредена судска постапка.

Па се поставува прашањето, ако е познато дека правобранителката затајила и не поднела жалба,  зошто проф.д-р Владо Бучковски како раководител на министерството за одбрана и странка во постапката, преку своите ополномоштени правници не поднел жалба иако благовремено добил препис од пресудата, но и тој како најзаинтересиран во случајов да ги заштити државните интереси исто ккао и правобранителката не го искористил законското овластување да поднесе жалба на пресудата со која се досудуват 730.000 евра.

Понатаму, деновиве имавме официјална изјава од актуелниот министер за одбрана Јован Манасиевски дека Генералштабот на АРМ благовремено сигнализирал дека армиските хеликоптери на критичниот ден не биле вооружени и вршеле само транспорт и замена на персоналот на позициите на Попова Шапка. Ако е така, се поставува прашањето како е можно Владо Бучковски како тогашен министер за одбрана да исплати штета, а знаел дека тој ден немало воени дејствија, дотолку повеќе што како што наведовме погоре имал примерок од пресудата пред себе доставена од јавното правобранителство, и зошто не го искористил овој битен доказ да поднесе жалба од име на РМ преку министерството. (законот е јасен и дозволува покрај застапникот и странката да може да поднесува жалби). Исклучуваме секаква злоупотреба во коресподенцијата на кабинетот на Владо Бучковски како тогашен министер за одбрана од едноставна причина што во тој период целокупната пошта за министерот оди преку неговите најдоверливи луѓе во неговиот кабинет-Миле Зечевиќ сега директор на тајната полиција и Марјан Ѓуровски кој и сега е со Владо Бучковски.

НДМ располага и со сознанија дека актуелните полициско-обвинителски акции за наводно расчистување на случајот се најобична фарса, и наводните фалсификувани исправи на извесен ветеринар од Камењане  се добро смислени конструкции, се со цел да му се даде потребната политичка заштита на премиерот во предизборниот период, и трагично е што во овие политичко калкулантски игри се вовлечени и наделжни државни органи како МВР и обвинителството за да го одвлечат вниманието од вистината. Дека се работи за најобично глумење на лудило говори и фактот што државниот ревизор го откри овој случај многу порано и согласно законот ревизорскиот извештаји меѓудругото им бил познат и на полицијата и обвинителството, па останува прашањето зошто токму сега оваа невидена фарса од наводна полициско-обвинителска акција за наводно расчистување на криминалот.

НДМ на крај го поставува и прашањето како е можно лицето Г.Б. со плата на државен службеник во Македонски пошти, по исплата на парите на овчарот да отпочне со изградба на комплекс со хациенда во поречието во месноста викана “Брезница” веднаш до атрактивната брана и езеро Козјак во атарот на Општина Македонски Брод.

Ви благодарам,