Еве зошто силните милијарди евра од ЕУ во Македонија се една голема лага

Колумна, Портал Дудинка, 8 октомври 2020, проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија

Еврокомесарот Вархеи, вчера на свечената седница на владата во Скопје без око да му трепне извади од ракав нови 9 милијарди евра помош за Македонија и земјите од регионот.

Мора да признаеме дека ЕУ има фантастична тактика. Бомбастично најавуваат силни милијарди евра кои убаво звучат за народот иако тоа останува само голема лага и ветувања. Да илустрирам со неколку примери:

Во контекст на војната во 2001 година, ЕУ преку т.н. Пакт за стабилност тогаш најави донаторска конференција од која очекуваат 200 милиони долари помош за Македонија и за како што го нарекуваа тогашното храбро македонско раководство кое го склучи капитулантскиот рамковен договор. На крај, тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и тогашниот министер за финансии Никола Груевски кажаа дека од донациите остана само ветувањата, не доделија од ЕУ ниту цент. Дури, Георгиевски и Груевски уште кажаа дека овие од ЕУ всушност се мајтапат со нив, бидејќи, како што рече Груевски првично им рекле донации а сега им нуделе кредитни линии со што само се зголемува задолженоста на земјата.

На 24 септември 2015 ЕУ објави дека и доделува на Македонија 700 милиони евра за справување со мигрантите. Покасно, на 14 март 2016, ЕУ дополни дека на Македонија и  доделува уште 50 милиони евра за справување со мигрантите. Меѓутоа, истиот ден дојде одговорот за оваа голема лага на ЕУ, и тоа не од било каде туку од најкомпетентно место – од  претседателот на државата, тогаш Ѓорге Иванов кој рече дека ЕУ не доделила ниту цент помош за Македонија за проблемот со бегалците.

Јоханес Хан во својство на еврокомесар на 7 февруари 2018 изјави дека ЕУ ќе додели над една милијарди евра за Западен Балкан за да се подготват за влез во Унијата. Убаво за слушање. Ќе ни дале една милијарда евра за да се подготвиме за влез во ЕУ. Хан си замина од функцијата, му истече мандатот а од парите ништо. Тогаш Хан уште рече дека од 2007 до 2017 ЕУ донирале, внимавајте добро, 9 милијарди евра во Западен Балкан. Во реалноста едно големо ништо.

Во 2018 од ЕУ рекоа дека се доделени уште над 1 милијарди евра. На крајот на таа истата 2018 година, поточно на 18 декември, ЕУ објави дека и дава на Македонија нови 70 милиони евра а до 2020 година дополнителни 250 милиони евра за модернизација. Одлично, ќе не модернизирале. Меѓутоа, еве ја дојде 2020 година, од парите ниту цент.

Во мај 2020 на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, срцепарателно изјави дека ЕУ имала посебна одговорност за нас, значи ептен биле потресени за нас и без око да и трепне од Загреб порача дека даваат 3,3 милијарди евра помош за Македонија и земјите во регионот. Во реалноста, пак, едно големо ништо.

Приказните со наводните силни пари од ЕУ ги видовме и во ова тешко време во кризата со коронавирусот. Зоран Заев во месец март, три дена го лажеше народот за добиена помош од 70 милиони евра од ЕУ за борба против коронавирусот. Тогаш, го повикав Заев да го покаже изводот од буџетската сметка каде се легнати 70 милиони евра од ЕУ. Поминаа 6 месеци и до денешно време нема ниту 7 евра, а не пак 70 милиони евра. Се разбира, не мора мене да ми верувате, ама еве пак го повикувам Заев да го покаже изводот од буџетската сметка каде се пуштени 70 милиони евра. Во краен случај, тоа се јавни пари, не се државна тајна. Меѓутоа, и ова е една голема лага. За волја на вистината Самуел Жбогар во својство на евроамбасадор ни даде 25 шатори, 200 душеци и 1.000 ќебиња од ЕУ во борбата со коронавирусот.

И најново сега од вчера, ќе ни дале нови 9 (и со зборови: девет) милијарди евра.

Да не редам повеќе примери, многу милијарди ветувања, а во реланоста – тишина. Едно големо ништо. Ни пари, ни бутур.

Во 1990 година кога се срушија социјалистичките држави, богатите држави од запад практично воспоставија ново неоколонијално ропство спрема Македонија и земјите од Источна Европа. Во такви околности во изминатите 30 години ЕУ од овие земји има извлечено силни милијарди преку разни методи (со оглед на просторот во друга прилика) и не случајно богатите земји стануваат уште побогати. На пример, поучен е случајот со Бугарија членка на ЕУ. Таму пред три години излегоа показатели дека богатите држави од ЕУ од Бугарија во изминатите десетина години имаат извлечено 25 милијарди евра, а во форма на донации назад имаат повратено околу 15 милијарди евра. Пред некој ден излезе информација и за Хрватска дека ЕУ има повеќе извлечено отколку дадено. Од Македонија, досега, во изминатите 30 години се извлечени околу 5 милијарди евра а во форма на донации се вратени назад околу 400 милиони евра и тие им служат во наменската кампања на ЕУ да го замајуваат народот или народски кажано да му ги замачкуваат очите. Па така, од време на време ќе слушнеме како ЕУ изградила некој селски пат, школо, амбуланта… а еден дел од тие пари им служат за купување на домашните политичари-марионети кои потоа верно им служат како и финансирање на разноразни невладини организации, наменски експерти, професори, новинари….

Далеку од паметот е да се мисли дека има на запад некои луди германци, холанѓани, швеѓани кои ќе го полнат буџетот на ЕУ за да тие истураат силни милијарди во Македонија оти ептен се потресени да не направат богати, среќни и весели. Ова е надвор од секаква човечка логика. Треба да се има реална слика за природата на ЕУ како организација која функционира како своевиден картел на интереси каде богатите сакаат да станат уште побогати преку неоколонијализмот врз останатите.

За крај, да не бидам погрешно разбран колумната е само во функција на разјаснување на наменската политика на ЕУ со силните милијарди кои остануваат ветување и лага. Инаку, никој не е должен некому нешто да дава и дека со питачење и молење на странска помош држава не се прави. Дури, Македонија и утре да стане членка на ЕУ пак ќе си биде исто. Доколку сами не си ја средиме внатре државата со чесни и честити политичари, никој од надвор нема да го направи тоа.