30

8 април – 27 години од приемот на Македонија во ОН низ призмата на македонската и грчката тајна служба

Apr 08 2020
(0) Comments

Колумна, Портал Дудинка, 8 април 2020, проф. д-р Јанко Бачев

Денеска се навршуваат 27 години од срамниот прием на Македонија во Обединетите нации на 8 април 1993 година. Годишнина е добра прилика да се осврнам на овој настан од друг агол, преку поставеноста на грчките и македонските служби и околу прашањето – дали беше нужно по секоја цена приемот во ОН под референцата ПЈРМ.

СОРАБОТНИЦИ НА КОС И НА БУГАРСКАТА СЛУЖБА

Македонија стана самостојна држава во септември 1991 на еден дел од својата етничка територија и само за еден дел од македонскиот народ. Оамостојувањето беше апсурден и уникатен случај на меѓународната сцена, бидејќи станавме самостојна држава наспроти желбата на државниот врв, кој, до последен момент се залагаше за зачувување на Југославија, и тоа од оправдани причини:

Тогашниот претседател Глигоров како долгогодишен сојузен функционер на врска со КОС, за што веќе е пишувано со обелоденување и на неговиот псевдоним, дојде од Белград како делегиран човек, за да се обиде да го спречи македонското осамостојување.

Тогашниот собраниски претседател, Стојан Андов јавно обзнани дека не му е потребна независна Македонија, притоа промовирајќи ја својата партиска платформа, дека е можна суверена Македонија, но, само во рамките на Југославија. Дури, на денот на осамостојувањето (8-ми септември 1991), Стојан Андов во попладневните часови најпрвин брзопотезно избега од Скопје во Дојран, а наредниот ден, рано сабајле ја напушти државата одејќи во Грција.

Тогашната експертска влада на Кљусев беше интересен спој на министри, од кои еден патриотски дел за независна Македонија, еден дел под влијание на Бугарската национална разузнавачка служба и еден дел  под влијание на КОС.

Ова е воглавно и причината зошто СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ 30 години не сакат вистинска лустрација.

Како и да е, на тогашниот државен врв, меѓународните процеси не им одеа во прилог, бидејќи, наспроти нивните залагања, моќните светски актери имаа зацртано дека СФРЈ мора да се распадне по секоја цена, и така бидна и самостојната македонска држава.

ГРЦИЈА ИМАШЕ ПОДОБРА ТАКТИКА

Грција уште на самиот почеток претпочиташе добра тактика на т.н. високо отварање, наметнувајќи почетна позиција, многу поекстремна отколку што се има расположение да се прифати, одејќи на варијанта – колку предметот на преговорите е поекстремен, толку поголеми се изгледите дека тоа навистина што се сака ќе се смета за компромис. На ваквиот грчки приод ние правиме кардинална грешка со промовирање на тактика на екстремна кооперативност, чиј есенцијален елемент е фактот дека води помалку грижа за резултатот, отколку за самиот процес.

Во овој контекст, на тогашниот македонски министер за надворешни работи, во ноември 1992 година во разговорите во Вашингтон, од американска страна му е сугерирано да не го форсираме приемот во ОН, поради сериозните резерви од земји-членки на Советот за безбедност. Истовремено, кон крајот на 1992 година, со резолуцијата СБ 795/1992 се воспостваува присуство на силите на УНПРОФОР во Македонија, во чиј состав има и американски војници, а во одобрената мисија на ОБСЕ во Македонија клучните активности се поврзани со американскиот амбасадор, Роберт Фровик, кој легендирано, под параванот на цивилната мисија на ОБСЕ во Македонија, раководи со разузнавачките активности на САД во регионот.

Согласно меѓународната практика, постои и дефакто признавање на одредена земја, што значи дека Македонијај во тој момент е веќе призната држава, затоа што склучува аранжмани, стапува во директни преговори, заклучува економски зделки, ги има на своја територија Мисијата на ОБСЕ и силите на УНПРОФОР, како гарант за стабилноста и територијалниот инегритет.

