janko_bacev

Македонските патриоти беа „местени„ од владата

Oct 16 2002
(0) Comments

16.10.2002 (среда)
Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Сведок (новинар: Розита Закева) 

Господин Јанко Бачев по професија е дипломиран правник со положен правосуден испит, а негова специјалност е меѓународно право и меѓународна политика. Од 1994 година работи во Министерството за внатрешни работи, односно во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање. До неодамна беше и началник на ДБК. 

♦ Сведок: Бевте началник во ДБК, кои се причините што повеќе не ја извршувате оваа функција?

• Бачев: Кога решив да ја создадам партијата Народно движење за Макеоднија, во ноември 2001 година, се уште бев началник во ДБК. Јас и моите сопартијци работевме многу внимателно и низ цела Македонија прво направивме една добра база, а во мај 2002 година беше одржано и Основачкото собрание на Партијата.

Потоа, на моето работно место се случија некои проблеми. Директорот во ДБК, Никола Спасески, и други, тргнаа многу безобразно кон мене, упаднаа во мојата канцеларија, искршија некои работи, однесоа материјали… но, јас бев спремен да си одам. После ова поднесов тужба во Основниот суд Скопје 1 – и сега околу моето работно место се води судски спор.

♦ Сведок: Што беше причина и поттик да се одлучите на ваков чекор, т.е. да формирате политичка партија?

• Бачев: Бев на многу убаво работно место , со висока плата и бенефиции, што значи можев мирно да си седам и да ги уживам сите привилегии. Но, во еден период кај мене се појави револт, така што ако продолжев да седам во таа служба требаше да бидам соучесник во многу работи.

Идејата за влегување во политиката и формирањето партија, кај мене се појави уште пред две-три години, поточно во 1999 година, кога имаше акции за приведување на македонските директори, т.е. кога имаше упади во фирмите.

Во тоа време, јас го водев тимот во ДБК, а Љубе Бошковски беше заменик-директор во ДБК. При акцијата приведовме дури 42 директора. Тврдам дека приведувањето на сите директори беа основани, затоа што за нив имаше едн куп доказен материјал, кој говореше дека овие луѓе украле многу пари од државата, од народот… Штетата која ја направиле овие директори изнесуваше околу 100 милиони евра. Сите верувавме дека ќе има судски постапки и дека тие луѓе ќе завршат онака како што е пропишано во Законот на оваа држава. Доколку не можеа да ги вратат проневерените пари можеше да им се конфискува имотот, бидејќи Кривичниот законик тоа го дозволува.

Но, тогаш, премиерот Љубчо Георгиевски направи една нова стратегија со своите најдобри „играчи„: покојниот Пане Велев, Сашко Станиниов, Љубе Бошковски… Тргнаа да ги рекетираат директорите. Сето ова беше со едно објаснување на Љубчо дека нема аир да се затвораат. Всушност, од тие пари се збогати ВМРО-ДПМНЕ. Во тој период, Премиерот седеше во Владата, а овие со полни куфери и чанти му носеа пари. Луѓето си ја „купуваа„ слободата!!!

Целата акција пада кога беше поставена заседа кај село Кадрифаково, за апсење на Методија Смиленски, познат бизнисмен кој без пари ја купи „пола„ Македонија. Бевме шокирани кога видовме дека со него во „мерцедесот„ седи Љубчо и му сече лентата на фабриката за зејтин.

Тоа беше првиот момент кога кај мене се створи револт, бидејќи не можев да замислам да рекетирам некого.

♦ Сведок: Дали акциите беа изведени професионално?

• Бачев: Да, сите упади беа поткрепени со судски налози. Само Зинго се жалеше дека со врски сме зеле налог од судијата, но тоа не беше точно, бидејќи за него имаше докази со вреќи. Но и Зинго, како и преостанатите, си ја „купи„ слободата.

СЦЕНАРИО

♦ Сведок: Тврдите дека и претседателските избори биле лажирани. Дали се беше смислено сценарио со однапред познат крај?

• Бачев: Да. Вториот момент којшто ме изреволтира беше во времето на претседателските избори. Можам да го потврдам тоа дека изборите беа лажирани. Трајковски, од Албанците доби 198.000 гласови.

Љубе Бошковски сакаше јас да го водам тимот за лажирање на изборите во Западна Макеоднија, но јас не сакав да го сторам тоа.

Сега, иако народот го одбра СДСМ, мислејќи дека ова е единстениот начин да се симне власта, сигурен сум дека повторно ќе се разочара. Работите ќе си одат во веќе познатата насока. Не сакам да прејудицирам, но и овие ништо нема да направат.

♦ Сведок: Дали и минатогодишната војна беше смислено сценарио на луѓето од власта?

• Бачев: Понудата за лажирање на претседателските збори ја одбив, но дефинитивно бев решен да си одам кога видов дека има документи со сценарио за растурање на државата. Тоа требаше да се случи во 2005 година. Сценариото е дело на двајца политичари во Владата, кои се уште се актуелни, а играат по диктат на две соседни разузнавачки служби.

Јас најодговорно тврдам дека македонската војска и полиција, за 24 часа можеа да го решат проблемот.

Зошто, ние како држава, дозволивме од терористи да напредуваат во бунтовници, а на крај да се прокламираат и како борци за слобода, тоа ќе го покаже историјата. Факт е дека војната ја изгубивме и на политички и на дипломатски, па ако сакате и на воен план. Се уште се прашувам како е можно 1.500 терористи, условно кажано, да поразат 30.000 македонска војска.

