11

26 години подоцна, осми април – радосен или тажен ден за Македонија и Македонците

Apr 08 2019
(0) Comments

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 8 април 2019

„Ова е радосен и историски момент за мојата земја„ воскликна Киро Глигоров во пленарната сала на Обединетите нации на 8-ми април 1993 при најавата за прием на Македонија во членство на ОН.

Покрај Глигоров, и неговите најблиски соработници од тоа време, како на пример, Бранко Црвенковски, Денко Малески, Љубомир Фрчкоски, Стојан Андов… до денешно време се на мислење дека приемот во Обединетите нации е радосен и историски ден за Македонија и Македонците.

Денес, 8-ми април повторно е уште едно потсетување дека пред 26 години Македонија стана членка на ОН под референцата „ПЈРМ„ и извонреден повод за сенародна веселба, бидејќи, велат дека извонредните настани во историјата на еден народ редовно се поздравувани со манифестации на радост.

Меѓутоа, денес, 8 април, на годишнината од приемот на Македонија во Обединетите нации дојде до целосен молк во земјата за овој настан. Медиумите останаа пусти.. Во Македонија нема чествување и веселби на 8 април, денот, кој, од Глигоров, Црвенковски, Малески, Фрчковски, Андов… се означува за историски.

Конечно паднаа маските. На срамниот прием на Македонија во ООН без име и без знаме никој повеќе не сака да се навраќа?!

Всушност, идното значење на 8-ми април можеше да се насети уште во 1993 година кога Глигоров при најавата за прием во седиштето на ОН со солзи во очите го најави историскиот ден за земјата, а малку подоцна Глигоров мораше тивко да го напушти седиштето на Обединетите нации, без да присуствува на традиционалната церемонија кога се крева знамето на новата држава членка. И тоа од оправдани причини. Церемонијата не се одржа. Македонија беше примена без име и знаме.

Воведот е во функција на прашањето, дали приемот на Македонија во ОН со име различно од државното име избрано од народот, е радосен или тажен ден за Македонија и Македонците.

Според мене, приемот под „поранешната југословенска Република Македонија„ е крупна историска грешка со последици до денешно време во обидот за одбрана на името.

Од друга страна, домашните актери како Глигоров, Црвенковски, Фрчковски, Малески, Андов… кои беа инволвирани во приемот ја форсираат тезата дека доколку Македонија не влезеше во Обединетите нации по секоја цена ќе дојдеше до нејзина поделба меѓу соседите. Оваа гледиште го засноваат на фамозниот кафе-муабет помеѓу Милошевиќ и Мицотакис во Атина.

Се разбира, допуштам на една таква средба да имало романтичарски зборови за Македонија, бидејќи на секој народ, вклучително и на грчкиот и српскот, понекогаш им треба романтика, но, битно е дали имало реална основа за изведување на една српско-грчка  агресија врз Македонија.

Немаше основа во тоа време да се верува во воен атакт и поделба на земјата од страна на соседите. Дури, соседите тргнувајќи од сопствените интереси повеќе ја посакуваа самостојноста на РМ отколу да ја видат на страната на спротивниот ривал (кај некој од соседите). Немаше реална закана од воен напад од Бугарија, Албанија или од Грција која како членка на НАТО би војувала со Македонија во услови кога САД, како водечка сила во НАТО ја имаше Макеоднија под целосна контрола, или, пак, од Србија, која преку ЈНА само блефираше со можна воена ескалација и во РМ.

ЈНА всушност никогаш и немаше концепт да отвора ново воено жариште и во РМ и тоа не како резултат на некакви алтруистички причини, туку заради немањето доволен капацитет за отворање на трет фронт и во Македонија, како и реалниот интерес на Србија спрема БиХ отколку за РМ. Впрочем, тоа може да се види и од повлекувањето на ЈНА, која, според договорот требаше да си замине од РМ на 15 април 1992, а си замина порано во март поради најавата дека ЕЗ ќе ја признае БиХ (што и се случи во Луксембург на 6 април 1992) и потребата делот од ЈНА, од Третата армиска област (Косово и Македонија) да се лоцира во БиХ за да ја започне тамошната војна. Бидејќи, по повлекувањето од Македонија, ЈНА ја започна војната во БиХ по нејзиното признавање од ЕЗ, тогаш јасно е дека ЈНА немала моќ да отвора нов фронт и во РМ.

Затоа, прашањето зошто немаше војна во РМ, треба да се гледа од аспект на стратешките интереси на ЈНА (Србија) за војување на другите жаришта на југословенски простори.

