11

Промената на името, Иванов, Заев и Советот за безбедност на Обединетите нации

Jan 16 2019
(0) Comments

Колумна, среда, 16 јануари 2019, проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија 

Оправдан е стравот кај Македонците од уставните измени бидејќи со нив се брише се што е македонско. Прашањето е сега, може ли да се проблематизира промената на името. Мојот одговор е – да!

Откако Грција ќе го ратификува Договорот за промена на името, Македонија ќе ги извести сите држави – членки на Обединетите нации дека членството го продолжува под новото име Република Северна Македонија (член 1 став 7 од Договорот).

Многу е веројатно дека ова известување во името на Република Македонија со писмо до Обединетите нации прв ќе го направи премиерот Зоран Заев. Во истиот момент на сцена треба да стапи и претседателот Ѓорге Иванов и да испрати паралено писмо дека Договорот е ништовен според домашното и меѓународното право.

Според македонскиот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори примарна надлежност за склучување на такви договори има претседателот, а владата склучува меѓународни договори во точно наброени области во законот (член 3 став 2) а тоа се во областа на економијата, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, животната средина, земјоделство, шумарство, водостопанство, здравство, енергетика, правда, труд и социјална политика, човекови права, дипломатско-конзуларни односи).

Меѓународно-правно опсервирано, според Виенската конвенција за договорно право со која меѓународното право доби „договор за договорите„ („the Treaty on Treates“), за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови.

Прво, да биде склучен од овластено лице, а министерот за надворешни работи не е тоа оти вакви договори не може да склучува владата туку наделжноста ја има претседателот. Второ, договорот да има дозволен предмет. Договарање за име претставува недозволен предмет бидејќи според општото меѓународно право и правото ја Обединетите нации, името на една држава е прашање на внатрешните околности, а не на меѓународното право.

Според тоа, Договорот за промена на името е ништовен според домашното и меѓународното право. Во писмото Иванов ќе објасни и дека не е испочитуван референдумот од 30 септември, не  е потпишан указот, уценети и купени пратеници гласаа за уставните измени, силни реакции и во Грција…

Севкупно, имаме ситуација која би можела да доведе до меѓународно недоразбирање (international friction), а во таков случај Иванов ќе побара тоа да биде испитано на седница на Советот за безбедност на ОН (член 34 од Повелбата на ОН). На оваа седница ќе учествува и Иванов бидејќи секоја држава – членка на ОН која не е членка на Советот за безбедност, може да учествува без право на глас во расправата кога нејзините интереси се засегнати (член 31 од Повелбата).

Во една ваква претпоставена ситуација се отвора можност претседателот Иванов на седницата на Советот за безбедност изворно да информира за дефектниот Договор за промена на името.

Во оваа насока, Иванов има посилна позиција од Заев во Обединетите нации имајќи ја предвид и домашната практика. Имено, Собранието на Македонија на седницата од 29 јули 1992 донесе одлука за стапување во членство во ОН и притоа го овласти претседателот Киро Глигоров да го поднесе барањето. Наредниот ден на 30 јули 1992 Глигоров упати писмо во име на Македонија за членство во ОН. Глигоров ги водеше и сите разговори/преговори за разликата околу името и за членството во ОН а не тогашната влада на Бранко Црвенковски. Оттука, може да се изведе аргументот дека Иванов има примарно и посилно право од Заев да се појави пред Обединетите нации.

Значи, во историјата на Обединетите нации за првпат два органи од иста држава ќе бидат со спротивни позиции, се разбира, доколку реагираат и Иванов и Заев, што остава лош впечаток по угледот на државата оти државите на меѓународен план зборуваат во еден глас. Меѓутоа, сега се бориме да не бидеме избришани од светската мапа на нации и треба да преземеме се, дури и по цена на угледот на државата.

Прашањето во Советот за безбедност може да дојде преку секоја членка на ОН (член 35 од Повелбата), меѓутоа, најдобро е да го покрене Македонија преку Иванов.

Прашањето до Советот за безбедност може да дојде и преку Генералниот секретар на ОН во смисла на Резолуцијата 845 на Советот од 18 јуни 1993. Според оваа Резолуција, од Генералниот секретар се бара постојано да го известува Советот и навремено да извести за резултатот. И покрај обврската редовно да го известува Советот, во изминатите 25 години Генералниот секретар изготви и достави до Советот само два извештаи, првиот од 26 мај 1993 регистриран во архивата на ОН под број S/25855 и вториот од 22 септември 1993 регистриран во архивата на ОН под број S/26483.

Многу е веројатно дека и Генералниот секретар на ОН нема да го актуелизира прашањето и во таков случај расправата да биде иницирана  од (постојан) член на Советот за безбедност каква што е најавата од Русија.

Како и да е, генерално, прашањето мора да се разгледа во Советот за безбедност оти се започна тука на 7 април 1993 кога Советот на својата 3196. седница брзопотезно за само шест минути (од 11 часот и 35 минути до 11 часот и 41 минута) со Резолуцијата 817 препорача прием и наредниот ден на 8 април 1993 Генералното собрание ја донесе Резолуцијата број 225 за прием на „поранешната југословенска Република Македонија„ во членство во ОН. Патем, со брзопотезниот прием на Македонија во ОН без име и знаме, дојде и до ново понижување, бидејќи на чинот на приемот, во пленарната сала на Генералното собрание беа амбасадорите на земјите-членки на ООН што не е на нивото на значењето што го има приемот на една држава во членство во ОН (барем присуство најмалку на министри за надворешни работи).

Многу е веројатно дека предлог – одлука на Советот во корист на Македонија ќе доведе до вето од некоја од постојаните членки на Советот земајќи предвид дека САД, Велика Британија и Франција веќе го поздравија Договорт за промена на името. Во таков случај се отвора патот Русија и Кина да декларираат дека Советот е во блокада и да се побара советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за легалноста на двата дополнителни услови кои и беа поставени на Македонија при приемот во ОН. Доколку не се успее преку Советот за безбедност, тогаш советодавното мислење може да се побара преку Генералното собрание што е лесно изводливо. Поволна околност за Македонија е што Меѓународниот суд на правдата има Советодавно мислење од 28 мај 1948 година во врска со условите за прием на една држава а за кое мислење не знаел тогашниот државен врв на Македонија при поднесувањето на барањето за прием на Македонија во Обединетите нации.

Инаку, во текстот тргнувам најмалку од три претпоставки кои ги земам за неспорен/утврден/дефинитивен факт, прво, храброст кај Иванов да упати писмо, второ, изработка на солидна аргументација во писмото и, трето, подршка од Русија и Кина како постојани членки на Советот за безбедност а покасно и жестоко лобирање кај државите што нè признаа под уставното име.

Сега е најбитно да се добие во време, да се проблематизира на меѓународен план  промената на името и на крајот ќе дојде успехот.

Иванов да презеде една поактивна улога на овој план и на крајот на мандатот да застане на страната на македонскиот народ, но, ова претпоставува една претходна состојба на доволно решеност на Иванов до крај да го брани уставниот поредок. Да одолее на евентуалните притисоци, со што ќе покаже дека е претседател на Македонците а не на странците.

Како и да е, Договор за промена на името е ништовен според домашното и меѓународното право со што се отвора патот на било која идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство.

Новата легална власт на Единствена Македонија која доаѓа, нема дилема. Договорот за промена на името ќе биде поништен.