Фотографија

Бачев: Почнуваме со Караванот „Битка за Македонија“, во секое населено место ќе ја поделиме Платформата, влегуваме во финалната битка

Oct 27 2019
(0) Comments

Прес конференција, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, недела, 27 октомври 2019

Единствена Македонија, денес, недела, 27 октомври 2019, на прес конференција го најави караванот низ Македонија насловен како „Битка за Македонија„ и ја објави Платформата која ќе се дели низ Македонија, како и новиот модел околу составот на изборните листи на претстојните избори.

На прес конференцијата, претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев рече:

Почитувани,

Република Македонија преживува најтешки моменти од кога било досега.

Во Република Македонија на 27 април 2017 се случи државен удар со насилниот избор на претседател на Собранието и инсталирањето на марионетска влада од НАТО со задача да го спроведе геноцидниот проект за бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Единствена Македонија како партија која секогаш е на првата линија во одбрана на националните и државните интереси, поаѓајќи од сопствената одговорност не може да стои настрана. Мора да го кажаме нашиот став за иднината на Македонија која ќе се решава на избори во 2020 година – настан од историско значење на кои народот, а не некој странец ќе го даде одговорот – или  ќе се зацементира бришењето на се што е македонско, или, на изборите ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ја вратат државата на изворните илинденски и асномски принципи.

За таа цел, Единствена Македонија е подготвена за соработка со партии, здруженија и поединци од земјата и странство доколку е прифатлива Платформата а секое отстапување од неа да се смета за национално предавство.

Не е потребно обединување околу лидери, партии и поединци, туку сега, ни е потребно обединување врз основа на Платформа со јасни определби. Целата држава е во заложништво и можеме да ја ослободиме само доколку делуваме, токму сега, единствени и сплотени во одбрана на Татковината.

Силно сме убедени дека определбите во Платформата се достижни, но, нивното остварување претпоставува една претходна ситуација – на парламентарните избори во 2020 година народот повеќе нема право на грешка!

Имам задоволство да ја објавам Платформата на Единствена Македонија со десет наши определби кои се всушност нашата визија и план за македонскиот народ и државјаните на Република Македонија.

1. Поништување на договорот со Грција за промена на името (попознат како Преспанскиот договор, со цел, неменување на името – Република Македонија;

2. Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право, грижа за иселениците од Македонија и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за таа цел поништување на Договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија; 

3. Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и за таа цел поништување на законот за двојазичност; 

4. Спроведување на попис и поништување на фалсификуваниот попис од 2002 со кој албанското малцинство беше лажно прикажано дека е 25,17 отсто; 

5. Република Македонија унитарна држава со само една државна власт на нејзината територија. Државната територија е неделива и неотуѓива, без можност за нејзино дезинтегрирање во федерални единки или територијална автономија;

6. Враќање на територијалната организација во државата пред 2004 година и враќање на старите општински граници за Општините Кичево и Струга;

7. Расветлување на предавствата за време на Татковинската војна во 2001 и целосно згрижување на бранителите. Враќање на присилно раселените од воената 2001-ва и враќање на задолжителниот воен рок;

8. Укинување на Службата за државна безбедност и основање на мала, ефикасна и високо оперативна разузнавачка и контраразузнавчка служба во интерес на народот и државата;

9. Развој заснован на домашна памет и домашно единство како најсилна брана против секаква внатрешна или надворешна закана и за таа цел задолжителен систематски преглед на носителите на јавни функции;

10. Ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со кој е извршен грабеж на општествениот имот кој 50 години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, ревизија и одземање на украденото и во постприватизацискиот период. Со еден збор, одземање на украденото од позиција на власт во изминатите 30 години.

 Почитувани присутни,

Ова се определбите во кои веруваме и се заветуваме пред Природата, Господ, Македонскиот народ и државјаните на Република Македонија дека нема да отстапиме од нивното исполнување.

Платформата е отпечатена во 100.000 примероци и ќе биде поделена низ Република Македонија. Од утре тргнува Караванот на Единствена Македонија насловен како „Битка за Република Македонија„. Планот ни е до крајот на годината да го посетиме секое населено место со цел Платформата да дојде во рацете на што поголем број луѓе. Во тоа име, го повикувам македонскиот народ и државјаните на Република Македонија да одлучат. Ние ќе се бориме, од Вас и вашата волја зависи дали во тоа ќе успееме.

Во однос на вториот дел од прес конференцијата околу изборните листи, сакам да ја информирам јавноста дека Единствена Македонија нема да настапи исклучиво со партиски кадри на листите, туку веќе сме во преговори на листите да има истакнати македонски патриоти кои се спремни да ја бијат битката за Република Македонија во Собранието. Заедно сме во битката за Република Македонија. Заедно стоиме на страната на Македонија.

Сега е потребно единствени и сплотени да ја биеме ова битка оти ова не е битка за лидери, партии и поединци, ова е битка за опстанок на цел еден народ, ова е битка за Македонија, оваа битка е света должност!

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 27 октомври 2019

Скопје 1

Макпрес

Народен глас

Дејли

Вести

Грид

Тајм