Но, сценариото во кое не втурнаа овие политичари, не дозволи справување со бандидите. Всушност, сите работи се резултат на внатрешни слабости и немање релации за координираност. Како пример ќе го наведам Арачиново. Од недоразбирањата и некоординираноста во македонскатта Влада, таму загинаа тројца полицајци од топовска граната на АРМ, која не им ги знаеше координатите, што значи дека македонски војници и полицајци се испотепаа меѓу себе – тоа е трагично.

Без разлика на тоа што Љубчо плаче дека Америка не ги сакала Македонците, а ги сакала Албанците, фактите говорат дека тоа не е така. На една средба меѓу Буш и Трајковски, на нашиот претседател му било речено: „Господине Трајковски, Танушевци е ваш проблем и има да го решите како знаете и умеете„

Подецидна подршка од оваа – здравје!

♦ Сведок: Откаде Ви се неодамна пласираните сознанија дека знаете што се случило со 12-те исчезнати, односно киднапираните лица од страна на ОНА?

• Бачев: Да појаснам. Тоа се оперативни сознанија, но, ако се сака, може да послужат и како доказ. Тоа се сознанија добиени од два извора. Првиот е лице Албанец кое е во оперативен однос со ДБК, а другиот извор е резултат од оперативните активности на ДБК.

При информативен разговор со едн припадник на ОНА, кој што бил во раководниот кадар, констатирано е дека изјавите на овие двајца се идентични. И двајацата го посочија убиецот – егзекутор на шесте киднапирани. Тоа лице сега е во политиката. Се знае дека овој човек половина од нив ги убил, а за другите наредил да се префрлат во Косово. Дали се уште се живи, не можам да потврдам.

♦ Сведок: Зошто досега се молчеше и зошто овие сознанија не се изнесоа пред семејствата на киднапираните?

• Бачев: Овие сознанија се од поодамна, но мое мислење е дека ДПА и ВМРО-ДПМНЕ не претпоставуваа дека ќе ги изгубат изборите. Може да претпоставите колку голема гужва ќе се создаде ако се уапси висок функционер на ДПА. Всушност, сознанијата говорат дека тој бил командант на ОНА и убил шестмина од киднапираните. Но, причините поради кои не се апси, најверојатно се политички. Доколку го уапсат, ќе одговара и во Хаг и пред нашиот суд. Но, семјствата не ги интересира дали тој „некој„ ќе одгвовара во Хаг, во Основниот суд во Скопје или во Тетово…, нив ги интересира каква е судбината на нивните роднини. Сега, по информацијата, роднините прават напори да стапат во контакт со најповиканите во МВР, но жално е што сите се прават наудрени и со денови никој не ги прима. Јас сум подготвен да им помогнам. Новиот манадатар им ветил дека на првата седница на Владата ќе се расправа за тоа – ако е така, јас стојам зад тоа да ги кажам овие работи.

КАРПАЛАК

♦ Сведок: Тврдите дека и инцидентот кај Карпалак можел да биде избегнат. За што станува збор?

• Бачев: Бев јасен! Тврдам дека убиец на десетте војници кои загинаа кај Карпалак е македонската Влада. Иако сега се правдаат, тоа е со цел да ја замаглат вистината. Кај Карпалак, војниците загинаа на осми август 2001 година. Во ДБК, на трети или четври јули се добија сознанија за активностите на една терористичка банда од 15 луѓе, коишто „оперираа„ токму на таа локација. Се знаеше дека групата е составена од наркозависници кои преку ден се позицираа по околните ридови, а навечер се повлекуваа во соседните села кај своите јатаци. Службата толку добро си ја заврши работата, што ние остваривме и контакт со таа терористичка група, уфрлувајќи наш соработник. Е сега замислете, да го знаете ова 40 денови и да ви загинат луѓе… Катастрофа!!! Сознанија имаше, а ништо не се презеде.

♦ Сведок: Зошто?

• Бачев: По хиерархија, ДБК ги известува сите органи кои треба да имаат вакви сознанија, но зошто ништо не е преземено, не знам. Во Кривичниот законик на РМ има кривично дело за несторување. Тоа е многу тешко кривично дело. Треба секој да си ја преземе одговрноста, затоа што има материјал за се.

И за овој случај кажуваме дека некој треба да реагира. Јавно го повикуваме Јавниот обвинител да дојде за да му се кажат сите документи, докази од МВР, но бидејќи Ставре Џиков е сервилен, не можеме тоа да го очекуваме. Дека постоеше некоординираност во Владата за нацинален спас потврува и загинувањето на тројца полицајци, кога тргнаа да ги откопуваат гробниците. Горан Митевски, претходната вечер јавно ја кажа целата шема. И кога тргнаа, тројца полицајци загинаа.

♦ Сведок: Изнесувате сериозни обвинувања. Се плашите ли од какви било реперкусии?

• Бачев: По професија сум правник и многу добро знам што значи, ако не ја кажуваш вистината. Сето тоа подлежи на санкции, а јас стојам зад ова што го кажувам. Ќе ми биде големо задоволство да има соодветна постапка, но, за жал, во оваа држава поимот правна држава е мисловна именка.

Во сите мои изјави настапувам со име и презиме, а ако има кривична одговорност подготвен сум да ја сносам. Сите изјави не се од анонимен извор, туку се од мене.

♦ Сведок: Имавте ли воопшто притисок за молчење и затскривање на вистината?

• Бачев: Во текот на предизборната кампања имав многу притисоци: едно приведување во Гевгелија, во Кавадарци имавме упад на полицајци на седница на нашата младинска организација, мојот телефон е под контрола… Но, многу работи во оваа држава се контролирани, па ова што ми се случува мене, воопшто не ме загрижува.