70

Министерот Спасовски лаже, акцијата за откривање на атентатот взр Глигоров е укината

Oct 14 2019
(0) Comments

Колумна, „Портал Дудинка“, недела,  13 октомври 2019, проф д-р Јанко Бачев

Вообичаено, МВР и на 24 годишнината од атентатот врз Глигоров со истата приказна дека се работи на случајот и дека истрагата е отворена.

Но, непријатно бев изненаден кога патриоти во Службата за државна безбедност ми покажаа интерен документ-телеграма на МВР од кој се гледа дека Штабот и Оперативната акција Автомобил се укинати. Во овој документ на МВР до сите организациони единици на тајната служба стои, цитирам: „Ве известуваме дека Штабот на оперативната акција Автомобил во седиштето на МВР веќе не постои“.

Значи, оперативната акција Автомобил, во која требало да се слеваат сите добиени сознанија и податоци повеќе не постои и атентатот врз Глигоров не претставува предмет на систематско и организирано работење на тајната служба. Оттука, се е оставено на случајноста, односно, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред 24 години сакаше да ја дестабилизира државата. 

Инаку, своевремено беа сервирани три верзии за можни сторители. Според првата, станува збор за т.н. Братиславска врска, втората говори за српското воено разузнавање и соработката со домашни структури на кои и пречела самостојноста на Македонија, и третата бугарската Мултигруп. Во оваа насока едно кратко дополнение кое би требало да се земе предвид од најмалку три причини.

Прво, целосна глупост е во тоа време почетното размислување за можна поврзаност со атентатот на некоја патриотска организација од дијаспората, која би била мотивирана да му пресуди на Глигоров за неговите дотогашни предавста, како на пример, согласност за срамниот прием на Македонија во ОН, промена на уставот, со што Македонија се откажа од Македонците во соседните земји, и, на крај, согласност за промена на знамето со шеснаесеткракото сонце. Имено, токму пред атентатот, Глигоров им приреди на Македонците уште едно понижување, согласувајќи се на 22 септември 1995 година, во собраниска процедура да влезе законската измена на знамето. Собраниската седница за изгласување на промена на знамето беше закажана за  5 октомври 1995 година, а обидот за атентат се случи на 3 октомври!

Второ, познато е дека атентатот се случи на 3 октомври 1995. До тој момент, значи, четири години по самостојноста на Македонија, нашиот државен врв на чело со Глигоров сеуште е под силно влијание на Белград, а македонската тајна служба е под силно влијание на КОС. Во такви околности, Македонија побара да пристапи кон Партнерството за мир, односно НАТО-Алијансата и се беше подготвено за потпишување на договорот за партнерство на 15 ноември 1995, со што Македонија станува 27-та земја членка на Партнерството. На средбата во Белград со Слободан Милошевиќ, (на 2 октомври, ден пред атентатот), Киро Глигоров отворено му кажува на Милошевиќ дека одвојувањето на Македонија од остатокот на Југославија, предводен од него, е завршена приказна. Значи, во тој момент со стратегиското приближување кон САД, Македонија прави радикален пресврт во својата дотогашна надворешно-политичка определба! Затоа потребно е од Србија да побараме (досега не е барано) да ни го достави документот од изворниот разговор помеѓу Киро Глигоров и Слободан Милошевиќ од 2 октомври 1995, за да видиме што е кажано таму, а не да се остане само на вообичаените новинарски извештаји од средбата. Тука уште да споменам дека, истовремено, и  американската ЦИА во тој момент веќе целосно го заокружува разузнавачкото завладување на овој простор. Денеска речиси сите тајни служби во регионот се своевидни филијали на ЦИА.

Трето, Глигоров направи обид за извесно зауздување на транзициските бандити во Македонија, који за време на ембаргото на ОН спрема Србија, на очиглед на сите го кршеше тоа ембарго, и, притоа, во нивни приватни џебови се одлеаја неверојатни пет милијарди тогашни германски марки (според подоцнежни анализи на МВР). И меѓународните фактори замижуваа пред шверцот и кршењето на ембаргото спрема Србија, заради непријатната положба во која се најде Македонија со ембаргото и наметнатата блокада од Грција, па, така, Македонија мораше ја обезбедува снабденоста на пазарот со некои неопходни производи. Дотолку повеќе, во тоа време македонските фирми во најголем дел деловно беа поврзани со фирми од Србија.

Во овој контекст, уверен сум дека многу поинаква Македонија ќе имавме во економски поглед доколку контролираниот шверц и кршење на ембаргото во тоа време одеше преку некаква своевидна фирма, контролирана од државата, за, на тој начин, споменатите 5 милијарди германски марки, наместо во приватни џебови, да беа под контрола на македонската влада. Не треба посебно да се елаборира што ќе значеа за Македонија 5 милијарди марки, ако се знае дека во тоа време изразувавме бескрајна благодарност на Џорџ Сорос, кој ни даде некои „бедни„ 16 милиони долари за ургентно купување на нафта. Но, откако се изменија околностите, пред се со укинување на грчкото ембарго спрема Македонија со потпишувањето на Времената спогодба со Грција во септември 1995 година, и обидот на Глигоров за некаква контрола на организираниот криминал во Македонија, во тој момент дојде и обидот атентат врз него!

Како и да е, сметам дека треба да престанат манипулациите со народот дека организирано се работи на откривање на атентаторот на Глигоров. Крајно некоректно е што властите го лажеа и самиот Глигоров до неговата смрт дека се работи на атентатот. Всушност, треба отворено да се каже дека тому заради неработењето, истрагата никогаш не била блиску ниту до мотивите, ниту до извршителите. Конечно, МВР должи одговор на прашањето – Кој и зошто ги укинал Штабот и ОА Автомобил?