karpalak

За терористите кај Карпалак го известивме Бучковски 40 дена пред злоссторството

Aug 12 2005
(0) Comments

12.08.2005 (петок)
Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Фокус (новинар: дарко Јаневски) 

Управата за безбедност и контраразузнавање имаше податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од 15 лица кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно населено место со целосно албанско население.

УБК успеа да уфли свој човек-соработник во терористичката група, а при едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, оперативци на МВР дури и го посетија ова место и извршија снимање и увид на локацијата. Исто така, преку вградениот соработник се изврши и комплетна идентификација на терористичката група. Сето ова му беше доаставено на Министерството за одбрана со кое раководеше Бучковски, тврди Бачев.

Оваа недела, поточно на 8 август се навршија четири години од загинувањето на 10 македонски бранители кај месноста Карпалак, а објаснувањето за нивната смрт и овој пат како и досега во македонската јавност, и од страна на официјалните органи се сведе на тоа дека се убиени во заседа од албанските терористи, дека постоеле одредени технички пропусти во организацијата на конвојот на бранителите кон Тетово, и толку.  Но работите не стојат така, и во ова прилика во врска со овој случај сакам да укажам на одредени податоци со кои во тоа време располагавме ние, во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а кои за разлика од официјалната верзија даваат поинаква светлина на настанот, тврди Јанко Бачев, претседател на Народно движење за Македонија и дел од опозиционата коалиција „За подобра Макеоднија„ кој во време на случувањата кај Карпалак беше функционер во УБК.

МИНИСТЕРСТВОТО ЗНАЕШЕ

Според Бачев, убиството кај Карпалак најверојатно е наменски конструирано непосредно пред потпишувањето на т.н. Рамковен договор како дефинитивно би се отстраниле сите колебања околу потпишувањето на договорот, со истовремено задоволување на одредени теснопартиски и лични интереси на еден дел од тогашната македонска Влада.

– Од оперативните податоци што ги обезбедивме во УБК, јасно се гледа дека одговорноста за убиството кај Карпалак треба да се бара кај Владо Бучковски како тогашен министер за одбрана. Загинувањето на бранителите се случи на 8 август 2001, а пред тоа, односно во почетокот на јули 2001, значи цели четириесет денови пред настанот, УБК имаше податоци врз основа на кои се знаеше дека на ридот од каде се пукаше врз конвојотсе наоѓа вооружена група од 15 лица кои преку ден беа присутни во ископаните ровови, а ноќта се повлекуваа кај свои јатаци во едно соседно населено место со целосно албанско население. УБК перфектно го работеше овој случај и успеа дури да уфрли свој човек-соработник во терористичката група, а при едно нивно вообичаено ноќно повлекување кај јатаците, оперативци на МВР дури и го посетија ова место и извршија снимање и увид на локацијата. Исто така, преку вградениот соработник се изврши и комплетна идентификација на терористичката група, по што од оперативните евиденции на МВР се виде дека овие лица се всушност најобични криминалци и наркомани кои од поодамна и се познати на полицијата.

По ова, УБК согласно правилата за соработка на безбедносните органи во државата, преку МВР ги достави овие информации за натамошно постапување до Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана (МО), а отаму и до Владо Бучковски како министер за одбрана. Но, министерот Бучковски (во оваа прилика нема да се впуштам во анализа на причините) не презеде ништо во врска со ова, иако четириесет дена ги имаше потребните информации за соодветно делување. Трагедијата сигурно ќе беше спречена ако Бучковски дозволеше само еден прелет на армиски хеликоптер по што терористичката група практично ќе беше збришана, бидејќи прецизно се знаеја сите битни елементи како локација, време и начин на движење, вооруженост, распореденост, бројноста на групата и слично, вели Бачев.

НЕ Е САМО КАРПАЛАК

Во прилог на тезата за вината на тогашното МО за настанот кај Карпалак, според Бачев, говорат и следните факти: со наредба во МО се приземјени армиските хеликоптери; сегашниот функционер во МВР (актуелниот директор на УБК, Миле Зечевиќ – н.з.) тогашен близок соработник на Бучковски во МО, во време на војната беше врската меѓу шефот на тогашната опозиција Бранко Црвенковски и водачот на ОНА, Али Ахмети, што е еден од доказите дека уште тогаш на најперфиден начин се преговарало за преземањето на власта; пред убиството е отстранет безбедносниот пункт на автопатот Скопје – Тетово во близина кај Карпалак и слично.

