ndm-partiski-znak

Заживување на локалниот референдум

Mar 13 2009
(0) Comments

13.03.2009 (петок)
Интервју на Претседателот на НДМ, Јанко Бачев за Утрински весник (новинар: Снежана Калабакова) 

Доколку станете градоначалник, дали ќе се заложите за нов закон за Град Скопје?

Факт е дека постојната организација на Скопје е продукт на Рамковниот договор и територијалната организација што произлезе од овој договор.

Народно движење за Македонија смета дека Рамковниот договор е длабоко трауматичен за македонската национална свест. Но, во духот на моите заложби, одговорот на ова прашање ќе го дадат граѓаните на локален референдум уште во почеток на мојот мандат.

Каков е Вашиот став околу изградбата на трамвај и поставувањето споменици во центарот на градот?

Сметам дека сите постојни проблеми од локален интерес се едноставно решливи. За квалитетно функционирање е потребно само волја, чесност, одговорност и отчетност. Јас ќе се заложам за доследно заживување на заборавениот демократски институт – локален референдум кој досега на локално ниво не е применет ниту еднаш. За секое прашање од интерес на граѓаните ќе распишувам локален референдум. Можам да им ветам на граѓаните дека на референдум ќе одлучуваат за сите битни прашања. Значи, за трамвајот,за подземни премини, двокатни автобуси, споменици, но и за други прашања, ќе ги прашам граѓаните, бидејќи сето тоа ќе се работи со нивни пари.

Кои се Вашите најзначајни проекти што планирате да ги реализирате?

Ќе се заложам за драстично поголема стапка на локални даноци, такси и надоместоци за богатите граѓани, со цел на централно ниво да се воведе данок за богатите. Сметам дека со ова делумно ќе ја исправиме неправдата од неморалната приватизација, при што на легален начин ќе се овозможи во буџетот да се врати дел од нечесно приватизираното, кое пак дополнително ќе им се даде на граѓаните во форма на разни програми -здравство, социјална заштита, образование, спорт и слично. Понатаму, ќе се заложам за експропријација на градските пазари во корист на Градот Скопје. Македонија е веројатно единствена земја каде што пазарите се во приватна сопственост којашто е монопол заштитен од државата. Со враќање на пазарите на Градот, ќе нема потреба граѓаните што користат тезги да плаќаат такси за нивно користење.

image_print