11

Масакр кај Вејце

Apr 28 2019
(0) Comments

Колумна, Единствена Македонија
д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 29 април 2019

Помина 28 – април во уште едно потсетување дека пред осумнаесет години во еден од најкрвавите и најбруталните масакри во поновата македонска историја кај Вејце беа ѕверски убиени и масакрирани осум македонски бранители од терористичката ОНА.

За сега, осумнаесет години по крвавиот настан кај Вејце, едно е сигурно: Ниту кај СДСМ, ниту, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ кои се менуваат на власт, нема интерес за вистината, односно, речиси две децении ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со осуммината мачени и живи палени кај Вејце земајќи предвид дека убијците на бранителите од воената 2001-ва седат рамо до рамо со властите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во извршната и законодавната власт.

Според Информацијата на македонската тајна полиција до тогашниот министер во МВР насловена како „Сознанија за громорозното убиство во с.Вејце-Тетовско„ заведен под ев.број 470 од 13 ноември 2001 година, детално се опишани учесниците во терористичката акција во која на 28 април 2001 година во Вејце беа убиени и масакрирани осум македонски бранители, а споменатите лица како организатори и извршители останаа на слобода, и, притоа, во годините потоа некои од нив станаа и сеуште се високи државни функционери.

Во оваа насока, според оперативен документ на СДБ при МВР, и Талат Џафери кој во тоа време на најдиректен начин го нападна уставниот поредок е вмешан во заседата кај Вејце во контекст на фатените сигнали од разговор помеѓу лицата од касарната во Тетово и терористичката група лоцирана кај Вејце, која ги чекала во заседа бранителите после нивното тргнување на доверените одбранбени задачи.

Неколку дена пред нападот кај Вејце, извршителите се подготвувале и вршеле обука во логор на Косово, во непосредна близина на границата со Македонија и нивна задача била да ја ликвидира живата сила од патролата и да ги уништи возилата и воената техника. Ова не случајно го потенцирам, бидејќи сеуште останува енигмата, како диверзантско-терористиката група на ОНА однапред го знаела движењето на патролата составена од македонските бранители кои настрадаа кај Вејце!?

Кога се пројави желба и иницијатива од едно патриотско крило во Службата за државна безбедност да го расчисти случајот „Вејце„ по институционален (судски) пат, тогашниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија, Крег Џенес, експресно дојде во македонската влада за да упати директна закана, ако се преземе било што во тој момент против лицата од терористичката група, Македонија ќе биде обвинета за провоцирање нова војна во земјата.

За понеупатените да спомнам дека ОБСЕ е регионална организација во која членуваат држави претежно од европскиот континет, а од неевропските држави во неа членуваат Канада и САД. Преку ОБСЕ, САД го остваруваат своето влијание на европскиот континент и затоа амбасадорите на ОБСЕ воглавно произлегуваат од разузнавачките структури на ЦИА, а камуфлирани со дипломатски статус. Во тоа време, покрај Крег Џенес, на моќната четворка меѓународни претставници во нашата држава и припаѓа и тогашниот амбасадор на НАТО во Македонија, Никола Бигман. (останатите двајца се амбасадорите на САД и ЕУ, Лоренс Батлер и Донато Кјарини).

Но, најинтересно во таа прилика е што Крег Џенес пред сведоци категорички изјави и вети дека веднаш по парламентарните избори во Македонија на 15 септември 2002 година, тој лично ќе се заложи да се расчисти случајот Вејце, бидејќи и на нив се им е познато во врска со тој случај. Но, изборите од 15 септември 2002 година одамна завршија, а до денешен ден овој случај сеуште нема официјална разрешница.

Значи сознанија и податоци има. Во моментот недостига само иницијатива. Најсоодветно е некоја пратеничка група или пратеник во Собранието на Македонија како овластен предлагач, согласно собранискиот деловник, да го актуелизира случајот Вејце. Притоа, уверен сум дека Крег Џенес, со задоволство ќе прифати да сведочи пред Собранието/собранискаска анкетна комисија. Дотолку повеќе, изборите од 15 септември 2002 година кои Крег Џенес ги посочи како пречка привремено да не се расчистува случајот Вејце одамна се завршени.

Дури, расчистувањето на случајот „Вејце„ ќе оди многу полесно, бидејќи и МВР и Крег Џенес (ОБСЕ) точно знаат што се случи кај Вејце и на тој начин да се дојде најпосле до официјален одговор за масакрот кај Вејце, во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Преживеаните бранители, роднините и семејствата на сите загинати бранители во воената 2001-ва по повод чествувањето на годишнината од трагичните настани, покрај тоа што го изразуваат незадоволството од нерешениот социјален статус, истовремено го изразуваат незадоволството од институциите, како се однесуваат спрема нив, бидејќи и по осумнаесет години, покрај загубата на нивните најмили ги боли тоа што не ја знаат вистината! 

Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината, доколку минатото и понатаму не прогонува, односно, неправедната загуба на бранителите останува неразјаснета!

Конечно, од крајот на воената 2001-ва пишувам и се залагам за расчистување на случаите со сомнителното загинување на бранителите (Вејце, Карпалак, Љуботенски пат…) во кои бранителите беа праќани во заседа и мораа да загинат, но, до денешно време од државните органи целосен молк.

Останува да дојде нова народна власт која ќе има храброст и желба да расчисти со сомнителните загинувања на македонските бранители во воената 2001-ва. Дотогаш, да ја повторам мојата порака во знак на сеќавање на осуммината припадници на МВР и АРМ кои на 28 април 2011, од заседа, беа маскрирани кај тетовското село Вејце: „Хероите никогаш не умираат“. Загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола) и Бошко Најдовски (24) од Битола.