Фото 23

Карпалак

Aug 07 2020
(0) Comments

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок, 07 август 2020

Повторно, утре, 8-ми август е уште едно потсетување, дека пред деветнаесет години од заседа на автопатот Скопје – Тетово беа убиени десет припадници на АРМ кај месноста Карпалак.

Постојат докази дека загинувањето на бранителите кај Карпалак можело да биде спречено, доколку некој не пропуштил да преземе одредени дејствија, кои бил должен да ги преземе во интерес на безбедноста на конвојот.  

Во почетокот на јули 2001 година, значи, четириесетина денови пред крвавиот настан кај Карпалак, во македонската Служба за државна безбедност постоеја два службени документи со податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот, се наоѓа вооружена група од десетина лица, кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно село.

Државната безбедност добро го работела овој случај и успеала да уфрли свој човек – соработник во терористичката група. При едно вообичаено ноќно повлекување на групата кај јатаците, комбиниран тим на припадници од државната и јавната безбедност при МВР извршиле снимање и увид на локацијата. Преку вградениот соработник се извршила и комплетна идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР можело да се види дека овие лица се всушност поранешни криминалци, претходно добро познати на македонската полиција.

По ова, СДБ при МВР, согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги доставила овие информации за понатамошно постапување до Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана.

Врз основа на оперативните податоци содржани во споменатите два службени документи од кои произлегува дека се се знаело за терористичката група кај Карпалак, дополнително од аналитичката служба е изготвена информација уште во јули 2001 година како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак, заради безбедно минување на редовните конвои со бранители, кои во тоа време одеа накај Тетово. Од текстот на аналитичката информација може да се види дека полициските службеници професионално си ја извршиле работата и дале прецизни анализи и насоки, што да се преземе за безбедно движење на воено-полициските конвои во правец на Тетово.

Оттука, верувам дека сега на секој му станува јасно дека трагедијата сигурно ќе беше избегната, доколку, на пример, само со еден хеликоптерски прелет била решена оваа вооружена група, бидејќи прецизно се знаеле сите битни елементи, како локација, време и начин на движење, вооруженоста, распореденоста, бројноста на терористичката група и слично.

Значи, сознанија имаше, а ништо не се презеде. Во тоа тоа време министерството за внатрешни работи (раководено до ВМРО-ДПМНЕ) и министерството за одбрана (раководено од СДСМ) функционираат како две непријателски војски и некоординирано, а Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски и за време на војна не смогнаа сили да седнат и да си речат, сега сме во војна дај да ја одбраниме државата, а после на избори пак ќе се расправаме. Напротив, го правеа спротивното и залудени од личната желба за моќ, профит и власт одеа кај странците Леотар и Пердју и се кодошеа еден со друг во меѓусебната борба за гола власт. И така триесет години без домашно единство за виталните национални и државни интереси за кои треба да се зборува и делува во еден глас.

Значи, загинаа припадници на безбедносните сили од испукана граната токму од кај Карпалак, иако, замислете, македонските безбедносни органи знаеле се за Карпалак речиси 40-тина дена, а, како што споменав, постоела и аналитичка проценка како да се запоседне автопатот кај Карпалак.

Меѓутоа, не само што не е постапено во контекст на добиените оперативните податоци и аналитичката информација, туку некој дури се погрижил пред трагедијата да го отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје – Тетово во близина на Карпалак, а, после трагичниот настан, бранителите се оставени сами на себе без никаква помош да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери по воздушна линија од аеродромот Александар Велики до Карпалак им било потребно само пет минути да им пружат соодветна помош. Настрана фактот што, спротивно на сите формациски воени правила, воените резервисти биле пуштени да се возат накај Тетово како да одат на екскурзија.

За жал, деветнаеает години ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување на македонските бранители кај Карпалак.

Едно е сигурно: Ниту кај СДСМ, ниту, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ кои се менуваат на власт од 2001 година, нема интерес за вистината за сомнителните загинувања на бранителите кај Карпалак кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Оттука, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да престанат да ги навредуваат македонските граѓани со нивното секојдневно натпреварување, за да докажат, кој од нив повеќе лажел и крадел во изминатите триесет години. Односно, пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, веднаш после конституирањето на Собранието, во име на македонскиот народ да се согласат Собранието да донесе политички документ (декларација или заклучоци) со кои ќе побараат расветлување на перфидното местење на македонските бранители во Татковинската војна во 2001 година.

За крај, не е на одмет да спомнам дека скоро дваесет години пишувам и ги потсетувам властите дека мора да се расчисти сомнителното загинување на бранителите за време на Татковинската војна во 2001 година. Дотолку повеќе, во непосредни разговори со преживеаните бранители, јасно ми велат дека сега многу повеќе од трагичните последици ги боли тоа што не ја знаат вистината. Пред петнаесетина години, во судската постапка пред прилепскиот суд за обештетување на бранителите, еден од адвокатите во присуство на уредник во еден дневен весник, ја одби мојата понуда да се појавам како сведок во процесот во врска со загинатите бранители кај Карпалак, за да помогнам по судски пат да се расветлат одредени аспекти за трагичниот настан кај Карпалак.

За Единствена Македонија и мене лично нема дилема. Мора да се дојде најпосле до официјален одговор, како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Карпалак, Вејце, Љуботенски Пат, Арачиново… во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Вечна им слава на македонските бранители-херои: Нане Наумоски (48) Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42) Горан Миноски (29) Марко Деспотоски (27) Ердован Шабаноски (20) Љубе Грујоски (31) Дарко Велјаноски (27) Веби Рушитоски (26) Пеце Секулоски (29), кои ги положија животите за Македонија кај Карпалак на 8 август 2001 година. 

image_print