spasovski

Спасовски: Вооружените сили се продолжена рака на политиката

Jan 18 2001
(0) Comments

18.01.2002 (петок)
Интервју на потпретседателот на НДМ Трпко Спасовски за Македонско Сонце (новинар: Анита Димова)

МС: Господине Спасовски, по што ќе ја паметите Вие минатата 2001 година?

СПАСОВСКИ: Секако по војната што ни случи и катастрофално лошото справување со истата, како и македонското неединство, дури и во вака тешка состојба. Обично кога човек сака да се потсети на случувањата во минатата година, нормално е да ги издвои убавите работи.

За жал и во буквална смисла јас не можам да издвојам, ама баш ништо убаво што се случило во државата. Тоа беше година на недефинирана војна за РМ, но и тоа како дефинирана за режисерите и организаторите однадвор и одвнатре. Година на парадокси – етнички чистења, бегалци во сопствена држава, непотребни жртви, најчесто заради пропусти и негрижи на одговорните. Несфатливо лоши политички и воени проценки и погрешни одлуки, на катастрофална неодговорност на одговорните итн.

Посебно 2001 ќe ја паметам по катастрофалното неединство на оние кои треба да го градат и националното и државното. Се наоѓаме во ситуација кога државата ни се распаѓа, а политичките партии и политичарите се караат, се препукуваат, обвинуваат и докажуваат кој е патриот, а кој предавник. Не се знае кој е за мир, кој за војна. Улогите ги менуваат во зависност од менторите и ветувањата. Кошмар. Несфатливо, не можеме да се обединиме ни пред најсветото за нас – државата. Војна се води, луѓе гинат, насилно етнички се чистат цели села, се рушат објекти, куќи, сакрални зданија, младите масовно бараат иселенички визи, а партиите и персоните во власта се борат едни како да постанат, а други како да се одржат на власт. Како во матно да се “лапне” фотелја, да се земе провизија, да се заграби од приватизацијата, делче или целина, што за себе, што за партијата. Разни политички комбинаторики, кулминација на политичката проституција. Луѓе на кои до вчера сме им верувале, преку ноќ се менуваат, се соголуваат пред сопствениот народ, само да се седне во некоја фотелја. Несфатливо. Кој е и каков е тој ментален склоп на оваа фела што (божемно) се бави со политика?

Минатата 2001 година ќе ја паметам по тоа што дефинитивно се уверив дека во Македонија немаме државник и политичар, туку само политиканти.

ПОЛИТИКАТА

МС: Колку воените случувања во Македонија се во согласност со какви било меѓународни норми, односно Ваш коментар на она што стана наше секојдневие?

СПАСОВСКИ: Воените случувања кај нас немаат врска со какви било меѓународни норми. Покрај јасните определби на ООН за правата на државите за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет, нам ни се поставуваат разни услови во остварувањето на нашето легитимно право. И ние самите имаме заслуга за тоа.

Случувањата во нашата држава се и последица на одредени надворешни и внатрешни интереси. Нам што ни се случи не е ни ненадејно ни неочекувано, не е ниту од осамостојувањето, па наваму. Корените се многу подлабоки и од поодамна – таму некаде од Првата призренска лига. Тоа што ни се случи и што ни се случува, а ако така продолжиме да се однесуваме кон сопствената држава (кој во клин, кој во плоча) и во иднина ќе ни се случува, е во нас самите. Нашиот човек штом ќе дојде на власт, веднаш размислува за својот џеб и како побрзо да се “нафатира”. Десет само повторуваме како без истрелан куршум да се избориме за самостојност, како сме оаза на мирот и истите ни поминаа во комодитет. Наместо, како секој добар домаќин, прво да си ја оградиме нивата за да ја заштитиме од несакани посетители, ние, односно политиката, тежиштето го насочи кон други (секако важни) цели. Не е доволно само да се има армија на број и да биде патриотски настроена (што впрочем и се докажа). Таа Армија требаше да се вооружи со модерно оружје, да се опреми, да се обучи, да се создаде ефикасен мобилизациски систем, кон припадниците на Армијата да се изгради респективен однос, да се размислува за статусот и статусните прашања на тие луѓе. Дали политиката и државата го сторија тоа?

