ndm-partiski-znak

Ќе воведам данок за богатите

Mar 02 2009
(0) Comments

02.03.2009 (понеделник)
Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Вест (новинар: 

1. Ниту поранешниот градоначалник Ристо Пенов ниту сегашниот Трифун Костовски не најдоа начин да го исчистат градот од ѓубрето и да го одржуваат чист. Како Вие  би ја одржувале чистотата во Скопје?Одговорот е многу едноставен.

Имено, науката и човечката цивилизација воопшто се погрижиле да изнајдат механизми како да се дојде до една современа и модерна локална заедница во која граѓаните со задоволство ќе работат и живеат во неа. Значи, не ни недостасуваат знаење и обемни пишани програми со кои  континуирано дваесетина години не крадат и лажат, туку е потребно волја, желба, чесност, одговорност, јавност и отчетност и доколку работите се постават во оваа насока ќе добиеме посакувана состојба не само во однос на градската чистота туку квалитетно функционирање на Градот во целина.

2. За трамвајот има проект нема пари. Имате ли план како да обезбедите пари?

Не е точно дека нема пари. Скопје располага со најобемен буџет во системот на локалните заедници. Друго прашање е што Скопје во континуитет добива градоначалници-плачковци што секојдневно плачат за пари до Владата, без притоа самите да се изборат да донесат квалитетни инвестиции. Се разбира, од такви градоначалници неможе да се очекува повеќе, бидејќи поразителен е податокот дека истите на позиција градоначалник доаѓаа во моменти кога нивни приватни фирми имаа сериозни финансиски проблеми, па така, како градоначалници преку разработените шеми посебно во делот на ингеренциите на Градот во областа на градежништвото влечеа сериозни износи на парични средства од Градот за да спасуваат свои приватни бизниси.

Инаку, за трамвајот можам да го кажам следното. Еден од двата темелни принципи на моето дејствување доколку граѓаните ми ја дадат довербата ќе биде доследно заживување на заборавениот демократски институт-локален референдум кој досега на локално ниво не е применет ниту еднаш иако во Законот за локална самоуправа е пропишан како темелна карактеристика на локалната самоуправа. Значи, буквално за секое прашање од интерес за граѓаните ќе распишувам локален референдум заради што ќе бидам во постојан контакт со граѓаните за да ги слушам нивните потреби. Ако можат развиените швајцарски кантони секојдневно да распишува референдум и за банални прашања како на пример дали да се покачи цената на лебот, тогаш можам да им ветам на граѓаните на Скопје дека на референдум ќе одлучуваат за сите битни прашања како трамвај, подземни премини, реконструкција на градски парк, контрола на сообраќај од едно место и слично, бидејќи сето ова ќе се сработи од парите на граѓаните како даночни обврзници. За некои од овие проекти може да се обезбедат средства не само од буџетот туку постојат и други начини за кои граѓаните детално ќе ги запознам за време на мојата изборна кампања.

3. Двокатни или еднокатни автобуси?

Прашањето е од интерес за граѓаните и одговорот ќе го дадат самите граѓани на локален референдум.

4. На плоштад треба да има споменик на Александар Македонски или на Тоше Проески?

И на ова прашање одговорот ќе го дадат граѓаните на локален референдум.

5. Дел од жителите на Илинденска не дозволуваат булеварот да се прошири во делот од Влада до фонтаната во Градски парк, а им пречи сообраќајниот метеж што таму се создава. Какво решение на овој проблем би понудиле Вие?

Имам намера да упатам покана до респектабилни стручни лица за изработка на предлог студии не само за Илинденска туку за сите клучни булевари во Скопје а конечната верзија ќе ја изберат граѓаните, се разбира на локален референдум.

6. Му треба ли на градот нова територијална поделба со која оптшините Ѓорче Петров, Сарај, Шуто Оризари, Бутел и делови од Гази Баба и Кисела Вода нема да бидат дел од Скопје.

Факт е дека постојната организација на Скопје е продукт на рамковниот договор и територијалната организација која произлезе од овој договор. Без оглед кој што мисли за рамковната спогодба морам да потенцирам дека Народно движење за Македонија како партија која се бори за заштита на македонските национални интереси смета дека рамковниот договор е длабоко трауматичен за македонската национална свест. Но во духот на моите заложби одговорот и на ова прашање ќе го дадат граѓаните на локален референдум уште на почеток на мојот мандат доколку граѓаните ми укажат доверба.

7. Што ново му нудите на Скопје?

Спомнав дека моето дејствување ќе се базира на два темелни принципи од кои едниот како што кажав е доследно операционализирање на локалниот рефрендум. Втората моја темелна заложба ќе биде драстично поголема стапка на локалните даноци, такси и надоместоци за богатите граѓани како преодна етапа да се изборам на централно ниво за воведување на т.н. данок за богатите. Сметам дека со ова делумно ќе ја исправиме неправдата од македонската неморална и неправедна приватизација и притоа на легален начин ќе се овозоможи повратно во буџетот да се врати дел од нечесно приватизираното кое пак дополнително ќе им се даде на граѓаните во форма на разни програми-здравство, социјална заштита, образование, спорт и слично.

image_print