fotografija

НДМ обвинува за незаконски активности во УБК

Mar 19 2004
(0) Comments

Прес конференција, НДМ
Јанко Бачев, претседател на НДМ
Скопје, хотел Турист, петок, 19 март 2004

Почитувани,

НДМ располага со сознанија дека во УБК  по наредба на министерот во МВР е заведена ОА “Избори 2004” во чии рамки е формиран “изборен штаб”, со задача да прибира сознанија во функција на обезбедување на изборна победа на кандидатот за претседател од владејачката партија.

УБК наместо да ги врши законските надлежности (заштита од шпионажа, тероризам и потешки форми на организиран криминал-член 13 од Законот за внатрешни работи), своите активности ќе ги насочи кон комплетно незаконско опсервирање на македонските граѓани.

Веќе се изготвени соодветни формулари за вршење на оперативни проверки на лица, врз основа на што ќе се превземаат активности спрема истите (врбување, заплашување, пасивизирање и слично) пред се на влијателни лица во своите изборни средини кои можат да влијаат врз избирачите.

“Изборниот штаб” е координиран од висок полициски функционер, а оперативниот дел на штабот кој брои 11 члена веќе е лоциран во просториите на Македонската Телевизија. Раководно лице од МТВ ќе остварува постојани контакти со координаторот на Штабот, што значи, дека во изборниот процес покрај УБК, незаконски се инволвира и државнате телевизија.

Без оглед на фактот што речиси секоја владејачка гарнитура во РМ која за време на избори ја злоупотребувала МТВ за париски цели редовно ги губи изборите, овојпат се оди на посигурно и позицијата на МТВ се зајакнува со припадници на УБК, а според нашите сознанијата ова го знаат и во одделот за разузнавање на европската полиција во РМ (т.н.проксима), што значи дека меѓународната заедница веќе го има својот фаворит на изборите, кој најверојатно и ќе ги добие изборите, само доколку не му се спротистави македонскиот народ со евентуално неизлегување на изборите. Како и во 1999 година, и овојпат се заговара невиден фалсификат на изборниот процес.

Меѓу другото, во еден дел  ќе се применува и перфидна стратегија на делување која наводно треба да обезбеди поголем рејтинг на владејачкиот кандидат, со тоа што во предизборниот период ќе се приведат неколку (3-4) маргинални команданти на ОНА-ноторни криминалци кои според НДМ не заслужуваат дури и да се спомнуваат, како на пример “Баци” (веќе приведен) со што  ќе се покажува наводната ефикасноста на полицијата.

НДМ најодговорно тврди дека овие приведувања се во функција на изборен маркетинг, а ова најпластично се гледа на примерот на приведувањето на лицето Изаир Сами-т.н. командант “Баци”.

Имено, во секторот за организиран криминал при УБК уште од 2000 година постои оперативен документ под бр. 13.82 за шверцот со цигари организиран од Драган Даравелски, покојниот Данчо Шутурков и лицето Ѓулер Сулејмани која за албанскиот дел од власта ги вршеше работите на теренот. Сите активности се планирани во станот лоциран во “Карпош-2”(каде е уапсен “Баци”). Уште од 2000 година, УБК спрема овој стан ги применува оперативно-техничките мерки 9-к (прислушкување),  9-е (тајна контрола на телефонот во станот бр. 370-542 ), 9-в (тајно набљудување и документирање),  и до детали се документирани сите криминални планови договарани во овој стан од наведените лица: илегалното производство, технологијата на транспортот, превозници, провизии, цена по шлепер на цигари и слично.

НДМ во овој контекст јавно го прашува МВР, зошто ако навистина се сака расчистување со организираниот криминал, не е приведена и Ѓулер Сулејмани туку маргинални криминалци од типот на “Баци”, кои се послушни извршители и “ситни играчи” во целата работа, и кои после изборите ќе добијат помилување.

НДМ ја известува македонската јавност дека во фотокопиран препис, сите документи што ги поседува (и што ќе ги добива во иднина) за чуствителни прашања, веќе ги има депонирано кај две странски амбасади во РМ, од безбедносни и лични причини, затоа што македонската јавност беше сведок на бескрупулозноста на македонската полиција која на нашата последна прес конференција го уапси лидерот на партијата Јанко Бачев и одзеде документи во врска со киднапираните македонци во конфликтот кои беа тема на пресот.

НДМ својот официјален став за претседателските избори ќе го соопшти после завршувањето на официјалната номинација на сите потенцијални кандидати за претседател, а во оваа прилика напоменуваме дека веќе поседуваме сознанија кои во даден момент ќе се презентираат пред македонскиот народ за да види дека не му требаат лажговци, авантуристи и странски шпиони за претседател на државата.

Ви благодарам,