Непосредно пред нашиот прием во ОН, во јануари 1993 година, и тогашниот генерален секретар на ОН, Бутрос Гали, на средба со македонскиот државен сугерира да не инсистираме во тој момент нашето барање да се стави на дневен ред за прием во ОН, образложувајќи дека приемот во тој момент за нас би бил контрапродуктивен. Иако сеуште не бевме членки на ОН, на самитот на ЕЗ во декември 1992, во Единбург, со американско влијание се донесе одлука на Македонија да и се обезбеди пристап кон меѓународните финансиски институции, што, пак, може да се протолкува како економско признавање.

Во ваков сплет на околности, како и добиеното признавање под уставното име до тој момент од девет земји, вклучувајќи ги Русија, Турција и Кина, е во прилог на дилемата, дека во тој момент не било потребно Македонија да инсистира на приемот во ОН со референцата ПЈРМ, туку стрпливо во иднина да чека подобра прилика.

СИЛЕН ГРЧКИ РАЗУЗНАВАЧКИ ПРОДОР

Во тоа време, Македонија и Грција имаа различен приод и во поставеноста на тајните служби врз чии извештаји се градат проценките на државните водства. Не случајно, американскиот претседател првото утринско кафе го пие со директорот на ЦИА, или, како што вели рускиот претседател Путин, дека со силите на еден човек може да се постигне нешто што не можат да го постигнат цели армии – еден разузнувач ги решава судбините на илјадници луѓе.

Грција во тоа време одобрува силен разузнувачки продор во Македонија, и дури одобрува посебна линија на работа за т.н. спор за името, каде се слеваат сите информации околу името. Во Македонија, пак, тогашниот претседател Глигоров, наместо да преферира посебна линија на работа во македонските служби за името како стратешки интерес, ќе одобри посебна линија на работа – „Македонски екстермизам и врховизам„ заради гонење на внатрешните политички неистомисленици.

Споменатиот силен грчки разузнавачки продор во Македонија ќе доведе до воспоставување на нивни релации со високи македонски политичари од тогашната власт и опозиција. Не случајно, во декември 1992 година, тогашниот грчки премиер Мицотакис жестоко ќе го критикува извештајот на Робин О Нил во неговата посредничка мисија во Скопје, дека британскиот дипломат единствено разговара со најтесниот македонски државен врв, а не разговара и со опозицијата (Љубчо Георгиевски). Се разбира, Мицотакис ова не го прави од неговата преголема жал за недостаток на демократски капацитет во Македонија, туку од проценките на своите служби за можните добивки што може да ги очекува Грција, доколку посредникот О Нил разговара и со македонската опозиција.

Работите стануваат појасни ако се знае дека висок претставник на грчките тајни служби веќе држи тајни состаноци во станот на Димитар Димитров во Скопје кој подоцна со промената на власта во 1998 година, ќе стане министер во владата на Георгиевски. Некои од  учесниците на тие тајни разузнавачки сеанси во станот на Димитров со години се вмровски функционери, а иднината на синот на Димитров, сегашниот министер во МНР Никола Димитров ни е добро позната.

ДБК ЈА КОНТРОЛИРА ОПОЗИЦИЈАТА

Покрај силниот грчки продор во Македонија, грчките тајни служби ќе организираат и масовен антимакедонски митнг во Солун, на кој, според проценките, учествувале повеќе од еден милион луѓе, постигнувајќи ја на тој начин грчката пропагандистичка цел. Непосредно по митингот, повеќе европски фактори изјавија дека најпосле сваќаат дека проблемот со името е мошне чуствителен за Грција.

Паралено, на грчкиот остров Скијатос, грчката политичка елита, со присуство на раководителот на нивната тајна полиција, одржува клучна средба со влијателниот германски министер за надворешни работи Геншер, по што овој, на општо изненадување, изјавува дека Германија ќе ги почитува сите витални интереси на Грција, со што ја менува дотогашната германска позиција.