Една мала дигресија која се однесува на статусните прашања: еден млад прекрасен старешина, капетан, перспективен, способен, оженет, сопругата невработена, две мали деца. Тој старешина девет годнни живее во хотелска соба. Капетанот летоска загина за Македонија. Слушам сопругата скоро ја вработиле. Шуќур. Сериозна држава не смее вака да се однесува кон Армијата и кон нејзините припадници.

Пропуштени се 10 години и тоа не може да се надомести. Но, затоа сега треба да се извлечат поуки и да се преземат енергични чекори да направиме одбранбено способна држава. Ако и сега тоа не го сториме, пак ќе ни се случи ова што ни се случува, ќе заглавиме во некои пилот-планови за влез на сопствена територија, ќе преговараме, ќе молиме и ќе се жалиме на некои си претставници на месни заедници во потшарпланинието, што е наше секојдневие.

МС: Што мислите за воспоставената одбранбена стратегија? Дали таа требаше да биде офанзивна или одбранбена?

СПАСОВСКИ: Секоја држава си определува сопствена стратегија за одбрана. Нашата стратегија, на хартија е ставена во 1998 година. Офанзивното и одбранбеното во секоја стратегија се преплетува. Одбраната се остварува со одбранбени и офанзивни дејствија. Тука нема ништо спорно. Во нашата стратегија не се проблематизира ситуација во каква што се најдовме ние. Веќе кога се најдовме во ваква “каша”, политиката мораше да реагира многу брзо и одлучно. Целите и задачите на вооружените сили ги определува политиката. Вооружените сили се само продолжена рака на политиката. Нашата политика не го дефинира противникот ниту ги одреди вистинските цели и задачи. Таа практично не знаеше што да прави со Армијата и што да бара од неа. Дали е тоа поради интерни политички договори на коалиционите партнери или не, дали поради нестручност и незнаење, дали поради недоволна верба во Армијата – историјата ќе го каже тоа. Ние се соочивме со невидено и несфатливо неединство во државниот врв. Дојде до кавга дури и меѓу министрите на двете клучни министерства (внатрешни и одбрана) околу надлежностите. Наместо да се впрегнат сите расположиви сили и средства да се брани државата се изгуби драгоцено време во расправии. Противникот тоа вешто го искористи и ги прошири “своите” зони.

Сигурен сум, иако безбедносните сили беа недоволно обучени и опремени за вакво војување, успешно ќе ја извршеа задачата ако имаше одлучни и смели луѓе во државниот врв кои ќе наредеа да се брани државата со сите сили и средства. Покрај сите забелешки кои ги имам кон воениот врв, имам и полно разбирање за ситуацијата во која се најдоа. Замислете, врховниот командант, кој треба да го охрабри својот народ во тешките моменти и да му влее оптимизам и да го подига моралот на Армијата и населението, им се обраќа на насобраните тетовчани пред Собранието на РМ кои скандираат “Сакаме оружје”, дека ако им даде оружје половина од нив ќе побегнат. Тој, како Претседател, не смее тоа да го каже.

Изгубените територии, кои сега се трудиме со други средства да ги повратиме, не се изгубени од безбедносните сили, туку од политиката. Ние можеме да имаме фанатисти на стратегија за одбрана, ако нема кој да нареди да се брани државата, залудно е. Војнички речено, подобро е и најлошата наредба да се изврши, отколку најдобрата да не се изврши. Очигледно некој некому нешто за некаква услуга должи.

МС: Во тој контекст, како треба да биде конципирана македонската одбрана?