– Од сето ова, очигледно е дека Владо Бучковски како министер за одбрана во овој случај пропуштил одредено сторување што бил должен да го изврши за да ја спречи трагичната последица- загинувањето на бранителите кај Карпалак, а ова пак согласно Кривичниот законик на РМ повлекува кривично-правна одговорност и јавниот обвинител како најповикан би требало да иницира кривично гонење за негова инволвираност во убиството кај Карпалак, па потоа нека ценат дали ќе се примени Законот за амнестија. Вака би требало да се решаваат работите во една правна држава, но, во услови кога државните институции вклучително и јавниот обвинител се целосно партизирани, илузорно е да се очекува вакво нешто. Можеби среќна околност е фактот што самиот Бучковски пред некој дена излезе во јавноста и се пофали дека досега имал поднесено дванаесет приватни кривични тужби и речиси сите процеси ги добил, па останува надеж дека јас ќе бидам тринаесетиот кому ќе му биде поднесена пријава и македонските граѓани ќе добијат можност преку судска процедура да ја слушнат вистината за Карпалак и другите настани како на пример Вејце, па убиството на тројцата полицијаци при опсадата на Арачиново кои беа усмртени од граната на македонската армија, и слични настани, каде одредени агресивни демагози во македонската Влада во 2001, единствено залудени од личната промоција и желбата за власт, моќ и профит, оставија свој личен белег врз разградувањето на државата со калкулантското местење на своите бранители, тврди Бачев.

ЗА ТЕРОРИСТ 2 МИЛИОНА, ЗА БРАНИТЕЛ 2.500 ЕВРА

Тој реагира и на постапката во која преживеаните и семејствата на загинатите мака мачат да ја наплатат “отштетата” од државата. Според него, актуелната власт и понатаму си поигрува со достоинството на бранителите со неисплаќањето на и онака смешната отштета од “дури 2.500 до 3.000 евра”, перфидно затскривајќи се зад наводни судски процедури.

– Во овој контекст сакам само да го илустрирам случајот кога пред извесно време во посета на македонските институции беше една контроверзна личност која се претстави како адвокат на семејствата на загинатите пакистанските терористи кај Раштански Лозја. Иако небитно за овој разговор, попатно сакам да спомнам дека ова лице воопшто не е адвокат, туку беше смислено пуштен во тој момент од своите ментори со кои е во соработничка врска на разузнавачка служба на една моќна странска земја. Но поентата ми е во тоа што после неговата средба во Министерството за надворешни работи на РМ каде побара отштета од 14 милиони долари за наводното смислено убиство на пакистанските терорисити, министерката Илинка Митрева изјави дека само да заврши судскиот процес за Раштански лозја и ќе се договори отштетата. Каква поразителна ситуација и човечка хипокризија од најдолен вид, бидејќи бранителите ќе се обештетуваат со по 2.500 евра, а за седумчлената терористичка група ликвидирана кај Раштански лозја која требаше да изведе терористички акции низ Скопје, нашата министерка најави дека ќе ги обештетува со по 2 милиони долари поединечно или вкупно 14 милиони долари отштета од државниот буџет. Невиден диспаритет и омаловажување или математички кажано, еден македонски бранител вреди 2.500 евра, а еден терорист – 2 милиони долари, вели Бачев.

ЧУДНИ АДВОКАТИ

За него, мошне индикативен е и фактот што во судскиот спор за обештетување заведен пред Основниот суд во Прилеп, еден од адвокатите на бранителите ја одбил неговата понуда доставена преку еден прилепски новинар да биде сведок во процесот што го водат семејствата како би можел да изнесе одредени податоци според кои расправата ќе добиела сосема поинаков тек во полза на бранителите како тужители.

– Деновиве слушаме изјави од бранителите во кои велат дека адвокатите во процесот правеле невообичаени грешки. Ова севкупно фрла поинаква светлина и на самиот процес, кој на крајот сепак ќе заврши “во полза” на бранителите, откако и на овој начин актуелната власт ќе се задоволи со нивно комплетно понижување, за на крајот со диригирана политичка одлука до судот да им се исплатат тие бедни 2.500 евра. Затоа, чуствувам обврска да придонесам да се разјасни кој и колку е одговорен за загинувањето кај Карпалак, и за севкупните нечисти работи за време на војната. Сметам дека криењето на вистината од сопствените граѓани е нешто најодвратно и непримерно. Поразителен е фактот што се уште отсустува сериозна државна анализа за настаните што се случија во 2001 година, како би можело да се дефинираат потребните солуции и проценки за во иднина, а можеби звучи парадоксално, но во овој момент, кога така убаво си живееме стабилно и во мир како што секојдневно ни кажува актуелната власт, не се мисли на ништо друго освен на повторно војување. Кусогледоста на актуелната власт и немањето капацитет за вистинско антиципирање на настаните се една од причините за неможноста сеопфатно да се согледаат актуелните настани кои се повеќе заличуваат на една состојба која слободно може да се нарече до Рамковниот договор и по него. Затоа, сакав отворено да прозборам за Карпалак, вели Бачев.