 Меѓутоа, спротивно на грчкото однесување, претседателот Глигоров го одбива предлогот на македонската служба да организира масовен митнг во Скопје, преку кој светот ќе ја видеше и македонската загриженост, и, притоа, дополнително, во разговорите со европските политички елити, македонскиот претседател ќе ја јакнеше својата позиција.. Но, наместо ова, за Глигоров побитно беше СДБ да ги има под контрола политичките неистомисленици во државата.

На крај, накратко и за причините поради кои Глигоров инсистираше на приемот на Македонија во ОН по секоја цена.  Имено, пред приемот на Македонија во ОН, односно, на 30 март 1993, Киро Глигоров и се обрати на нацијата преку државната телевизија за да ги каже причините зошто мора по секоја цена во ОН. Глигоров тогаш истакна дека со историското зачленување во ОН, Македонија станува рамноправна членка на меѓународната заедница, ќе се отворат светските пазари, ќе дојдат странските инвестиции, ќе станеме побогати, стабилни и безбедни.

Но, настаните што следеа покажаа дека Македонија не стана постабилна, побогата, побезбедна, туку, напротив, Македонија и понатаму остана закована за европското дно, ја имаше криминалната приватизација, војната во 2001 година.. Значи, номиналното признавање и приемот во ОН без содржајна државноправна основа, тешко дека ја гарантира безбедноста, за која сепак е потребно да се направат многу други работи освен номиналниот прием во светската организација.

СМЕШНИТЕ ПРОГНОЗИ НА ГЛИГОРОВ

Во овој контекст, ако во салите и фоаејата на ОН зборувате дека сте рамноправна членка со останатите држави и дека гласот на Македонија има еднаква тежина, како оној, на пример, на Русија, САД, Кина, Велика Британија… како што возбудено беседеше Глигоров на државната телевизија, тогаш луѓето почнуваат да се смеат, а на малите држави како Македонија им се дава сатисфакција од формален карактер, како на пример, пишување на извештај за штетите од тропската мува или од некој земјотрес.

А, колку овој ден 8 април е историски за Македонија, доволно говори податокот дека историските настани се проследуваат со големи народни веселби, додека, пак, по повод годишнините од приемот на Македонија во ОН, до денешен ден – 27 години нема никакво радосно чествување, па така, повеќе од јасно е дека на понижувањето од 8 април 1993 година никој не сака да се навраќа.

Значи, во реалноста не се оствари ниту една од причините од кои се раководел Глигоров при приемот на Македонија во ОН под рефернцата ПЈРМ, заради што, јасно е дека воопшто не било потребно да се инсистира во тој момент на понижувачкиот прием во ОН.

Се чини дека свое влијание за таквиот прием имала и возраста на Глигоров, кој, воден и од своите лични интереси, по секоја цена настојувал да ја искористи неповторливата шанса за негова лична промоција, односно, да се обрати во ОН како прв македонски претседател, без оглед на поразителните последици за државата, со што Македонија остана заробена во Стратегијата на претседателот Глигоров.

Останатото е историја. Советот за безбедност на ОН, на 7 април 1993 година, му препорача на Генералното собрание да ја прими во членство на ОН, државата која ќе биде ословувана со „поранешната југословенска Република Македонија„, по што, утредента на 8 април 1993 година, Генералното собрание на ОН донесе одлука за прием на Македонија вон правилата на меѓународниот поредок, бидејќи првпат во својата историја светската организација прими една држава без име и без знаме. Притоа, приемот на Република Македонија, како 181-ва членка на ОН, е нотиран под буквата „Т„, со референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија„, а не под буквата „М„ како што налага меѓународната практика.

Иако Глигоров тврдеше дека смешниот прием во ОН ќе трае само два месеци, еве, борбата за одбрана на уставното име продолжува и по 30 години од патриотските и националните сили во земјата со определба за поништување на антимакедонските договори со кои се брише името.

image_print