СПАСОВСКИ: Веројатно концепцијата на одбраната на државата ќе претрпи измени. Ако е за памет, мислам дека сме сега попаметни, но за тоа плативме висока цена. Од поодамна е јасно дека на државата не и се заканува опасност од надвор (а и ако постои закана, таа е минимална), туку одвнатре. Уважувајќи на овој момент, ние треба во периодот кој е пред нас, уште побрзо да одиме во професионализација на Армијата, според мене во однос 75- 80 отсто во полза на професионалците, а 20-25 отсто регрутен систем. Армијата технички да се доопреми со модерни борбени средства, потребни се промени и во мобилизацискиот систем. Не е тајна дека во 2001 година тука имаше доста проблеми. Паралелно со тоа важно прашање е решавањето на статусните прашања на воените лица. Мора многу повеќе да се стори за да се заштити достоинството на воениот позив. Денес многу старешини, за да ги задоволат основните животни потреби, се бават и со дополнителни дејности.

ЕДИНСТВОТО

МС: Како човек од армиските редови, што мислите, колку АРМ беше и е подготвена да се соочи со една ваква недефинирана сила?

СПАСОВСКИ: За жал, АРМ не беше подготвена да се соочи со една ваква, како што велите вие, недефинирана сила. Кога пукна Танушевци, АРМ беше во полн ек на реорганизација. Основната преокупација на АРМ беше насочена кон таа задача.

Покрај тоа, АРМ беше зафатена и со изработка на неколку закони од воената сфера и традиционално со кадровски комбинаторики (ова последново, инаку, беше многу штетно). Квалитетот е последна категорија, односно не е услов за висок чин и високо формациско место. А од кога дојдоа на власт “променетиве”, партиската припадност е важен фактор.

Да заклучам, Армијата се бавеше со самата себеси и со сопствените интерни проблеми. Секако со добра желба и намера да постане ефикасна и респективна одбранбена сила за сопствената држава, но и за потребите на НАТО. Зошто АРМ се најде неподготвена да се соочи со предизвикот? Знаете, задачите на Армијата се дефинирани од политиката на државата. А нашата власт уживаше во “релаксираните” меѓуетнички односи и се беше под контрола до Групчин од едниот коалиционен партнер (македонскиот) и од Групчин од другиот (албанскиот). Да не беше така и да се водеше реална политика во нашата држава, сигурен сум дека и АРМ ќе беше многу поподготвена.

Силата беше и дефинирана и видлива. Што некој тоа не сакаше да го види е негов проблем, но последиците се катастрофални за државата и за народот. Тоа беа и се организирани герилски воени формации од наши граѓани. Точно е само тоа дека иницијалната каписла беше Косово и дека имаше доброволци од тој протекторат на ООН. Првичниот состав на овие герилски воени формации беа истите граѓани на Македонија што доброволно се приклучија на ОВК на Косово, таму го “испекоа” занаетот и според плановите, по завршувањето на војната во Косово, пристапија кон втората фаза за реализација на големоалбанската идеја во Јужна Србија и во Македонија. Нашите органи ги имаа тие планови, а за истите се пишуваше и во весниците. Сите знаеја, само власта “не знаеше”. А зошто “не знаеја” брзо се покажа со картата за размена на територии и луѓе, односно за поделба на Македонија.

МС: Во иста насока, дали можеби Вие имате дефиниција на силите што ја нападнаа Република Македонија и дали нашата држава имаше модел за заштита од масовен тероризам?

СПАСОВСКИ: РМ немаше модел за заштита од масовен тероризам, иако за мене, веќе реков, дека ова не се недефинирани, туку герилски воени формации со сите нишани. Тероризмот беше како вовед во војната: провоцирање на полицијата, бомбашките напади врз полициски станици и сл. Тоа беше во суштина испробување на безбедносниот систем на државата.

Тие сили беа организирани и раководени од еден штаб, во униформи со сите белези, формирана во воени единици од одделение до бригада со имиња и броеви со логистика и друго. Беа добро и модерно вооружени, дејствуваа плански, навремено извршија подготовка на теренот, го подготвија населението за тоа што претстои итн., а што во време на воените дејствија и во време на примирјата применуваа терористички акции, киднапирања, убиства на невини луѓе, силувања, палења не е ништо ново и непознато досега. Иако немавме модел за заштита од “масовен тероризам”, можевме успешно да ги разбиеме и поразиме тие сили. Проблемот беше во неединството на оние што мораа единствено да пристапат кон одбраната на државата.

