17

Како за 0 денари се заработуваат сто милиони евра

Nov 04 2019
(0) Comments

Колумна, „Портал Дудинка“, понеделник,  4 ноември 2019, проф д-р Јанко Бачев

Платформата на Единствена Македонија насловена како „Битка за Македонија„ веќе се дели низ Македонија. Содржи десет стратешки определби за кои се заветивме дека нема да отстапиме од нивното исполнување.

Една од определбите е ревизија и одземање на украденото во криминалната приватизација со која е извршен грабеж на општествениот имот кој 50 години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, ревизија и одземање на украденото и во постприватизацискиот период. Со еден збор, одземање на украденото од позиција на власт во изминатите 30 години.

Причината за оваа наша определба ќе ја илустрирам со конкретен пример. По случаен пат се одлучив за приватизациската приказна на „Скопска пиварница“ а овој пример во целост важи и за останатите фирми во кои беа ограбени работниците, земјоделците, студентите, невработените, администрацијата… кои не добија акции иако општествениот капитал што се приватизираше е резултат на трудот на сите работни луѓе во социјализмот.

„Скопска пиварница“ како и останатите општествени фирми, приватизацијата ја започнаа во амбиент кој овозможуваше целокупниот општествен имот бесплатно да помине во рацете на неколку луѓе. На самиот почеток од приватизацијата, светски познатиот гигант „Кока Кола„ пројави интерес за откуп на „Скопска пиварница“ и притоа достави прелиминарна понуда во висина од сто милиони тогашни германски марки.

Меѓутоа, тогашната власт не даваше можност за вистинска платена  приватизација и полнење на државниот буџет, туку земање на фирмите бесплатно од нивните директори. Значи, најпрвин менаџерите на „Скопска Пиварница„ ќе ја откупат компанијата за само четири милиони марки, наспроти понудата на „Кока Кола„ од сто милиони марки. Но, и тие четири милиони марки, менаџерите на „Скопска пиварница„ не ги обезбедуваат од сопствени извори, туку од приходот што се остварува со работа на фирмата, или, поинаку кажано – бесплатно.

Истовремено, кога се врши проценка на вредноста на „Скопска пиварница„, која, нели, си ја проценија на багателни четири милиони марки, во нејзините магацини држи залихи на хмељ – суровина за пиво, во вредност од околу десет милиони марки, а кое нешто менаџерите го прикрија во пресметковната вредност, се со цел, компанијата да се обезвредни и откупи по багателна цена. Значи, невиден апсурд, залихите на суровина во тој момент имаа поголема вредност од пресметаната вредност за откуп на компанијата!? 

МВР, поточно Управата за организиран криминал при Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање ги има информациите за  „Скопска пиварница“, во рамките на оперативната акција „Трансформација„ за македонската приватизација. Но, власта на Бранко Црвенковски ги стопира органите на прогонот. Свето Јаневски со својата дружина го заокружи бесплатното присвојување на „Скопска пиварница„ и така среќно и весело работеа до 1998, кога за еден момент им се наруши спокојството, затоа што дојде до промена на власта а победничкото ВМРО-ДПМНЕ  во предизборната кампања вети ревизија на приватизацијата.

 Уплашени од ваквите најави, Свето Јаневски и неговиот менаџерски тим непосредно пред изборите во 1998, брзопотезно, но, сега од позиција на газди на „Скопска пиварница„, го продаваат управувачкиот пакет на акции од 51отсто за сума од 34 милиони долари на Balkanbrew holding itd – фирма ќерка на веќе споменатата „Кока Кола„. Меѓутоа, подоцна, по промената на власта, се покажа како неоправдан стравот на Свето Јаневски од новата власт, бидејќи Љубчо Георгиевски го смени планот и до ревизија не дојде.

Значи, наместо сто милиони германски марки, колку што на почетокот понуди „Кока Кола„ за купувањето на „Скопска пиварница„ да завршат во македонскиот буџет, се дозволи најпрвин Свето Јаневски и неговата дружина бесплатно да ја присвојат компанијата, а, потоа, од позиција на газди, да ја продадат повторно на „Кока Кола„ ама, за износ од 34 милиони долари, кои завршуваат во нивни приватни џебови, промовирајќи се преку ноќ во милионери.

Но, тоа не е се. Финалето дојде во 2012 кога на македоснката берза „Кока Кола„ откупи уште 41,2 отсто од акциите на Свето Јаневски во вредност од 79,1 милиони евра. Значи, во двата наврати (34 милиони долари и 79,1 милиони евра) заработи фантастични преку сто милиони евра од продажба на акциите, без да извади еден денар од сопствениот џеб. Е тоа е „зделка„ за сите времиња. За нула денари заработка од преку сто милиони евра врз грбот на работниците кои 50 години наназад ги градеа фабриките во социјализмот.

Преку ноќ транзициските бандити беа трансформирани од комунисти во капиталисти. Интересно е што сите овие транзициски бандити беа врвните соработници на Службата за државна безбедност од своите најмлади денови во Југославија.

Затоа на Македонија и треба политичка структура која ужива доверба од народот со силна обврска да направи ревизија и одземање на украденото. Македонскиот народ и поголем дел од државјаните на Република Македонија во новата легална власт на Единствена Македонија ја гледаат единствената надеж. Единствена Македонија кажува директно и јасно – ние сме во политиката да ги бркаме бандитите и да направиме ревизија и одземање на украденото во изминатите 30 години. И ветувам дека тоа ќе го исполниме, се разбира, доколку народот не погреши на следните избори.

image_print