17

Македонија национална држава на македонскиот народ, а еве ги причините

Nov 27 2019
(0) Comments

Колумна, „Портал Дудинка“, среда,  27 ноември 2019, проф д-р Јанко Бачев

Платформата на Единствена Македонија насловена како „Битка за Македонија„ секојдневно се дели низ Македонија откако ја објавив на прес конференција на 27 октомври. Според планот, Караванот на Единствена Македонија до 31.12.2019 ќе ги посети сите поголеми населени места со цел народот одблиску да се запознае со Платформата, која, во 100.000 примероци се дели низ Македонија.

Платформата содржи десет стратешки определби за Македонија и Македонците.

Меѓутоа, да не остане гола реторика напишаното во Платформата, во моите колумни во „Дудинка“ детално ги образложувам стратешките определби во Платформата. Во претходни четири колумни во „Дудинка„ веќе образложив четири определби, односно, за основите и постапката за поништување на Договорот со Грција за промена на името, за правните недостатоци на Договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија, за ревизија и одземање на украденото во криминалната приватизација преку илустрација на приватизациската приказна на „Скопска Пиварница„  каде Свето Јаневски за нула денари заработи фантастични 100 милиони евра и за потребата од нов попис и како е фалсификуван пописот во 2002 година со кој Албанците лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто.

Продолжувам со појаснување на определбите во Платформата и во оваа колумна ја изложувам определбата во која велиме: „Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право.

Еве ги причините во однос на оваа определба:

Веднаш да кажам дека современа меѓународна заедница базира на концептот на национални држави со почитување на човековите и малцинските права.

Поточно, уставите на европските држави содржат референца за мнозинскиот народ, односно започнуваат со „ние народот“ оти едно од основните права што ги гарантира современото меѓународно право е правото на самоопределување на народите кое е трајно право и кое постои се додека постои народ како негов титулар. Согласно ова, еве како стојат работите во европските устави:

Германскиот устав од 1949 година во Преамбулата меѓудругото зборува за реализација на правото на самоопределување на ГЕРМАНСКИОТ НАРОД. Преамбулата на францускиот устав од 1958 година ја содржи реафирмацијата на приврзаноста на ФРАНЦУСКИОТ НАРОД кон Декларацијата од 1789. Во Уставот на Словенија се зборува за трајно и фундаментално право на СЛОВЕНЕЧКИОТ НАРОД на самоопределување/…/ во чија основа лежи трајното и неотуѓиво право на словенечкиот народ на самоопределување. Хрватскиот устав ја дефинира Хрватска како „националан држава на ХРВАТСКИОТ НАРОД“. Словачкиот устав започнува со „Ние, СЛОВАЧКИОТ НАРОД“. Романскиот устав зборува за независна, унитарна и неделива НАЦИОНАЛНА романска држава. Во летонскиот устав се вели дека ЛЕТОНСКИОТ НАРОД го усвојува/…/ следниот Устав. Естонија во Преамбулата ја искажува непоколебливата волја и верба за опстојување на сопствената држава која се заснова на неуништивото право на ЕСТОНСКИОТ НАРОД на самоопределување. Литванската преамбула која зрачи со многу поетика – вековната државност, борба за слобода и независност на ЛИТВАНСКИОТ НАРОД. Албанскиот устав, според преамбулата, го донесува НАРОДОТ на Албанија кој ја потенцира „вековната аспирација на АЛБАНСКИОТ НАРОД за национален идентитет и единство. Да не ја оптеретувам понатаму колумната со дополнителен текст, тука ќе застанам со набројувањето.

Од примерите јасно се гледа дека уставите содржат референца на мнозинскиот народ и историскиот континуитет на односните народи.

Меѓутоа, Република Македонија со капитулантскиот рамковен договор од 2001 година е сведена на некаква збирштина на заедници и затоа овој договор и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест оти од спомнатите заедници во уставот, сите имаат или се идентификуваат со свои матични држави, а само Македонците останаа без своја национална држава.

Настрана фактот што и процентот од 25,17 отсто врз основа на кој албанците ги добиваат правата е фалсификуван со пописот во 2002 година за што подетално пишував во мојата претходна колумна во „Дудинка“.

Од изнесеното основано се изведува заклучокот дека и Република Македонија треба да биде конституирана како национална држава на македонскиот народ.

Единствена Македонија ветува дека ќе ја спроведе и оваа определба од Платформата „Битка за Македонија“. Се разбира, доколку народот не погреши на изборите во 2020 година – настан од историско значење на кои народот, а не некој странец ќе го даде одговорот – или  ќе се зацементира бришењето на се што е македонско, или, на изборите ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ја вратат државата на изворните илинденски и асномски принципи.

image_print