Војната ни беше наметната од надвор користејќи го внатрешниот фактор со цел да се стави македонскиот народ на колена и да се принуди да ја редефинира својата држава според желбите на албанскиот фактор. Однесувањето на нашата политика сето тоа го овозможи и доведе до потпишување на понижувачкиот Рамковен договор.

МС: Да го расчлениме и проблемот со раководењето и командувањето со безбедносните, односно одбранбените сили?

СПАСОВСКИ: Проблемот со раководењето и командувањето е стар колку што е стара и нашата Армија. По тоа прашање изби судир уште во 1993 година помеѓу тогашниот началник на ГШ, генерал Митре Арсовски, и тогашниот и сега актуелен министер за одбрана, д- р Владо Поповски.

Раководењето и командувањето се темелат на принципите на едностарешинство и субординација. Проблемот со раководењето и командувањето со АРМ дури беше и предмет на расправа во Уставниот суд на РМ. Тој проблсм, мислам дека е вештачки и од некои неоправдани стравувања на политиката од војската и има тешки последици кои се покажаа и во оваа војна. Врховниот командант (Трајковски) наредил АРМ да го расчисти патот на потегот Тетово- Јажинце, а министерот за одбрана (Бучковски) ја стопира оваа наредба (така барем беше објавено). И наредбата не е извршена. Тоа е двојство во командувањето. Последиците се чувствуваат и денес од неизвршената наредба. Тој проблем мора да се надмине за доброто на државата.

МС: Со оглед на моменталната состојба во државава, многумина не ни предвидуваат розова иднина. Ќе има ли, според Вас, пролетна терористичка офанзива и како да се реагира во таков случај?

СПАСОВСКИ: Дали ќе има пролетна терористичка офанзива или не, зависи од повеќе фактори. Но, основно е дали тие што се одговорни за државата, и што (како така) ја водат низ овие искушенија, извлекоа некои поуки од досегашните случувања. Ако државата биде подготвена да одговори на сите предизвици, потешко некој ќе се реши да влегува во воена авантура. Нашата добра подготвеност може да биде во функција на одвраќање. За жал, и денес по се што ни се случи и што ни се случува, и власта и опозицијата не најдоа заеднички јазик по најсветите прашања за нашата иднина. И едните и другите своите потези ги креираат според претстојните избори. Ако се продолжи вака, иднината воопшто не ни е нималку розова. Евентуалната пролетна офанзива зависи од нашата подготвеност и пред се од нашето единство кое треба конечно да профункционира, ако сакаме да ја сочуваме Македонија.

МС: Кои се Вашите визии за брза и ефикасна македонска Армија?

СПАСОВСКИ: Со започнувањето на воените дејствија, во АРМ беа прекинати процесите за реорганизација и преформација. Деновиве од таму се најавува продолжување со тие активности. Мора брзо и во од да се завршат тие процеси, за да не се најдеме во ситуација како минатата година. Верувам дека така ќе биде. Охрабруваат некои потези кои се преземаат во АРМ. Само во сето тоа да не се мешаат партиите. Тие конечно треба да дозволат во АРМ квалитетот да биде мерило, а не партиската припадност.

Армијата треба, според мене да биде од бригаден состав (две бригади се премалку, пет не се многу) со бројни специјални единици, добро логистички опремена, вооружена со софистицирано оружје и техника и подготвена за брзо реагирање во кое било време и на кое било место. Државата од корен треба да го промени односот кон својата Армија и ВООПШТО кон одбранбените сили, а не да се создава подвоеност меѓу Армијата и полицијата. Паралелно со реорганизацијата, потребно е да се заокружи законската регулатива во одбраната која ќе му даде шанса на професионализмот.

Законска регулатива која во напредувањето на старешините ќе даде шанса на сите подеднакво, а квалитетот ќе го стори своето. И да додадам, ако македонскиот фактор не се сплоти и не изгради единствени ставови за виталните интереси на државата, бадијала ќе биде се друго. Нашата судбина е во нашата сплотеност и единство. Во спротивно, иднината ќе ни ја кројат други според нивните интереси.