Глигоров на недела дена пред приемот во ОН, поточно на 30 март 1993, во неговото телевизиско обраќање до нацијата, наброја најмалку три причини за тоа дека приемот во ООН ќе ја направи Македонија сигурна, безбедна, и економски посилна.

Прво, се велеше дека се решава безбедноста на РМ преку системот на колективната безбедност и затоа не било толку битно со какво име ќе биде приемот, туку единствено релевантен е самиот прием во ООН. Но, се пропушта од вид дека номиналниот прием во ООН тешко дека ја гарантира безбедноста на една држава, а понекогаш дури и ја разгорува војната. Примерот на БиХ и Хрватска од тоа време беше мошне поучен, но, по се изгледа, недоволно проучен. Тие беа номинално признати држави и примени во ООН, но, на нивните територии избувнаа жестоки војни.

Или случајот со Сојузна Република Југославија која во периодот од 1992 до 2000 година, функционира како држава со полн капацитет во меѓународните односи иако не е членка на ООН. Подоцна, на 1 декември 2000 година СРЈ стана членка на ООН, но, се распадна како држава токму како членка на ООН. А од аспект на македонската војна во 2001 година, е јасно дека треба да се направат многу други работи освен номиналниот прием во ООН. Всушност, една држава својот базичен интерес многу повеќе може да го оствари преку врските со некоја моќна земја, отколку преку номиналното членство во ООН.

Инаку, со оглед на неделивоста на меѓународниот мир и безбедност, Повелбата на ООН не прави суштинска разлика меѓу земји-членки и не-членки на ООН, и оттука, РМ во тоа време дефакто е дел од колективната безбедност и призната држава, бидејќи склучувавме аранжмани, стапувавме во директни преговори, заклучувавме економски зделки, имавме признавање од повеќе држави, на своја територија од декември 1992 веќе ги имавме Мисијата на ОЕБС и силите на УНПРОФОР во чии редови се присутни и американски војници.

Второ, приемот во ООН не доведе ниту до економски развој, бидејќи Македонија остана закована на европското дно, а ја имаше и криминалната приватизација. Со таквата приватизација се изврши економска диверзија врз Републиката и економско злосторство врз сопствениот народ, бидејќи речиси целото општествено богатство, создавано педесетина години од сите  работни луѓе во социјализмот, им беше поклонето на десетина лица.

Трето, се велеше дека РМ како членка на ООН станува рамноправна во светските настани. Тука само ќе кажам дека принципот на рамноправност во ООН е фикција. Доколку во салите или во фоајеата на ООН зборувате дека државите се рамноправни, луѓето почнуваат да се смеат. Одвреме навреме, на малите држави им се дава сатисфакција со формален и спектакуларен карактер, како еден неодамнешен пример, пишување извештај за штетите од тропската мува.

Како и да е, не се остварија причините поради кои инсистиравме по секоја цена во членство во ООН, бидејќи, Македонија не стана ни посигурна, ни побезбедна, а ниту пак економски посилна.

Затоа, требало да се инсистира на уставното име и чекање подобра прилика, отколку номинален прием под „ПЈРМ„ без уставотворна основа.

Патем, секоја друга солуција, како на пример, етапен прием со воспоставување најпрвин на набљудувачки статус под уставното име, (стаусот набљудувач базира на практиката во ООН, бидејќи не постојат правила за него во Повелбата) и стрпливо да се работи на добивањето на членство во ООН, или пак, барањето за прием да останеше закочено до денешно време, се чинат за поадекватни во обидот да се сочува уставното име, бидејќи, сведоци сме дека штом еднаш РМ се согласи на промена на уставното име при приемот во ООН, макар и во привремената форма „ПЈРМ„, и сега со Договорот за промена на името со Грција, ваквата промена предизвикува политички контроверзи и ги отежнува напорите за враќањето на државното име. Патем, референцата „ПЈРМ„ требаше да опстојува само два месеци.

Нo, ако е за утеха, постојат политички сили во земјата со определба дека доколку ја добијат довербата од народот ќе ја покренат меѓународно правно-признатата процедура за поништување на Договорот за промена на името кој е спротивен на домашното и меѓународното право во смисла на Виенската конвенција за договорни односи. По ова ќе следи активирање на меѓунардоните механизми за враќање на уставното име на РМ во ООН. Анализата на општото меѓународно право и правото на ООН, појаснува дека правно-технички, на Македонија и стојат на располагање во Обединетите нации четири меѓународно правно-признати механизми да го носи името – Република Македонија. Во секое зло, добро!

Ние во Единствена Македонија го правиме очекуваниот чекор. На следните парламентарни избори на потег е народот!